Некогаш Под, а некогаш За еден час

/, Галерија, Блесок бр. 31/Некогаш Под, а некогаш За еден час

Некогаш Под, а некогаш За еден час

(II) ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС

Режија и сценарио: Марк Романек;
Улоги:
Робин Вилијамс, Кони Нилсен, Мајкл Вартан, Дилан Смит…

#4 Во филмот ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС, Робин Вилијамс, уште еднаш во оваа сезона, по одличната улога во Несоница на Кристофер Нолан, отстапува од својата карартеристична појава како комичар, и ги покажува останатите капацитети на својот голем актерски талент. Вилијамс го игра Симор Сај Периш, целосно осамен и отуѓен постар човек кој ја работи репресивната, монотона работа во фотолабораторијата сместена во еден типичен трговски центар на едно типично американско предградие. Живеејќи потполно сам, поминувајќи ги вечерите затапено гледајќи телевизија, Сај ја идеализира младата, навидум совршена двојка Нина и Вил заедно со нивниот деветгодишен син Џејк. Неговата опсесивност со таа фамилија се развила до тој степен што Сај редовно развива копии од нивните фотографии за себе, правејќи цел зид од фотографски слики во неговиот дом, истовремено замисливајќи се себе си како фамилијарниот „вујко Сај“. Но неговата замисла за идеалната фамилија целосно пропаѓа во моментот кога преку фотографиите што ги развива, открива дека Вил ја изневерил сопругата со помлада девојка. Сај доживува целосен пресврт кога ќе ја изгуби работата, водејќи го сплетот на околности кон (не)очекуваната разврска…
#5 ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС, прикажан во официјална конкуренција на Sundance 2002, е авторско остварување на Марк Романек, режисер познат по своите одлични визуелни креации за Nine Inch Nails (спотот за химната Closer), Мадона (видео клип за Bedtime Stories), Лени Кравиц и многу други, креации кои дефинитивно го поместија начинот на правење и воопшто перцепцијата на модерните видео спотови како сериозна визуелна па и кинематографска дејност. Неговиот истенчен визуелен осет доаѓа до целосен израз во ова остварување. Потпомогнат од одличните соработници Џеф Кроненбет, директорот на фотографија на веќе култниот Боречки клуб на Дејвид Финчер, и продукцискиот дизајнер Том Фоден, познат по одлично завршената работа во психолошкиот трилер Ќелијата, режиран од Тарсем Сајн, режисер кој, исто така, произлегува од милјето на видео клип продукцијата, #6 Романек до најситен детал ни го претставува изместениот свет на Сај, креирајќи ја потребната атмосфера на отуѓеност и празнотија, притоа до ниво на перфекција конструирајќи го секој кадар. Изведбата на Робин Вилијамс е одлична, навистина прикажувајќи ни го во целост неговиот актерски потенцијал. Вилијамс го толкува карактерот на Сај целосно соживувајќи се во/со него, правејќи го ликот што е можно поуверлив. За специфичната димензија на ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС придонесува и интересната солуција покрај оригиналната филмска музика, во емотивно силно исполнетите сцени да се користат и најпрепознатливите моменти од музиката за оскаровецот Американска убавина (прекрасната лирска тема од тој филм) и Реквием за еден сон (неверојатно напнатата и болно интензивна тема од можеби најдобриот саундтрак во последниве години).
Сиве овие компоненти го прават ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС интересен претставник на жанрот трилер со предзнак психолошки, дефинитивно заслужувајќи го вниманието на филмските фанови.

2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 31|