Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

/, Блесок бр. 02, Галерија/Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

Каде е магијата во „Џипси Меџик“?

1. за структурата

На почеток, ќе дефинираме некои аспекти, околу самиот термин структура, кој што во овој текст ќе го прифатиме на поинаков начин отколку што тој се подразбира вообичаено. Во овој текст, под поимот структура ќе ги подразбираме не само оние феномени и појави кои му припаѓаат спрема методологијата на структурализмот како правец, туку, ќе подразбираме еден комплекс доста поширок и покомплексен; покрај чисто структуралните елементи како што се темата и мотивите во делото, актантите и функциите што тие ги носат, под овој поим ќе ги сместиме елементите на хронотопот, и исто така, елементите на текстовното решение – и од наративен, од стилски аспект. И, во истиот контекст, интертекстуалната констелација на делото. Сето тоа – сосем накусо: нема да го злоупотребуваме просторот што треба да му припадне на овој текст, така што тука нема да навлегуваме во детални анализи, туку веднаш ќе прејдеме на конкретните кажувања за делото што произлегуваат од нив.
Како прво, самата тема – доста несреќно избрана, ќе речеме. Посебно затоа што некако доцна доаѓа во однос на една веќе можеби и премногу експлоатирана тема и во пошироки рамки во општата светска филмска продукција. Во секој случај, тоа и не ќе беше нешто негативно, ако филмот носеше нешто ново: некој нов пристап (кон темата), некој нов израз, нешто ново во постапката со која се обработува истата, или барем некоја нова (авторска) гледна точка кон проблематиката. Но за жал, тоа со овој филм не е случај. Бидејќи, освен интересната идеја на заплетот во самото сценарио, односно перипетиите околу лажното умирање на поголемиот дел од семејството на Таип (носечкиот лик кој преку оваа измама се обидува да го оствари својот сон за одење во Индија, неговата земја од соништата и негов силен копнеж), и можеби и потенцијалите на самиот актерски кастинг, филмот не ни донесува ништо друго, ни свежо, ниту пак инвентивно или луцидно ново, а што токму можеше да се очекува од еден автор со таква репутација и завидна творечка заднина. Тоа, овој филм го доведува до феноменот „веќе видено“; и, од страна на свежоста што е најнормално да се очекува од вакво ново остварување на таква толку експлоатирана стара тема.
Самото текстовно структурирање на фабулата речиси и го нема; самиот хронотоп е рамен, препознатлив, без мистеријата на создавањето и без најмала трага на енигма во неговата динамика. Може да се каже дека во случајот на „Џипси Меџик“: сижето = фабула, односно дека не постои конкретна сижејна обработка, и дека таа обработка се совпаѓа (односно е идентична) со самата фабула. А бидејќи фабулата е и основната приказна, може да се дојде до заклучок дека нејзина обработка (како авторски чин) не постои. Енигма има само во нејасноста: зошто таа не постои?
И додека сме сè уште кај постапката како авторски чин, можеме да се осврнеме кон специфично медиумските авторски постапки: режија, фотографија, монтажа, итн. Досега често се зборуваше за проблемите на екипата околу лабораториската обработка на филмскиот материјал за овој филм, па тоа ќе го прескокнеме во интерес на потребите на текстот; а и заради тоа да не навлегуваме во теми за коишто веќе и отповеќе е зборувано, сосем накратко ќе се осврнеме кон режисерската постапка, и кон монтажата.
