Интервју со Иво Трајков

/, Галерија, Блесок бр. 22/Интервју со Иво Трајков

Интервју со Иво Трајков

С.Т.-П.: За најновиот филмски проект – македонско-чешката копродукција ГЛУВА КУЌА
И.Т.: Мислам дека тоа ќе биде многу добар филм. Засега, не постојат никакви пречки за да ги започнеме подготовките за снимање (при што ќе инсистирам на подолги подготовки за снимање, отколку што е вообичаено тоа во Македонија), а снимањето треба да започне во 2001 година. Филмот ќе се работи според романот „Големата вода“ на Живко Чинго – еден специфичен, и од моја гледна точка – одличен роман, мошне тежок за превод на филмски јазик. Сите ние коишто работиме на овој филм – и македонската и чешката страна, решивме да направиме европски филм. А за да се направи таков филм, треба да се променат некои мислења, а некои луѓе треба нешто да сфатат, но мислам дека тоа нема да биде проблем. Нашиот менталитет не е баш за работа. И јас сум таков. Само што се движам во различна средина, па стекнав навики за некои други работи. Така дојде и до копродукцијата, а особено ми е мило што Министерството за култура на Република Македонија реши да стапи во една ваква копродукција. Што се однесува до финансирањето на проектот, со околу 35% од буџетот на филмот треба да учествува чешката страна, а останатиот дел се надеваме да го финансира македонската страна. Во случај да не може да се дополни потребниот буџет, тогаш можеби ќе се приклучат и други продуценти, а во моментов знам за барем два-три европски продуценти кои сакаат да работат со мене. Знаете, секогаш другата страна поставува некои барања, каде да се одигрува дејствието, изборот на актерите итн. Во оваа копродукција чешката страна направи еден силен потег со тоа што ГЛУВА КУЌА ќе биде само македонски филм кој се одигрува и ќе се снима во Македонија, ќе играат македонски актери, ќе се зборува на македонски јазик, така што ништо „чешко“ нема да има во овој филм. А кој би бил интересот на чешкиот партнер? Јас. Едноставно, ме избраа како автор, како некој кого тие сакаат да го форсираат, со цел да продолжам да правам филмови. Да не претерам, но ним, речиси, и не им е важно за каков проект точно станува збор, туку им е важно што работам тука јас, а потоа проектот. Донекаде тоа е добро – од една страна, тоа е предизвик, а од друга страна, тоа е можност да се отворат вратите и за другите овде, за кои знам дека имаат многу добри проекти. Зошто да не продолжи таа соработка? Јас прифатив да го работам овој филм токму затоа што е толку специфичен; бидејќи, се плашам од многу едноставните работи.

#2 С.Т.-П.: За твоите ангажмани во Чешка…
И.Т.: Летото 2000-та година, месец и пол останав во Македонија поради соработката на сценариото за ГЛУВА КУЌА; потоа, се вратив во Чешка, па повторно во Македонија – за 21-виот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Но, ме очекува многу работа. Најпрвин, имам многу обврски со филмот МИНАТО, кој иако е стар две и пол години, постојано живее, се прикажува на фестивали. Така, понекогаш се јавуваат некои симпатични луѓе и ме покануваат на некој фестивал, но јас многу ретко одам на фестивали, бидејќи ми е здодевно. Има една работа: како автор на филмот, ќе го завршам и тука завршува тој дел од мојот живот, а филмот, всушност, дури во тој момент почнува да живее. Денес ми изгледа како МИНАТО да го правел некој друг. Што се однесува до новите проекти, нè очекува една серија од 26 документарни филмови, секој во траење од по 60 минути. За среќа, јас нема да ги режирам, туку ќе бидам во улога на продуцент. А третиот ангажман кој ме очекува е монтажата на филмот што веќе го спомнав, филм со многу едноставен наслов: ФИЛМ (THE MOVIE), што го снимив минатата година, и врз кој работевме вкупно петмина (заедно со актерите). Овој филм е најексперименталното снимање што сум успеал да го направам досега. Инаку, секогаш сам го правам изборот на луѓе со коишто ќе работам. Некои ми се лутат поради тоа, но во шоу-бизнисот постои едно непишано правило дека, ако имаш идеална екипа, тогаш немој да ја менуваш. Јас не правам така. Сите проекти на кои работам се разликуваат еден од друг, па затоа сметам дека треба да ги прават различни луѓе. На пример, директорот на фотографија на МИНАТО, не мислам дека е најдобриот избор за другиот филм, бидејќи тој друг филм треба комплетно поинаку да изгледа. Можеби ГЛУВА КУЌА ќе биде малку поинаков проект во таа смисла, бидејќи имам долгогодишен пријател, снимател, кој долго време живее во Лос Анџелес, таму снима филмови, и по некои седум-осум години колку што е таму, дојде и до работа на филмови од А-продукцијата, така што ова ни е последна шанса заедно да правиме филм. Тој е Суки Меденчевиќ, инаку Македонец по мајка. Ние многу сакавме да работиме заедно, но тој преферира друг тип на филмови и поинаква егзистенција, додека јас не го сакам ниту тој американски стил, ниту Америка. Се надевам дека, сепак, ќе го добиеме токму него за соработка на овој филм…
… Што и да работам е специфично. Една работа не сакам да ја работам двапати. Досега сум снимал сè и сешто. Секогаш се трудам во она што го работам да пронајдам некои нови можности, нова визија, нова форма, нешто поинакво. Себеси не се сметам за некој добар режисер, филмаџија-рутинер. Од таа гледна точка јас сум многу лош режисер. Секогаш е добро кога има некој што истражува нови патишта. Јас сум за „коегзистенција“. Радикалец – да, но не на сметка на рушење на другите нешта!

