КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

/, Галерија, Блесок бр. 126 - 127/КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

КОНЦЕПТУАЛНА ПРОВОКАЦИЈА НА ЧУВСТВАТА

Кон проектот „Бесконечно“ на Петре Николоски

Ана Франговска, куратор

Петре Николоски е еден од позначајните македонски уметници кој се појавува на македонската визуелна сцена кон средината на деветтата деценија и кој заедно со уште неколкумина, нему блиски, автори како: Глигор Стефанов, Ибрахим Беди, Анета Светиева, групата ЗЕРО, Благоја Маневски, Јован Шумковски, Станко Павлески и други ќе влијаат врз осовременувањето на македонската ликовна сцена и приклучувањето кон светските текови. По дипломирањето и магистрирањето на Академијата за ликовна уметност во Белград и по неколкуте значајни проекти и соработки кои ги остварува во тој период (меѓу кои и соработката со Катарин Ладик) – од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, повеќе од 3 децении живее и твори во Британија. Тој, заедно со Глигор Стефанов, во 1994 година се првите национални претставници на Македонија на престижното Венецијанско биенале. Николоски понатаму ќе работи во доменот на ослободување од класичните квалификативи на едно уметничко дело, свртувајќи се кон сиромашната уметност и создавање дела со материјали пронајдени во природата, како гранки, слама и друго. Просторно-визуелните вредности на овие дела одговараат на естетските прерогативи на времето, сѐ во контекст на деградација, расчленување, анализирање, а уште една карактеристика, покрај просторноста и другоста, е и фрагилноста на делата, поради материјалот на обработка. Влијае врз менувањето на пристапот и третманот на скулпторската форма, при што една скулптура не мора да има маса и волумен, туку воздухот и светлината продираат директно во неа и имаат особена важност.

Петре Николоски е автор со високи креативни капацитети и способности, длабока промисленост, комплексност и естетски критериуми. Животната патека не му била послана со рози, бунтовен и незадоволен по природа, трага по повеќе, по подобра иднина, како и слобода и невостановеност на изразот против кои се расправал уште и со своите професори и ментори на Академијата. Нескротливоста го довела до Британија, каде што се обидувал да се докаже во океанот од кој тој бил само една мала капка. Макотрпна и фрустрирачка била таа битка, во која некогаш излегувал како победник, со лаворики, со понудени проекти и подобни услови, а некогаш како човек што постојано почнува одново и од почеток. И таа битка само го зајакнала уште повеќе. Од една страна, слободниот свет, преполн со информации, многубројни музеи, галерии и дела од светски познатите уметници, го нахранила со податоци, информации, знаења, храброст, високи стандарди, а од друга страна, постојаната потрага по сопствениот идентитет, по сепството, по своето, по коренот, по тлото, по потеклото, по институционалниот бавен развој, по македонската уметност и по можноста да стане препознатлива во светот биле постојани дискурси на кои се навраќал, за кои се прашувал и се обидувал да ги разреши, спроведе, примени.

Веројатно ваквата биографска заднина (background) е причина што во неговото многуслојно творештво постојано се преплетуваат аспекти кои го анализираат чувството да се биде свој, национален, но во исто време и граѓанин на светот; да се дискутира за мултикултурализмот и за свет без граници, поделби и сегрегации; да се враќаме постојано на природата, на Земјата, на основните животни елементи и потреби, да ги почитуваме природата и нејзините закони и да се потсетуваме на фрагилноста на нештата околу нас; да ги опонираме новите појави што нè опкружуваат; технологии, животни приказни, филозофии; да комуницираме и да помагаме во спроведувањето на комуникацијата помеѓу луѓе, институции, професии; да ги иницираме сетилата и да не дозволиме односот секогаш да биде тоа што ќе ги дефинира нештата околу нас без притоа суштински да видиме, да чуеме, да допреме, да помирисаме, да вкусиме…

И неговиот последен проект ги содржи истите карактеристики. Проектот „Infinity“, т.е. „Бесконечност“ е поврзан со мултидисциплинарноста кон која сè повеќе се стреми уметноста во последните столетија, а овој пат Николоски ја врзува примарно со книжевната форма и со пишаниот збор, кои од интелектуално-филозофска поента, прераснаа во тридимензионална форма која го транспонира чувството на знаење и мисла (која е суштина на светот и напредокот, а секако и на историјата, националноста и идентитетот). Книгата како матрица е основниот сегмент врз кој ќе се заснова еден од најсуштинските елементи на овој проект, и тоа книга со пишан збор од секоја можна област. Првата фаза од проектот се спроведе преку перформативен дел на алтруистички придонес на секој заинтересиран за учество во создавањето на големото дело. Прелиминарниот дел беше период на средба со уметникот и фаза на прибирање на граѓата – т.е. создавање на своевидна подвижна библиотека од која понатаму се изгради делото. На овие средби, вклучувајќи и јавни повици преку медиуми и социјални мрежи, беа поканети творци или читатели и љубители на книгата, издавачки куќи, библиотеки, да донираат своја лична или книга која ја поседуваат, а да сакаат да бидат дел од едно големо уметничко дело.