Како што веќе рековме, и како што е добро познато и општоприфатено, режисерската постапка ги опфаќа најголемиот број постапки потребни за да се создаде еден филм. Меѓу тие постапки спаѓа и општото структурирање на граѓата на филмскиот текст – од сценариските претпоставки, па сè до крајната обработка на снимениот материјал. Претходно веќе зборувавме за фабулата на филмот; што се однесува до изборот на актерската екипа, кастингот е многу добро направен, со навистина квалитетни актери, кои за жал, не можеа нешто-многу да направат за филмот во целост. Бидејќи, мора да се каже, без двоумење, дека актерската екипа на овој филм дава сè од себе. Во секој случај, онаму каде што тоа е и најмалку можно, актерите остваруваат завидни перформанси. Пред сè, се мисли на актерката Катина Иванова (Ремзија), и нејзиното актерско остварување кое стои на високо професионално и уметничко ниво. Истото може да се каже и за Тони Михајловски (Коџак), а донекаде и за Горан Додевски (Шаќир), Бајрам Северџан (Бајрам), Anthony Zaki (Риџу), и за младата и доста надежна Арна Шијак (Рамиза). За актерската игра на Мики Манојловиќ може да се каже дека е сосем солидна, но на моменти и стереотипна, типизирана, ефект што го носи самата улога која што тој ја игра, а и самото сценарио.
Не може да се рече дека сценографијата е лоша; таа е, во секој случај, доста професионално изработена. Иако со некои свои моменти и дигресира од оној основен (даден) хронотоп на филмот, таа во целост и нема некои поголеми негативности. Но затоа, со постапката на монтажа не е ни одблиску таков случај.
Не малку големи филмски автори рекле дека монтажата треба да биде еден од најбитните елементи во изработката на филмот: душата, скелетот и сржта на она што е филмското дело. А за конкретното дело под име „Џипси Меџик“ тоа не може да се каже. Завршениот, готов филм наликува на работна копија, и тоа од рана фаза. Површна и еднонасочна, без ниту малку филмски ефект или пак трик, монтажата на овој филм доловува само едно монотоно раскажување (претставување како презентирање на факти), и ни дава една трајна едноличност наместо жива динамика на случувањата. А доколку е тоа интенционална постапка, тогаш може да се зборува за авторската (според мислењето на авторот на овој текст) лошо избрана и изведена мотивација. Но, и кон тоа ќе се навратиме повторно нешто подоцна.
Што се однесува до ликовите, веднаш може да се каже дека не е премногу водено сметка за некое подетално и покомплексно отсликување. Тие се претежно типови. Отсликани доста црно-бело (или сиво, ако повеќе одговара), кај ниеден од нив не можеме да најдеме внатрешен развој, односно, не може да се вид некоја посилна психолошка обработка на ликовите, освен можеби кај еден од синовите на Таип, травеститот-хомосексуалец Шаќир, и кај Индиецот Риџу, „пријателот“ на Таип: лекарот – УНПРОФОР-ец; овде, кај овие два лика е даден некаков внатрешен психолошки развој, но тука се стигнува до оној момент заради кој што рековме „можеби“, а не инаку: моментот на мотивацијата. Мотивацијата на ликовите, и потоа, следствено, и на самата фабула.
Рековме, можеби и има внатрешна психолошка трансформација кај некои од спомнатите ликови; а рековме можеби, бидејќи за тоа да е така, и тоа да биде валидно од естетски аспект, таа трансформација мора да биде и мотивирана. И, колку што е подрастична промената, и колку што се поекстремни постапките на ликовите, дотолку посилна треба да биде мотивираноста што ги води. А мотивираноста во овој филм е само уште еден момент во сивилото на просечноста што е ознака на филмот во целост. Значи, уште во самиот почеток се загрозени основните причинско-последични врски во самата фабула, со тоа што за некои (навистина) далеку екстремни постапки на ликовите не е дадена доволно силна мотивација за тоа да делува убедливо. Ниту за измамата што ја прави Таип, ниту за блискоста што ја изградува со Индиецот; а од друга страна, пак, трансформацијата на Шаќир во травестит и хомосексуалец не е ниту одблиску навестена, односно не се дадени некои основни претпоставки (услови, состојби, ситуации) за таков крупен внатрешен пресврт, итн.

АвторПетар Волнаровски
2018-08-21T17:22:17+00:00 април 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 02, Галерија|