Мирот и немирот како провокација, како траење или завршување

/, Галерија, Блесок бр. 52/Мирот и немирот како провокација, како траење или завршување

Мирот и немирот како провокација, како траење или завршување

Кон турскиот филм „Годишни времиња“ на Нури Билге Чејлан во главната програма на 59. Кански филмски фестивал, добитник на Наградата на критиката „Фипресци“

#1 Турскиот филм „Годишни времиња“ на Нури Билге Чејлан беше сосем поинаков од останатите филмови на годинешниот Кански филмски фестивал. Овој филм можеби беше и единственото непретенциозно дело, во кое немаше ниту политика, ниту историја, ниту актуелни проблеми; тоа е личен, „мал“ филм, но остварување кое успеа да допре до секого со својата тема. Иако навидум, во канското окружение, беше еден од неамбициозните, Чејлан докажа дека и без тоа може да се направи прекрасен филм кој продира длабоко во човечката природа и во нејзиниот неизвесен, а многу пати и нејасен карактер. Впрочем, тоа е вечен проблем и вечно прашање, кое не може никогаш да ја загуби тежината, особено кога станува збор за умешен автор и вистински уметник. Чејлан дури ја освои и Наградата на критиката „Фипресци“: сосем заслужено, пркосејќи им на другите остварувања и докажувајќи ја својата супериорност.
#2 „Годишни времиња“ се занимава со човечката природа која намерно или не, секогаш е во дослух со своето опкружување и со неговата природа. Годишните времиња во овој филм само ги носат боите, мирисите, носталгијата и атмосферата, која всушност ни ја раскажува едноставната приказна за Иса (Нури Билге Чејлан) и Бахар (Ебру Чејлан), за нивната неможност да бидат среќни и покрај сите предуслови за тоа, за нивната немоќ да бидат целосни заедно, но и несреќни кога се разделени. Всушност, овој преубаво насликан филм, со многу живи бои и игра на емоции честопати говори за нејасните причини и немоќта да се пронајдеме себеси, за неспособноста да се прифати среќата онаква каква што е, наоѓајќи го предизвикот онаму каде што провокацијата е поголема. Што е она, го наметнува прашањето Чејлан, што го тера човек сосем непотребно да си го компликува животот, што е она што нè прави живи, или ни ја одзема волјата. Со сите тие прашања, Чејлан извонредно го започнува својот филм, покрај урнатините и остатоците од некои стари зданија, онаму каде што сè започнува, каде што сè се повторува и каде што сè завршува. Прекрасната Бахар и покрај вековната убавина, тишина и совршеност, го чувствува сиот немир во себе, соочена некаде длабоко внатре со неизбежниот крај и со фактот дека не може ништо да стори.
#3 Едноставно воден, „Годишни времиња“ е всушност филм на силни емоции, преиспитувања, на силни внатрешни превирања и на барање на себеси. Серап (Назан Кирилмис) е девојка на другарот на Иса и негова поранешна девојка, која и понатаму е провокативна, која и понатаму ја буди страста и дивото во Иса. Но, ниту тоа место не го носи мирот, ниту играта, ниту лудоста, ниту предавањето, ниту забранетото. Мирот останува недостижното исцртано во старите ископини, исцртано во годишните времиња, па дури и во нивните неминовни промени, мирот е нешто по што копнееме, но не го препознаваме. Дали е тоа вечната човечка потрага по совршенството, по љубовта, по припадноста…
Филмот, навидум, е по малку чуден – нагласувајќи ги прекрасните слики и предели, за полека да ни го разоткрие немирот всаден длабоко во неговите протагонисти, да ни ги открие претчувството и стравот, осаменоста и неизвесноста, кои се јавуваат и покрај заедништвото. Интересна е таа игра на природата и на човекот, на совршеното и несовршеното, на едноставноста и сложеноста, на јасното и замагленото. Во овој филм нема испади, нема обвинување, нема кавги или драматични заминувања и доаѓања. Напротив, единствениот „испад“ е неочекуваната деструктивна желба која наеднаш се појавува кај Бахар кога во еден миг таа е подготвена да ги убие и двајцата. Но, потоа сè продолжува како ништо да не се случило, сè продолжува по истиот ред, сè продолжува по својот пат…
#4 Токму онака како што се случува и во природата и во изненадувачките промени на времињата, кои умеат да ја донесат бурата и да однесат сè пред себе, а потоа сè да се смири како ништо да не се случило. Но, дали е така? Неизвесноста останува и покрај прекрасните сончеви зраци и мирно море, и покрај прекрасниот отсјај и единствените бои. Останува јанѕата која знае дека секогаш одново сè може да биде поинаку.
Што е она што го тера човекот да бара повеќе, да бара поинаку, да биде немирен кога сè е в ред, или, пак, сосем мирен кога работите се надвор од контрола. Што е она што го носи вечниот немир и неразбирање, себеси и на другите. Всушност, во „Годишни времиња“ Чејлан доловува токму едно кружно патување на Иса, кој е археолог и кој во еден момент, во еден прекрасен летен ден ќе реши да урне сè и да почне одново.
Да се обиде да го препознае во себе мигот, оној миг кој го бара и кој овој пат веројатно ќе го најде. Но не, тој се враќа кај неговата поранешна девојка и дивата страст, која не е доволна, тој се враќа, следејќи ги годишните времиња, повторно кај Бахар, овој пат подготвен да промени сè, но само до следниот миг, кога повторно ќе посака да се врати назад и сè така. Променливоста на годишните времиња не е случајна, таа е израз на природата, на природните закони и потреби, тоа е циклус кој го овозможува и обновува животот. Извонредна е паралелата на Чејлан со човечката природа, која сепак не може без предизвикот, без промените, која не може без немирот и провокацијата, која не може да престане да бара… Впрочем, има една прекрасна алузија во тоа прашање, има една болна вистина во непрепуштањето, во вечното незадоволство, има една силна неизвесност во совршенството. Имено, што значи сето тоа освен крај на патот, што значи мирот, што значи прифаќањето и припадноста. Дали навидум немањето причини за немир се реални, бидејќи немирот е всаден во природата, во човечката природа која секогаш го тера понатаму.
#5 „Годишни времиња“ беше поинаков филм кој многу непретенциозно ни кажа дека има вечни прашања и вечна убавина во уметноста. Дека има едноставни, човечки теми кои секогаш го заслужуваат нашето внимание, дека има непретенциозни прашања кои се можеби потешки и од историјата, и од неправдите, и од болката и страдањата. Има прашања чија едноставност е премала или претешка, сè зависи од умешноста на авторот; но, едно е сигурно: мирот зависи од нашата способност во нив да се пронајдеме. А „Годишни времиња“ го донесе немирот многу повеќе од силните, автентични, документарни приказни, бидејќи факт е дека тие се минливи, а човечката природа и нејзината (не)совршеност вечна.

2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 52|