И разликите се дел од единството

/, Галерија, Блесок бр. 46/И разликите се дел од единството

И разликите се дел од единството

по 46-та меѓународна филмска смотра во Солун

#1 Во категоријата фестивали што го афирмираат колку иновантниот дух на новата продукција, толку и достоинството на класичниот филм, спаѓа и Меѓународниот фестивал во Солун кој во ноември 2005 година ја доживеа својата 46-та годишнина. Импресивен број години кои од градот на Беаз Куле направија омилена дестинација на филмаџиите фалени или кудени во својата средина како голема надеж за иднината на филмот, како анфан терибл кој, меѓутоа, наскоро ќе се претвори во конформист, или како непоправлив еретик. Домаќините својски се трудеа списокот на естетички спротиставените автори и на филмовите тематски конципирани како повик на пресметка со конформизмот, да биде колку е можно поразнолик. Таа тенденција можевме да ја препознаеме и во концептот на фестивалската програмата од минатата година, и во филмовите прикажани пред една, две и повеќе децении, како и во делата на учесниците од 46-то издание на Солунскиот фестивал.
#2 Густиот, декомпониран мозаик на фестивалските филмови вклучени не само во натпреварувачката секција, туку и во програмите Денови на независниот филм; Балкански поглед; Младите Американци; Омаж; Грчкиот филм 2005, можеше лесно да ве придобие за идејата дека модерниот филм бегајќи од конформизмот на класичните естетски шлколи, ги расплина своите перспективи во ситни идејни фрагменти. Со своите недоречени стории, тој малодушно побегна од поетичкиот контекст во кој и победниците и губитниците се рожба на својата средина и во кој острите судири меѓу поединците и колективите одат рака под рака со состојбата на апатија и немоќ.
#3 Но, тоа е впечаток кој само навидум ја отсликува актуелната кинематографска ситуација во светот, проектирана, се разбира, на програмата на 46-от Меѓународен фестивал во Солун, на која се најдоа повеќе од 250 наслови од сите пет континенти. Судејќи по филмовите што ги видовме, станува повеќе од очигледно дека денес младите автори имаат поголема доверба во особеноста на сопствената перцепција, колку и да ѝ недостига на нејзината острина јасност и читливост, одошто во постулатите на монолитните естетички системи.
Отаде и зачестената тенденција својата имагинација понапред да ја ставаат во служба на артикулацијата на индивидуалните судбини одошто во анализата на колективните емоции. Тие одбегнуваат да се групираат околу една школа или едно движење, како што тоа беше случај во изминатиот век. Времето на фасцинацијата од поетиката на едно движење и од силата на влијанијата што тоа ги вршеше, се чини, стана минато. Харизмата на германскиот експресионизам, фатализмот на францускиот поетски реализам, хуманизмот на италијанскиот неореализам, бунтовништвото на францускиот нов бран, или документаризмот на неодамнешната Догма што ја пласира Данецот Ларс фон Трир, се феномени забарикадирани во една епоха од каде само повремено ќе заискрат со својата скротена сила во опусот на некој поединечен автор.
#4 Навистина, кога поисцрпно ќе ја проследиме програмата на последниот Солунски фестивал, ќе забележиме дека трагите на некои од традиционалните школи не се докрај избришани. Има млади луѓе во чии гени завива ехото на бунтовништвото кое не наоѓа сатисфакција во глетките на пироманските експлозии на аеродромските писти и на космичките бродови, инсценирани во лабораториите на холивудските студија. Нивниот сензибилитет не останува подмитен од оргијањето на криминалците кои на крајот од титанистичките пресметки по блескавите авении на американските и европските метрополи, мораат да го признаат поразот пред своите ривали, фетишизираните надјунаци од форматот на подостарениот Силвестер Сталоне.
#5 Мексиканскиот филм на 26-годишниот Шпанец, Амат Ескаланте, Крв, [Amat Escalante, Blood (Sangre)] на пример, како да не ѝ припаѓа на цивилизацијата која продуцира мегаспектакли од типот на Војна на ѕвездите. Но делото на Амат Ескаланте, од друга страна, не е само слика на алиенацијата на современиот граѓанин, кој заскитан во лавиринтите на сексот, апатијата и виртуелната чувственост, ја загубил силата да им се спротистави на фантомите на хипокризијата, саможивоста и културната репресивност. Интимниот живот на главните ликови од филмот, сензибилниот Диего и неговата сопруга Бланка, е прототип на една идеологија која успешно ги истиснува од светот на егзистенцијата силите на гневот, отпорот и желбата да се биде различен. До овој степен на развојот на драмата на брачната двојка што води во духовна ентропија, Амат Ескаланте во многу аспекти потсетува на поголемиот дел од своите современици: неговата перцепција на социјалната стварност е остра; нарацијата оригинална до мера во која се воочуваат разликите со раскажувачката техника на другите автори; асоцијациите живи, иако, во извесна мера, предвидливи. Но, во моментот кога во животот на Диего ќе се појави ќерката од неговиот прв брак, и со себе ќе ги донесе нанесите на првата љубов, во срцето на Амат Ескаланте дискретно се појавуваат некои бунтовнички импулси. Неговиот лик станува многу близок на филмските херои родени во трагичарските времиња на легендите на латиноамериканскиот филм: Глобер Роча, Мигуел Литин, Лима Барета [Glober Rocha, Miguel Litin, Lima Barreta]. Тоа се годините кога големите имиња на бразилскиот, мексиканскиот, боливискиот или уругвајскиот филм се групирале околу идејните програми на движењата како Синема Ново, Укамау, или Новиот чилеански филм.

2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 46|