Македонски рашомон

/, Галерија, Блесок бр. 26/Македонски рашомон

Македонски рашомон

#5 ЖК: Не знам колку е познато за јавноста твоето занимавање со хумор и сатира. При крајот на седумдесетите години имаш објавувано кратки хуморески во „Остен“, списание за хумор и сатира. Забележливи се две работи. Пишувани се во трето лице еднина, некој вид филмско бележење. Втората работа се однесува на хуморот, кој во „Прашина“ можевме да го видиме во неколку свои варијанти (иронија, сарказам, анегдота) и преку различни ликови. Во крајна линија и целиот филм е едно иронично поигрување со наративниот филм. Каква функција му припишуваш на хуморот во твоите проекти: да ја олесни комуникативноста со публиката?…
ММ: Хуморот има две причини. Една – го прави комуникативен. Втора и многу поважна е тоа што е дел од некоја животна еуфорија. Иако не сум јас тој што треба да го каже тоа, за мене тука е најголемата разлика меѓу „Пред дождот“ и „Прашина“. „Прашина“ е покомплексен филм. И покрај таа збогатена комплексност, сепак најголемата разлика е во хуморот, на површина има повеќе од таа животна еуфорија, а во исто време има и мачнина. Едното без другото не функционираат. Треба да ги имаш двата краја на спектарот за да ја добиеш комплексноста. Ако ја нема сенката нема да ти биде доволно јако ни сонцето. Хуморот во суштина е страшно тежок. Нешто што за тебе е смешно, за мене не е. И обратно. Особено меѓу различни култури, па затоа очекував дека тешко ќе патува. Она што најмногу ме изненади и она што ми беше најважно е дали публиката ќе реагира на смешните места. Заклучив дека нормална публика исто се смее на смешните места и во Торонто, и во Токио и во Скопје. Онаа причина поради која почнав да се занимавам со филм е приказната, расказот полесно да искомуницираат со гледачот. Тоа тука е остварено, во спротивно тоа би било обичен текст, книга. Многу ми е интересен хуморот кога е ставен во неков контекст, како што честопати се сретнува во чешки филмови од времето на Форман и на Иван Пасер, потоа како што тоа е направено во „Среќа“ на Тод Солонѕ (тоа е хумор, но истовремно ти се крева косата на главата), потоа како во филмовите на Роман Полански (морбиден хумор)…
#6 ЖК: Лично се согласувам дека уметноста треба да зборува за универзални нешта, дека секоја приказна, колку и да е интимна, лична, уметникот е тој што треба да ја претстави во колективна рамка. Но зошто Милчо се брани како од ѓавол кога ќе се рече дека направил велам национален, а не националистички или, не дај боже, шовинистички филм? Тоа му се може и на еден Спилберг, на пример, со „Спасувањето на војникот Рајан“.
ММ: Немам ништо против национален филм. „Прашина“ во мала мера може да го сметаме за национален, малку повеќе од „Пред дождот“, но не е националистички. Јас не се плашам од тоа, но сакам да констатирам дека и да сакам, не можам сега да направам таков филм. Ако останам да живеам тука уште 15 години, можеби ќе можам. Мора да се има предвид дека јас од 19 години сум отиден одовде. Она што и како мислител и како автор го гледам не произлегува сто отсто оттука. Поинаква е приказната со еден Ларс фон Трир, кој живее и работи во Данска. Јас, ако напишам сценарио, и му го дадам да го прочита на некој другар за да дебатираме, тој сигурно би бил другар од Њујорк, затоа што сум се нашол таму. Ако го споредувам со нешто, сигурно би го споредувал со нешто што таму сум го доживеал. Од друга страна, естетското формирање и првите 20 години сум ги поминал тука и од тоа не можам да избегам. Како и да е секој филм треба да е наднационален.
ЖК: Колку и да се трудиме тоа да го аплицираме, сепак заклучок е дека „Прашина“ не е цврсто врзан за едно тло и за една идеологија. Напротив, тој често ја менува теоретската стратегија, инкорпорира историски парчиња. Ритуални танци на примитивни племиња, антички столбови, византиско сликарство, кубизмот со „Госпоѓиците од Авињон“, потоа тука е целата историја на 20 век: нуклеарната бомба, прохибицијата, Индијанците, Фројд, авионот на браќата Рајт, Османлиите, Ј.Б. Тито… Може ли поставувањето на овие историски настани и личности во некаков контекст во филмот да се сфати како некој вид авторов коментар?
ММ: Нив ги користам како дел од колажот. Тие се дел од реквизитата, дел од палетата. Пак ќе направам споредба со тоа како Раушенберг користи некои елементи. Сето тоа се моменти кои се делови од нашето колективно минато и од индивидуалната психологија. Јас сум свесен за атомската бомба, за кубизмот, и не можам тоа да го избегнувам. Како може да правам филм за комитите, а да не го познавам кубизмот. Може нема да го споменам, но естетиката на кубизмот е станата дел од мене, исто онака како и естетиката на дадаизмот, на структурализмот, како и старовремските естетики. На пример, кога цртам од нив ја користам перспективата. Прашање за себе е колку сето тоа ќе биде видливо, колку ќе го покажеш или нема да го покажеш. Јас цело време поаѓам од некоја претпоставка на искреност. Со тоа го поканувам гледачот, ајде заедно да го креираме овој филм, ајде заедно да си играме. Дел од таа искреност е да му ги покажам шевовите во правењето на костумот, што не е нешто ново во уметноста, но е ново во наративниот филм. Му ги покажувам шевовите со тоа што му велам „Јас ти раскажувам приказна, значи те лажам, меѓутоа сложи се со тоа дека ти давам до знаење дека раскажувам“. Тоа не го правам рационално, смислено, туку како дел од играњето. Ако играњето е консеквентно, направено со талент, тогаш тоа ќе функционира и ќе биде подлежно на анализи. Хирошима беше еден од тие битни моменти од 20 век, кој нè дефинира нас, па дури и тој дел од нас кои живееме во Штавица. Од друга страна сето тоа временски е толку блиску. Целата таа историја која изгледа дека се развлекува во период од илјада години е всушност страшно блиску. Илајџа, кој во оваа приказна тргнува од Оклахома во 1900 година како млад човек, а во Македонија доаѓа во 1903., сосема е можно да биде во Њујорк во 1945. кога паднала атомската бомба. Ние сме подложни на клишеа. Размислуваме на овој начин: Отоманско царство – 16 век, каубојци – 19 век, атомска бомба – е, тоа е 21 век!

АвторЖарко Кујунџиски
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 26|