Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

/, Галерија, Блесок бр. 113/Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

Од: Експресионизмот во македонското сликарство (во контекст на експресионизмот како перманентна уметничка појава)


Точно се определени и двата архетипа кај Георгиевски: Изгонувањето од рајот и Голгота. И за двата архетипа разрешницата што трае, и натаму како драма на светската тага, поставена е во Големиот инквизитор кај Достоевски, за тоа зошто и од кого настапило откажувањето, а со тоа и изгонувањето и Голготата на Христос. И зошто оние што тоа го извршиле – луѓето, потоа доброволно влегле во патот на Голготата што трае. Ако Достоевски е само мрачен и ништо друго, тогаш и Георгиевски е тоа. Но, не е така, и кај двацата. Човекот е свесен и донесува одлуки. Достоевски ја раскажал неговата одлука, а Георгиевски ја насликал. Сосема идентично, но со стилот на психоанализата, тоа го објаснува и Јунг. Како уметнички визии, мисловни метафори, ова се сосема реалистични раскажувања и сликања од личности кои ја користат истата азбука и зборови како и сите луѓе и истите бои и линии како и сите луѓе. Но нивниот распоред на зборовите е особен и тука се крие тајната на големите духови кои во еден расказ, во една слика допираат цели поглавја од живот.
Експресионизмот на Георгиевски не може да се определи во еден конкретен урнек. Но, тој има свои карактеристки кои како автентичен печат го обележуваат ова сликарство. Тоа е споменатата робустност од долгиот пат, и широкиот скулпторски и барокен драматичен колористички потез, кои ја потресуваат психата. Тоа е напнатиот ритмички цртеж кој функционира како во робустните дрвја, „полн со меморија на болката и егзистецијалната човечка агонија“ (Ефтим Клетников, ист каталог), и една меланхолија од која се најавува дека не е сосема заспана контемплативноста за излезот од агонијата, што не потсетува на Дирер и Ел Греко (Тој – 1993. Дон Кихот во Македонија -1992. и ликовите на Христос). Неговите слики се секогаш во ноќниот амбиент. Како да сакал уметникот да ги растовари измачените фигури барем од нивната телесност, оти „ноќта ја одзема телесноста, а денот душата“. Владимир Георгиевски во сликарството носи силен ангажман со целосен и типичен за маке донскиот експресионизам, уметнички спроведен одговор на времето. Ангажираност од висок вид, спроведена без и најмало отстапување од комплотно спроведената сликарска мајсторија. „Секоја духовна уметност претпоставува строга школа“, е нешто што е целосно демонстрирано од Георгиевски. Токму тоа може да се смета за посебна особеност на македонскиот експресионизам.

Темите на сликарството на Георгиевски се духовни модели со антрополошка присутност: човекот, лебот, старците, учителите, изгонувањето од рајот, голгота, распетија, вознесувањето Христово, Дон Кихот, низ заедничкиот знак на драматиката и трагичноста во постоењето. Ова е сликарство на сите минати и сите однапред пропаднати утопии за очовечувањето на човештвото, без што нема смисла ниту животот ниту уметноста. Отсуството на таа ненастапена убавина, ова сликарство ја претставува како трагична празнина во човекот. Затоа ова е експресионизам за духовната слика на времето, за разлика од претежно психолошката, невротично-напнатата егзистенцијална слика, која започна со германскиот експресионизам. Сепак, можеме да ги сублимираме здравите пораки на ова сликарство: распетието е човечка дејност, воскресението е божествена содржина во човекот.
Гипсените скулптури кои се одраз на истиот ликовен стил, се уникатни и како поеднинечни дела, а особено како целина која во иконостасна поставка делува катарзично, но и шокантно. Ова маркантно дело несфатливо, но останува несфатено, колку одамна требаше да биде вградено во некој, барем од ѕидовите на музејско- галериските или културните објекти. Во ваква изведба и ваква визија, ова е капитален скулпторски ансамбл во македонската уметност.

2018-12-13T11:20:22+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 113|