Одблизу и оддалеку

/, Галерија, Блесок бр. 59/Одблизу и оддалеку

Одблизу и оддалеку

Од каталогот кон изложбата во „Мала Галерија“ (10.04.–11.05.2008)

#1 Цртачкиот гест е навика на очекувањата. Во таа навика, јазикот на линијата е извесна намера, некаков дијаграм на свеста за она што допрва треба да се направи. Се разбира, ликовната намера може да се развие во ликовно дело, односно, цртачкиот медиум може да прерасне во ликовна дисциплина. Оваа преобразба е средишната тема на поновото творештво на сликарот Благоја Маневски (1957, Скопје). Поставката на авторот во просторот на Мала Галерија е проектна задача којашто е замислена за конкретниот амбиент. Следствено, цртежите на Маневски се градбени елементи на просторот, воопшто – како на душевниот, така и на оној, општествениот.
Моливот и хартијата ја чинат кревката материјална подлога којашто авторот ја претпочита во истражувањето на преодните состојби на ликовниот израз: од приватно кон јавно, од замисла кон дело, од некаква макета на стварноста до еден довршен проект на непредвидливото. #2 За да ги исполни техничките барања на проширеното толкување на цртежот, Маневски ја предлага модуларната, бездимензионална форма – онаа којашто е отворена во поглед на форматот и конфигурацијата на основните состојки. Содржините, пак, на оваа форма се предадени со макотрпната анализа на многукратните односи помеѓу линијата и тонот.
#3 Одблизу и оддалеку, од сложени состојби до едноставни решенија, од самиот живот до неговата слика – тоа е меѓупросторот во којшто Маневски се допира до прашањата на творечката веродостојност.

АвторБојан Иванов
2018-08-21T17:21:12+00:00 мај 10th, 2008|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 59|