Кревкиот џин

Кревкиот џин

А дали хаосот на збунетите и иритирани сетила по ова ладнокрвно групирање на фактите, ја загуби својата жестокост? Дали и тој стана дел од механизмите кои зрно по зрно го зацврстуваат митското јадро на темата на поразот? Џејмс Камерон, кој во најголема мера е заслужен што оваа нова продукција на Холивуд сее успеси насекаде во светот, бездруго ја имал на ум привлечноста на митската рамка во која ја сместува приказната за агонијата на очајниците соочени со лицето на смртта. Баналното сиже за романсата на една буржујка и еден пролетер не му дава ниедна оригинална идеја на клишето за преградите што се исправаат пред љубовта на младите луѓе, на кои, нели, Господ им помага да совладаат сè што ќе им се испречи на патот до триумфот на љубовта.
Клишето, меѓутоа, ќе напукне кога Камерон ќе се најде пред задачата да ги спои фактите со имагинацијата и кога како прилог на неговите уверувања дека ја исполнил задачата, од автентичните руини на „Титаник“ извлекува имагинарни докази за силата на една романтична, нескршлива љубов. Крунскиот доказ за веродостојноста на големата љубов чии емоции, патем речено, беа изгонети од грмотевицата на специјалните ефекти, требаше да биде присуството на стогодишната дама која навистина ја преживеала катастрофата на „Титаник“. Нејзината исповед предизвикува уште поголема забуна на сетилата. Зошто Џејмс Камерон инсистира на божемноста на фактот дека старицата е автентичната Роуз која го преживеа бродоломот благодарејќи ѝ на поддршката и храбрењето на пожртуваниот Џек? Нејзините сеќавања од една страна како да создаваат некаков хибриден слој на епохата за која веќе рековме дека ја чува невиноста на надежите, со времето на цинизмот, ароганцијата и грубоста, пресметана во Холограмската програма. Од друга страна, спомените на верната Роуз можат да ја зачуваат вредноста на нејзината морална цврстина само кај современиците на епохата проткаена со оптимизам. Тоа живо сеќавање на деталите не само од апокалиптичната ноќ, туку и на саможивоста на наперчените милионери, на достоинствените аристократи кои ги минуваат последните минути пред да се најдат на дното од Атлантикот со чаша виски на усните, на музичарите кои агонијата на безумната толпа ја амортизираат со жиците на своите блескави инструменти, смислено но недоследно нè пренесува во еден од парчиња составен свет, населен со блескаво костимирани фантоми и привиденија изнурнати од кошмарот на ноќта кога Посејдон се одмаздуваше. Тие во несфатливо лошата поделба на ролјите (кастингот) понекогаш ќе го претстават ликот на живиот модел со завидна вештина и инвенција, но најчесто, биле тие закитени со Оскар или не, остануваат заробеници на клишеата на академската игра. Во замена за неисполнетиот долг спрема филигрански замислените ликови од минатото, чии судбини пророчки нè предупредуваат на сите зла на кои и самите ние им ги отвораме вратите: мајките загрижени за иднината на своите ќерки, арогантните магнати, младите авантуристи и трагачите по среќата во ветената земја Америка(!), сите тие ни покажаа едно фосилизирано лице слично на побледените, одвај препознатливи фигури од старите фотографии. Неубедливоста на нивните надежи и трауми не можеше да ја спаси од фетишот на мимикријата ни моќната метафорична машинерија на кршењето и тонењето на бродот. Зашто, во наративната постапка на „Титаник“, темата на тонењето е, како што спомнавме, масивна митска рамка која глетките на потопските кршења, парчосувања, дробења и сплескувања, имаше задача да ги смести во историска перспектива.
А спомнавме уште и дека сликите на сакатењето, умирањето, на отворените рани и изобличените лица, не предизвикуваат само атавистички страв и ужас. Од нив еманираат прикриените испарувања на еротиката иако заедно со нив смртта го покажува своето грдо лице. Жан Бодријар не ја брани перверзијата на уживањето во раните и во присуството на смртта кога вели: „Техниката е смртоносна деконструкција на телото… неговите рани (на телото) и сексуалното уживање се само посебен случај во блескавиот знак на една сексуалност без референци и без граници“.
Но Џејмс Камерон очигледно остана во недоумица пред опасните импликации на метафората на кршењето на водениот џин и ослободената сексуалност на смртоносниот здив што го испушти мамутската метална рана. Тој грижливо го задржа своето внимание врз силата на моралните кодекси на кои католицизмот им препишува моќ на исцелување на човековите рани. Потоа, со уште понагласена претпазливост ја одвага тежината на гневот што може да се истури врз неговата безбожност и реши да го одбере како засолниште безбедното кралство на митот.
Во завршната секвенца на филмот „Титаник“, кога урнатините на мртвиот брод незабележливо почнуваат да се ревитализираат и на опустошените скали и салони им се враќа стариот сјај, Камерон како да сака да нè придобие за идејата дека може лесно да се случи и ние да се најдеме меѓу патниците што трогателно и аплаудираат на среќата на младите љубовници и да нè охрабри во верувањето дека силата на митот е потрајна од самата стварност. Останува голема дилема дали една изневерена и истрошена идеја според која среќата изнурнува од урнатините на соништата и надежите и создава една нова хероична стварност, може повторно да оживее во митот.

адаптација и маркирање во текстот: Петар Волнаровски

АвторГеорги Василевски
2018-08-21T17:22:16+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 03, Галерија|