Животопис како духовен патепис

/, Галерија, Блесок бр. 15/Животопис како духовен патепис

Животопис како духовен патепис

VI. Неговата трагична муза

#13 Мојот татко беше романтичен авантурист. Во нежните момчешки години се пријавил на меѓународниот натпревар за место на чувар во националниот парк во Танзанија. Не знаел ниту еден странски јазик, не бил полнолетен, го мразел оружјето, но затоа знаел како да ги припитоми дивите и да ја стекне довербата на домашните животни. Претпоставувал дека во африканската дивина можностите за муабет на некој од светските јазици ќе бидат минимални и што е најважно – веќе тогаш беше свесен дека може долго време да остане сам со себе, а при тоа да не се чувствува непријатно. Бидејќи не успеал да отиде во Африка, станал сликар. Две работи ја поврзувале африканската со сликарската авантура на татко ми: љубовта кон природата и склоноста кон самотијата. За симнување и качување низ погубните сфери на духот во дружба со мртвите учители, на начин на кој Данте некогаш одамна патувал со Вергилиј, а човечкиот дух на Ален де Лил со Аристотел, на уметникот му е и денес потребно нешто што другите луѓе ги исполнува со грозотија – умешноста на добро поднесување на самотијата. Во оној, логички тешко објаснителен момент, кога умешноста минува во уметност, добрите, стари учители се повлекуваат, а Музите го превземаат водството. Мојот татко беше консеквентен во пристапот кон самотијата која му беше потребна за патување по духовната хоризонтала. Може да зазвучи противречно, но Петлевски сакаше истовремено да биде интегриран и да стои настрана. Затоа имаше две татковини, можеше да биде двојно љубен и двојно сам. Кога во текот на неговата сликарска кариера дошло време водачите да се повлечат, отстапи и Аристотел, учителот што го презеде од Александар Македонски. Го напуштиле и саканите хрватски учители Џулио Кловио и Маркус Марулус. Остана сам со својата Муза. Неговата Муза беше трагична, а сепак, Петлевски за себе зборуваше како за среќник, миленик на судбата. Загреб беше место каде што го одвела или, подобро речено, го довела неговата Муза. Хрватскиот град беше место на најголема опуштеност и самотија во атмосфера на семејна среќа, единственото место каде што можеше да седне, да ја земе во рака црната тетратка и со светечки мир да ја запише последната реченица на своите сеќавања: Сликарството е мојата интима. Зад таа изјава повеќе не стои ништо. Нема дури ниту точка. Изменувајќи погледи, повеќе отколку зборови, брат ми и јас бараме достоен простор за сликите. И трепериме. Зашто ништо не е достојно, ништо не е сигурно. Освен, за нив веќе осигурениот простор во имагинативниот музеј на Малро.

Пост скриптум:

#14Музиката е највисокиот облик на апстракција, а сепак секогаш ми се чинеше дека сликарството ѝ е најслично на Божјата работа, зашто не е само апстракција, туку е отелотворување во пигмент, во кој идејата со волја и радост како да се слага повторно да заживее, да се инкарнира поради луѓето, дури и тогаш кога се чини дека го отфрлила обликот и секоја сличност со препознатливите работи на овој свет. Со органски енформел мојот татко се обидувал да ја открие длабоко хуманата, повисока намена на убавината. Петлевски го прифаќаше сликарството како награда, како ретка драгоцена можност да се опипа духот. Со свеста за таа прекрасна можност се будеше секој ден. Мојот татко не ги сакаше хронологиите зашто веруваше дека времето на уметноста ги надминува границите на случувањата и животите на поединците. Тој никогаш не ќе се сложеше да напише дневник. Или, можеби сепак немам право? Циклусот Фантазмажи беше некој вид на негов интимен дневник на благодарност.

АвторСибила Петлевски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 15|