Новиот и (не)познатиот Чемерски

/, Галерија, Блесок бр. 56/Новиот и (не)познатиот Чемерски

Новиот и (не)познатиот Чемерски

3.

Токму во ваков контекст се јавува оваа изложба на Чемерски, која што е повеќезначна и (би) треба(ло) да потенцира неколку битни аспекти.
#5 Пред сè, ова е изложба на еден (не)познат Чемерски, односно изложба на дела веќе претставувани ширум светот, но не и во Скопје, односно Македонија. Голем дел од нив се и создадени вон Македонија (во САД, Франција и др.), за време на неговите работни престои во тие земји. И тие се интересни по многу нешта. На пример, да се види како функционира „ликовната логика“ на Чемерски вон „сончевата Македонија“; или, многу слично, да се види што и како еманираат другите средини, другите потенцијални инспиративни изворишта во творештвото на уметникот; дали јаболкниците се еднакво впечатливи во преспанско и на Bald Head Island и дали, на пример, и сирените од овие простори се слични со охридските; како во далечните светови функционираат апокрифите и рицарите во нивната вечна борба со змиите6F итн.
#6 Од друга страна, оваа изложба паралелно прикажува два (нај)битни сегменти во ликовното творештво7F на Глигор Чемерски: сликарството и цртежот. Колку и да се различни во (условно) третманот, тие кај Чемерски безмалку идеално се надополнуваат, се преплетуваат, се дообјаснуваат …, при што цртежот не е „само почеток“ или „скица за …“ туку полнокрвно, автономно / автохтоно ликовно дело.
#7 На крајот, и оваа изложба на Глигор Чемерски треба дефинитивно да нè потсети / да ни укаже дека ни е неопходна посериозна, попродлабочена, културна политика (не само) во ликовната уметност. И оваа изложба, по кој знае кој пат, би требало да ни сугерира дека ни се неопходни репрезентативни, монографски, ретроспективни, луксузни … изданија / монографии за македонските уметници од форматот на Чемерски (и, се разбира, редица други!). Тоа не е обврска на уметникот туку долг на општеството, на државата кон него и кон неговата уметност! Само така Македонија ќе може да пледира на некакво место меѓу сериозните европски / светски културни држави!

4.

#8 Се разбира, покрај сето друго, она што во конкретниот случај е можеби најбитно е фактот дека пред нас гледаме еден навистина комплексен, енергичен, свеж, дури, на мигови, еуфоричен Чемерски. Неговото сликарство (а, тука мислам и на цртежот!) како да е во полна младешка сила – снажно и егзалтирано, искусно, но и истражувачко, рапсодиски звучно и колористички експлозивно – „една мошне строго контролирана бура во секогаш препознатлив ликовен ракопис“8F. Како што велел Писаро, како на светот да му ја раскажува тајната на сопственото творештво, а тој, светот, подготвено и очекувано се отвора за вистината.
#9 Поделбата на изложбата на (условно) два блока – слики и цртежи – не прејудицира ништо, но може да сугерира „нешто“. Може, на пример, да сугерира предизвик паралелно да се „оценуваат“, согледуваат, компарираат … обата медиуми. Или – да се согледуваат сосема изолирано, независно еден од друг. Се разбира, малку од ова навистина е можно зашто кај Чемерски цртежот е слика – сликата е цртеж! Не дека потписникот на овие редови не ги уважува разликите и не дека уметникот не ги знае и не ги почитува стојностите и спецификите на обете ликовни дисциплини. Но, сепак, овде, но и отсекогаш кај Чемерски, станува(ло) збор за уметност независно во која дисциплина / медиум е презентирана.
#10 Кај Чемерски, особено, овие разлики се безмалу незначителни, минимални. И повторно – кај Чемерски сликата е цртеж, а цртежот слика! Зашто многу слични (или исти) се елементарниот поттик и инспирацијата, внатрешната тензија и надворешното ехо, магијата на потегот и звукот на бојата. Впрочем, (работно) насловувајќи ја оваа изложба со „Раката гледа“, мислам дека Чемерски повторно ја сугерира токму таа врска внатре-надвор, поттик-реализација, импулс/мисла-потег итн. Зашто, во случајов, раката „ќе види“ сè што и душата, ќе изреагира на секој внатрешен импулс, ќе ја регистрира и потоа понатаму ќе ја пренесе (врз платното или хартијата, сеедно) возбудата на мислата или чувството, пленетоста од глетката или треперењето од доживеалицата! И токму таа рака на Чемерски во серии „ги гледа“: расцутените плодородни македонски јаболкници и во нив / низ нив подеднакво плодни еротизирани Еви; реминисценциите / синтезите од мозаичниот свет на Хераклеа Линкестис и во нив чудните, магични птици или црвениот Кербер, други диви животни или морската фауна; длабоко личните и често иронични доживувања на саканиот Охрид, охриѓаните / охриѓанките и охридските сирени; последниве години омилената тема на Св. Ѓорѓи и ламјата, односно Рицарот и Змијата, како можна персонификација на многу лични, но и колективни состојби, вечните теми на Доброто и Злото … итн. Всушност, темите се подеднакво застапени, подеднакво присутни и во сликите и во цртежите. Нема ексклузивитети, туку како да има примарно чувство, некаков вид искра која што блеснува во мигот на создавањето и се пренесува во медиумот – платното или хартијата. Оттука, забележливо е дека една тема / серија некако логично започнува во цртежот, па подоцна се трансформира, се шири и во сликата, но, и обратно – многу чест е случајот одделна тема / серија да биде иницирана прво во сликарството, па потоа истата да се појави третирана и во цртежот. Тоа уште еднаш ја потврдува тезата дека Чемерски не инсистира на примат на едната дисциплина пред другата, ниту, пак, може да стане збор за преферирање на сликарството пред цртежот, и обратно. Впрочем, историјата на уметноста потврдува дека тоа е така кај големите мајстори!

5.

#11 Сосема за крај, а нескриено восхитен од творечката енергија на уметникот, потписникот на овие редови смета дека е зрело времето за сериозно преиспитување на некои генерални ставови за повоената македонска ликовна уметност токму врз творештвото на уметници од рангот на Глигор Чемерски. Едновремено и за генерално преиспитување на односот на државата кон нивното творештво. Зашто „делото на Глигор Чемерски е единствено според личноста на авторот, според идеите и естетиката, според обемот и според моќта на творечкиот зафат“9F. И во таа насока, Чемерски е еден од малкуте, веќе денес високо вгнезден на самите врвови на историскиот контекст на македонската ликовна уметност, вистински македонски бард чие што творештво може да ни служи како естетски репер за повоеното македонско сликарство.

#b
6. На пример на изложбата во Музејот на уметноста во Фајетвил (Fayetville), САД, Чемерски изложил цели серии дела на темите: сирени од Bald Head Island, Рицарот и змијата, Apocrypha итн.
7. Не треба да се заборави дека Чемерски е сликар, цртач, графичар, мозаичар … есеист, естетичар, критичар…
8. Петре М. Андреевски, Големиот сонувач, предговор во каталог: Чемерски, Струшки вечери на поезијата, 1992
9. Д-р Кирил Темков, Творец на волшебни дела, (предговор во каталог) Чемерски, Музеј-Галерија Кавадарци, 2006, стр. 19

2018-08-21T17:21:16+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 56|