Инсталација за инфо-метежот

/, Галерија, Блесок бр. 47/Инсталација за инфо-метежот

Инсталација за инфо-метежот

Исмет Рамиќевиќ, инсталација „Инфо-ткаенина“, Национална галерија на Македонија)

#1Никогаш и пред ништо, милиони и милијарди луѓе, секојдневно, и што е уникатно – доброволно и недоктринарно, не извршувале повеќекратен дневен „обред“ како пред „иконите“ на разновидните мас-медиуми. И во однос на глобалната, веќе вертикална низа, и во однос на локалните концентрични роеви од мас-медиумски мрежи. Исмет Рамиќевиќ во уметничкото поле на своите ангажирани опсервации и пораки, го внесува најнепродуховениот масовен пропаганден заводник што кога било се појавил. Тоа се мас-медиумите: пред сè, дневните весници од старата печатена техника, и компјутерот од новите дигитални алатки. Првите за да изведе одлични „ткаенини“ и да отвори прашања, а вториот за да развие дигитални дизајн-претстави.
#2 Рамиќевиќ направил верна постапка на ткаенини од весниците. Како да се вистински черги со возбудливи арабески, вистински таписерии и рогузини, или верна имитација на керамопластиката на старата сакрална архитектура во различни култури. Со таква, фолклорно-класична изведба (жива традиција) уметникот ги надминал претежно импровизираните и лежерни изведби во инсталациите кои уметниците ги „жртвуваат“ за сметка на идејата. На планот на идејата, Рамиќевиќ го развил концептот и го донел до прецизна комуникациска мисла и порака: мас-медиумите како техника за јавна манипулација.
#3 Во овој ангажиран концепт се влегува буквално газејќи по врамениот под од збиени концентрично и овално групирани кругови или лавиринти направени од весници, кои вибрираат како црни дупки или како жива песок. Ваков, педантно изведен своевиден асамблаж од весници поставен како врамена слика на ѕидот на галеријата, пред која на подот е послана исткаена черга од весници, како церемонијален тепих, го заокружува овој проблем од идејниот концепт: меѓу поедноставените праволиниски, леснопродирливи и сложените и суптилни лавиринти на информациите. Покрај овие нивоа на ангажирано полемизирање со темата, уметникот со чисто естетски критериуми прави одново естетичко зауздување, или релативизирање до „понижување“ на оваа најмоќна атеистичка религија, со тоа што нејзиниот физички материјал го внесува во метафора за естетска функционалност во топла ткаенина, во чии тенки цилиндрично завиткани форми е заробен виртуелниот, не без цел и со многу моќ, но празен дух. Ефектна и уметничка полнокрвност што треба музејски да се депонира.
#4 Илјадници луѓе биле во дијалог со оваа, претежно, содржински бесмислена маса од весници. Сето тоа овде е спакувано во 50-ина метри квадратни „ткаенина“, за чија, пак, ангажирана уметничка идеја адекватно прогресивно опаѓа интересот на јавноста. Таква порака се наметнува дури и да не била дел од намерата на уметникот. Тоа е феноменот на мас-медиумите, кои како ураган се појавуваат и се испразнуваат секој ден, значи во секое „овде и сега“. Натаму сè е архива, чија анализа би била лик на палав „шејтан“ над „шејтаните“ во сета човечка историја. Кој ненасилно владее со масите и им ја обликува, доброволно, стварноста. Прашањето дали се информира јавноста или се подготвува масата за тоа што, во созреаниот момент, треба да го „прифати“ дури и како „свое“, произлегува од рефлексиите на оваа концептуална одлична инсталација. И конечно, рефлексиите за интелигентниот слој, што ги полни медиумите, како „пропагандни легии“, чија функција и чии „дела“ имаат буквално таков домет: до и во прашината на метежот.

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 47|