С.Т.-П.: … А кога би снимал филм за Холивуд?!
И.Т.: Тоа не може да се случи бидејќи имаат влијание многу фактори. Приказната, сценариото можат да бидат добри, но авторот не може докрај да остане свој. На пример, и меѓу најпознатите режисери, мал е бројот на оние кои во своите договори имаат нешто што се нарекува право на „final cut“, а тоа е дефинитивниот изглед на монтажата на филмот. Можеш да го снимиш филмот, но ако не му се допадне на продуцентот, едноставно, ќе го премонтира, ќе пресними друг завршеток, итн. Ако е за публика, тогаш добро. Но, јас не правам такви филмови. А со оглед на моето размислување и на мојата специфичност, можностите да снимам филм за холивудската продукција се многу мали.

С.Т.-П.: За она што е актуелно во чешката филмска продукција – што се снима, а што се гледа?
И.Т.: Чешкиот филм е специфичен од два аспекта: прво, во Чешка се снимаат многу голем број филмови годишно (за една толку мала земја). Годишно се снимаат околу 20 филмови, што е некаква натпродукција (да споредиме со Белгија, на пример, каде што се снимаат само три-четири филмови годишно). И многу други посилни кинематографии снимаат помалку филмови во текот на годината. Значи, тоа, сепак, е успех на чешката кинематографија, особено поради тоа што државата воопшто не учествува, или пак, учествува Фондот за кинематографија, но со многу мали средства. Сите филмови се снимаат главно во приватна продукција, што е речиси – чудо. Од друга страна, токму поради тоа што од страна на државата не постои голем интерес за снимање филмови, односно, поради тоа што парите се продуцентски, тие секогаш бараат, и веруваат, дека тие пари ќе им се вратат. Што значи дека од тие 20 филмови колку што се снимаат годишно, барем 15 се комедии.
За другите вкусови, постојат арт-кината кои ги нема во голем број, но се наменети за помал број гледачи. Проблемот не е во тоа што нема поинакви филмови (со своја естетика), туку проблемот е во тоа што никој не сака тие филмови да ги прикажува, односно – и кога се прикажуваат, луѓето не одат да ги гледаат. Тоа не се исплаќа, па затоа се потребни мали киносали каде што доаѓа публика која ги сака таквите филмови. Прашање е дали тој број е доволен и дали дистрибутерите се способни да купуваат голем број филмови од тој тип. Како што реков, во Чешка нема многу арт-кина, во споредба со Унгарија, кога со филмот МИНАТО бев поканет на еден фестивал во Будимпешта, дознав дека во градот има 18 арт-кина, што значи дека во еден ден можат да се видат 18 различни филмови од т.н. „арт-тип“. Во Чешка, целата таа работа е некаде на „половина пат“. Како и секаде во светот така и таму дистрибуцијата, главно, во 99% се однесува на американски филмови и нема шанса да „влезе“ некој друг филм. Понекогаш конкурира некоја добра чешка комедија, иако тоа се случува еднаш на две-три години. И филмот на Саша Гедеон, ВРАЌАЊЕ НА ИДИОТОТ, во Чешка се третира како комедија. Во спротивно, филмот нема успех кај публиката.

2018-08-21T17:21:54+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 22|