Касиопеја Наумоска „Првите 30“

/, Галерија, Блесок бр. 149/Касиопеја Наумоска „Првите 30“

Касиопеја Наумоска „Првите 30“

Тешко е да се пишува за луѓе кои ги познаваш и ги сакаш!

Уште потешко е да се пишува за луѓе кои добро ги познаваш и многу ги сакаш!

Најтешко е да се пишува за луѓе кои и многу добро ги познаваш и бескрајно ги сакаш!

(Кога таквите луѓе уште и творат и создаваат дела, кога те пленат и кога те замолчуваат или кога ти провоцираат размисла, а патем, ти фрлаат светлина кон она што бескрајно го сакаш и мислиш дека многу добро го познаваш, тогаш пишувањето за таа личност и тој автор, станува навистина тешка задача.)  

Кога станува збор за пригодна реч по некаков повод, каков што е јубилејниов, 30 години творештво на Касиопеја Наумоска, чинам дека пишувањето станува просто невозможно остварлива мисија?! А, не е прв пат да пишувам за Каси!

Затоа што, Каси и јас последните 10 години од нејзиното плодно 30-годишно творештво, изнапишавме во нашиот заеднички месинџер, текстови колку за 3 пати по 30 години дружење и творење, веројатно водени од побудата да ги надокнадиме сите оние силни години во кои не се познававме лично.

Да, јас го познавам творештво на Каси од нејзините официјални авторски почетоци од раните 90-ти години од минатиот век и што би рекле во мојата Гевгелија (а токму таму се случи таа прва средба со нејзините дела) ние „се пикасавме“, од прва! А лично „се кликнавме“, со организацијата на нејзината прва самостојна изложба во нашиот КИЦ во Софија, пред 10 години и оттогаш не престанавме да „се кликнуваме“, секој ден потоа.  

Стотици и стотици дела кои сум имал задоволство и чест премиерно да ги видам и да им кумувам („Дај, Куме име!“), како и стотина мои текстови, најпрво поминале низ тој наш вжештен (од комуницирање, се разбира) месинџер! А на уште илјадници коментари, шеги, досетки, песни со рими и песни без рими и бисерни вицови, не им се знаел број?! А кога и тоа бескрајно мноштво од духовитости за миг би се исцрпел, така ентузијастички сме знаеле да им се навраќавме на старите добри заборавени хороскопи, колку да се потсетиме дека во еден декември од една дамнешна година, Каси требаше да биде „покосена од Аморова стрела, а јас требаше да бидам погоден по глава од телепринтер, факс, фотокопир или така нешто ?!“

Пишувајќи Ти ги овие редови текст, драга Каси, бидејќи јубилејов како повод МОРА да го испочитуваме, ми текнува дека никогаш, ама баш никогаш не сме се занимавале со бројки, скоро, во ниеден контекст! Никогаш не сме си отворале сметки и правеле пресметки, никогаш со кусури не сме се занимавале, нели?! Па, еве ни Каси, уште една неотворена тема, по повод „Твоите Први 30“ и тоа премиерно!

„30 го комбинира значењето на две компоненти, ова се броевите 3 и 0. Познато е дека вибрацијата на бројот 3 значи спонтаност, енергија, ентузијазам, шарм и комуникација. Бројот 0 ја комбинира енергијата на бесконечноста, целината, почетокот, продолжувањето и завршувањето во исто време“, ќе каже една група од посветени нумерозолози за симболиката на бројот 30!

(Се препознаваш ли во ова Каси, или да продолжам до првото следно јубилејно додавање нови бројки и нули, да Те потсетувам на таа совршена енергија што со леснотија треба да ги комбинира и подредува по Твоја волја – почетокот и крајот, бесконечноста, вечноста и моментот во кој живееш и твориш, празнината на сите нови затегнати платна и исполнетоста со која ќе заокружуваш целини од задоволства?!)  

Според друга, подеднакво убедлива група нумеролози, бројот 30 претставува идеална комбинација од креативност и комуникација. „Познато е“, велат од таа група, „дека овој број зрачи со харизматична енергија. Бројот 30 ја содржи моќната енергија на Јупитер во себе. Нулата го засилува креативниот талент на бројот Три!“.

(Можеш ли и со ова да не се согласиш Каси, дека има повеќе од обична симболика во „Твоите Први 30“?!)

Уште нешто малку, во име на тие стари добри мудрости за Уметникот и за Уметноста што не сме стасале да ги размениме во нашиот погоре споменат вжештен месинџер, еве, Ти ги оставам и овде, како грст бисерни мудрости  преку кои уште толку Те препознавам!

(Во спомен на телепринтерот што никогаш не ми падна на глава, телеграфски Ти ги сублимирам во една комплација и во еден здив!)

„Уметноста е единствената сериозна работа на овој свет. А уметникот е единствена личност која никогаш не е сериозна… Целта на уметноста е да ја открие уметноста и да го сокрие уметникот… Уметноста ни овозможува да се изгубиме и да се пронајдеме себеси, во исто време… Можеш да гледаш во некоја слика цела недела и потоа никогаш да не помислиш на неа. Можеш и само за миг да погледнеш во некоја слика и потоа цел живот да мислиш на неа… Уметностa е линијата околу твоите мисли… Да се биде уметник, значи да се верува во животот… Уметничкото дело е врeскот на слободата… Секое дете е уметник, проблемот е само дали ќе остане уметник кога ќе порасне!

 Во уметноста како и во љубовта, доволен е инстинктот… Да фрлиш светлина во срцeтo, тоа е повикот на уметноста… Силни причини создаваат силни дела!… Уметноста не е никогаш завршена, само за момент е напуштена… Одличниот уметник е најголемото благо на една нација…“

П.С. Да не заборавам?! Со оглед на тоа дека со „Твоите Први 30“ истовремено стануваш и два пати одлична (55?!), ред е јас да Ти кажам прв, во име на сите што Те сакаме и Те почитуваме -Ти си наше непроценливо лично и национално благо, Касиопеја Наумоска!

                                                                                                         Др. Васко Шутаров

2023-03-17T05:10:40+00:00 март 12th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 149|