Меѓузависноста на сликата и текстот во рамки на композицијата

/, Галерија, Блесок бр. 97/Меѓузависноста на сликата и текстот во рамки на композицијата

Меѓузависноста на сликата и текстот во рамки на композицијата

Фрагмент 6.

#1 Во делата на Владимир Лукаш забележлива е спонтаноста и условната природност при комбинирањето на двете „граматики“, меѓузависноста на вербалното и визуелното, двата доминантни претставувачки и комуникациски модуси (композитна форма). Мултилингвалноста, која, се разбира, како и се останато кај Лукаш, е предадена во фрагменти (од македонски, англиски, германски, латински, грчки, итн.) кои не тежнеат кон целосно кохерентен исказ, но не само поради фрагментарноста, туку и нивните ротации во просторот, е повеќе во функција на стимулирање на „отворен дијалог“ помеѓу двете мозочни хемисфери, двата центри кои се делумно физиолошки дефинирани, но не можат да функционираат едниот без другиот.
#2 Оттука се отвора уште едно важно прашање, тоа за „хибридноста“ и за „чистотата“ на уметничкиот израз, за нивната (наводна) меѓусебна издиференцираност и спротивставеност, за исказите, и за „уметничкото“ во „чистото“, што оваа прекрасна колекција, како достоен наследник на една анти-модерна традиција сериозно придвижена од Дадата и надреализмот (а наназад секако, и на мноштво други предвесници и носители на ирационалното, пред сè во делата на симболистите), на интересен начин спонтано (можеби и несвесно) го проблематизира.
Веројатно под силно влијание на некоја чудна форма на ларпурлартизам (која е присутна на локалната сцена, кој одбива да се соочи со теоријата), а особено на Гринберговски фундираниот модернизам (кога цела една теорија станува патерица), честопати се занемарува фактот дека дури и во случајот на Дишан, поголемо влијание извршиле досетливите и фасцинантни литерати како Русел, Але, Жари и Маларме, отколку кој било визуелен уметник.
#4 Но, Лукаш не ја исклучува рационалноста од своите креативни стратегии, и случајноста честопати (ако не секогаш) е дефинирана со специфични односи во рамки на делото и со контрола која, иако минимална, ја дава базичната структура на целината (не само на сликата, туку на сликите и зборовите). Пред сè поради визуелната нерепрезентативност, нереферентност, токму јазикот е тој кој има потенцијал на повеќенасочен патоказ, иако на прв поглед е хаотичен и херметичен.
#3 Токму досетката и штосноста, кои и во нивните најбрилијантни варијации честопати се потценети како ниска до средна (никако висока) уметност, се всушност тие кои ја овозможуваат виталноста на поединечните елементи (ликови, фрагменти од текст на повеќе јазици, ротирани, залутани букви, избришани, покриени) и ја овозможува играта, таа да продолжи да се одвива непречено, во недоглед. Без неа, можам слободно да кажам, играта ќе биде прекината. А тоа би било тажно.

Скопје, 4-6 ноември 2012 година
(недовршен фрагмент од текстот
посветен на Владимир Лукаш)

2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 97|