Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

/, Блесок бр. 02, Галерија/Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

Сиве овие негативности, сепак, не можат да се оправдаат со вообичаените анализи и толкувања за повеќезначноста на уметничкото дело, за симболиските и алегориските (под)значења итн., со кои обично кај нас, се знае да се оправдува сè и сешто. Бидејќи…

2. Околу семантиката

Ако сакаме да тргнеме во потрага по вторичните, или уште подлабоките значења, мораме прво да расчистиме со основните. Бидејќи, не може да се зборува за подтекст, ако немаме текст. Следствено, таму каде самиот текст не е доволно дефиниран, кој било извлечен подтекст – не може да биде валиден.
За семантиката на едно дело секогаш е најтешко да се зборува, бидејќи од своја страна, заради релативноста на уметничкиот знак, тоа првенствено е голема одговорност. Но, ни одблиску толку голема во споредба со одговорноста која ја има оној што го создава тој знак. Затоа, ќе се задржиме сосем кратко на некои од тие значења кои можат да се дефинираат, и последиците што ги носат кон естетскиот квалитет на делото.
Прво да напомнеме што нема:
Како прво, нема да разглобуваме какви сè значења и подзначења може да се извлечат од фактот дека во еден од последните македонски филмови, најмалку се зборува – македонски. Тој факт, и голем број сцени од филмот (сцените низ градот), не одговараат, не соодветствуваат на хронотопот, туку напротив, силно ја нарушуваат хронотопската конфигурација на делото, а самото дело – го чинат неуверливо и недефинирано. Но, за да не навлегуваме во нејасни води кои можат да нè однесат на несакани места (во политиката, на пример), во овој текст тоа ќе го оставиме настрана.
Затоа, сосем накусо ќе повториме дека доста елементи од семантичка страна можат да се разгледуваат на повеќе нивоа, но тие не се доволно мотивирани, ниту пак доволно добро медиумски изведени за да заслужат исцрпна анализа.
На пример, за да може да се рече дека филмот е критика на нашето актуелно секојдневие, феномените и апсурдите што се јавуваат во овие интересни, но и чудни времиња, за тоа треба да се најде цврста подлога во самото ткиво на делото. А тоа во „Џипси Меџик“ не може да се најде. Монотоното темпо на сите случувања, типизираните, речиси клишеирани ситуации што се редат без поголемо задлабочување или барем поинтензивно истакнување на одредени (кои и да било) елементи од фабулата, во ниеден момент не дозволуваат да се дојде до конкретни, и пред сè, целисходни заклучоци за семантичките поставки на делото.
Краен заклучок на потписникот на овој текст за значенските елементи на ова дело е дека овој филм е сниман најверојатно, под импресија од интересноста на моментот на Таиповата измама, како добар елемент на зачудување, и на неговата, од апсурдноста на тој чин предизвикана трагедија, како последица на општите места (општествените и социјални услови) претставени како контекст на делото, и ништо повеќе од тоа. Таков е барем – вкупниот општ впечаток.

3. Накратко околу феноменот на авторската доследност

Столе Попов е еден од нашите најпознати, најреномирани филмски режисери кај нас, судејќи по неговото творештво до сега. Да ги спомнеме, заради едно мало потсетување, неговите претходни играни остварувања: „Црвениот коњ“ (1981); „Среќна Нова ’49“ (1986); „Тетовирање“ (1991).
И сега е неизбежно е да се прашаме, како тоа, еден автор од овој калибар кај нас, кој зад себе има филмови со таков висок квалитет, да си дозволи ваков кикс?
Можеби токму тука и лежи одговорот; токму во личната поетика која Столе Попов ја дефинирал сред своето творештво: онаа силна нишка на натуралистичка провиниенција која може да се истакне во неговите претходни остварувања. Таа поетика на која тој ѝ останува докрај доследен, ја спроведува и во овој негов филм. Но, дали желбата за повеќе, или пак нешто друго, овој пат го натерале таа нишка да преовлада отповеќе, и да замине во крајност, со што и се дојде, најверојатно, до овој куп негативности и до слабиот уметнички квалитет на филмот. Којзнае?
Таа крајна доследност кон некои начела, а посебно заминувањето во крајностите на истите, е доста чест случај и во светот, и на многу светски уметници и мислители им се има случено токму тоа: заради слепото следење на нивните основни начела, на крај се наоѓале себеси во ќорсокак. Тоа се случи и со Фројд, со Дарвин, со руските формалисти и со Прашкиот структурализам, итн. Она што може да нè теши е тоа дека таквата состојба не е трајна, и тоа дека многу од тие мислители и уметници сепак на крајот ја увиделе својата заглавеност во строгите принципи и тесниот простор до кој што ги довела таквата доследност, па се ревидирале и себеси, и своето творештво.
Од една страна, која е мотивацијата на авторот да се зафати токму со една ваква тематика, кога од друга страна е видно дека тоа го направил без некоја посебна авторска идеја за нејзино уметничко транспонирање? И дури ако просечноста и нискиот квалитет на овој филм не ги ставиме сосем на сметка на непотребната (крајна) доследност на авторот кон својата поетика, можни се и одреден број други претпоставки околу типот на мотивираноста која го движела Попов кон ваквиот избор: нема да биде нереално ако тие мотиви ги бараме во тенденциите да се направи и конјуктурен филм за Запад, а нашата недамнешна (бивша?) историја покажала дека оваа тематика е токму таква. Е, убаво. Само што, покрај тематиката, на тој Запад, сепак – „понекогаш“ – треба и филмот изработен на таа тематика да е добар филм.

4. Нешто како резиме

Она што не смееме да го заборавиме е тоа дека кај нас, феномените од овој вид ги има во сите области на културата и уметноста. Затоа сето ова требаше да се каже. Не само заради „Џипси …“.
А за „Џипси Меџик“, накратко, само ќе кажеме: Џипси – да. Меџик – не.
Бидејќи, како што заклучивме, од сево ова не може како резултат да излезе магија. Бидејќи магијата е во естетските, уметничк дострели, во топлината, задоволството и “suspence”-от на едно висококвалитетно дело. Таа е во сите оние уметнички елементи на делото, во атмосферата, во конзистентноста и кохерентноста на делото и она што е во него. Магијата сосем сигурно нема во измамата на Таип, и лажните смрти на неговата фамилија. А можеби и таму ќе ја најдевме, ако имаше барем малку од неа во целосната авторска и уметничка изведба на филмот.

Затоа, одговорот кон насловот на овој текст е:
Сигурно не во филмот.

АвторПетар Волнаровски
2018-08-21T17:22:17+00:00 април 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 02, Галерија|