Втората фаза започна по собирањето на примарната граѓа за моделирање на делото – доволно книги, кои ќе дефинираат голем дел од инсталациите што го сочинуваа проектот „Бесконечност“ а тоа беше градењето, т.е. продукцијата на самото дело in situ и конструирање на најголем дел објекти кои го заокружија естетско-идејниот интерес на авторот. Велам in situ, односно во просториите на самиот објект на Националната галерија на Македонија – објектот Чифте амам, бидејќи тие беа, во најголем број, изработени специјално и исклучиво во контекст на архитектонскиот и идеолошко-дискурзивен наратив на/зад Чифте амамот, како еден од најубавите објекти од исламската архитектура, со своја историја и намена. Тој е еден од ретките примери на двојни амами во целата поранешна Отоманска Империја. Природата на овој објект во минатото и неговата улога на галериски простор од денешна перспектива го инспирираа авторот Николоски да го анимира и исполни целиот простор на амамот, давајќи два клучни фокуси, како контратежи што опонираат, но и се еквилибрираат.

Едно од двете сижејни дела беше претставено преку обелискот од книги со бесконечната полица, кои како машки фалусоиден принцип беше позициониран во женскиот дел на амамот. Обелискот, како и бесконечната полица (тука треба да се вброи и кубусот од книги) беа моделирани од донираните книги, со што скулптуралното дело се обликуваше со нетрадиционален скулпторски материјал. Авторот се стреми кон мултидисциплинарност, поместувајќи ги границите на класичната ликовна форма, имплементирајќи ги книжевноста и литературата, проширувајќи го кругот на публиката и иницирајќи ја соработката помеѓу институциите од различен профил. Оваа инсталација го третира проблемот на едукацијата, на знаењето, на заштитата на живите библиотеки и нивното негување, на односот кон книгата и моќта „да се влезе во неа“ и да „се протрча“ низ страниците за да се доживее однатре, директно и непосредно, а секако и на некој начин да се избега од реалноста. Самото дело се карактеризира со монументалност, нагласена вертикалност, стремење кон височината и пробивање на границите и догмите. Овој фалусоиден облик има за цел да оплоди со знаење, мудрост, сознанија. Колоритната шареноликост на кориците, графизмот на разновидните типографски решенија на насловите, потконтекстните нагласувања на одредени наслови кои може да провоцираат, поттикнуваат, алармираат, заедно со колоритната игра на волница во разновидна боја која го дообликува, најмногу, врвот на обелискот, создаваат една кондензирана пластична форма, која има свој волумен и маса, но и покрај цврстата и физичка и ментална база, има тенденција да се „одлепи“ од тлото.

Вториот клучен објект од проектот „Бесконечност“ беше комплексната инсталација од дрвен материјал, волница и коноп, кои обликуваат специфична, топла, вмрежена инсталација во облик на утерус, како симбол на женскиот принцип, позициониран во машкиот дел од амамот. Таа беше конципирана да го повика посетителот да влезе во самиот нејзин облик, да му понуди посебни и однапред зададени патишта и правци на движење, во обликовна и формална смисла, нудејќи просторно опозитна линеарна трансформација на арабеската и декорациите од куполата. Централно позициониран е објектот од дрвени греди кои обликуваат една вмрежена композиција во облик на отворен кружен конгломерат, која со својата пајажинеста структура се стреми да се издигнува кон куполата. Таа ја дефинира структурата на повеќеслојната инсталација, т.е. скелетот (матката), во која секој посетител влегува и се чувствува минорно пред монументалноста, и ментална и материјална, на самата инсталација. На ѕидовите се наоѓа графичка-линеарна густа мрежа (крвоток) од разновидни волнени конопи во боја, кои покрај својата концепциска база, имаат и просторно интервенирање врз архитектурата на амамот, т.е. графичко пресликување на штукатурните декорации кои ја красат куполата. Третиот елемент е опросторување на оваа графичка мрежа и нејзино поврзување со базата, односно матката, притоа давајќи ѝ живот, крв на скулптуралната материја, која треба да го доанимира и додефинира просторот, нудејќи го навистина чувството на трансконективност.

2019-08-06T14:25:17+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 126 - 127|