Животопис како духовен патепис

/, Галерија, Блесок бр. 15/Животопис како духовен патепис

Животопис како духовен патепис

III. Овчарот и златното доба

#10 Во 1962 го довршил маслото на платно со необичен наслов Умец изгореното подрачје. Како што може да се претпостави, станува збор за топоним. Што се случува кога уметникот се решава во наслов на своето дело да стави име на некоја точка од географската карта што не е познат град и како таков не може веднаш во свеста на луѓето да предизвика пријатни сеќавања на улици низ кои самите шетале, или барем на ликови од романи кои чекореле наместо нив низ славните плоштади? Голем ризик е човек да се реши за еден таков наслов, а сепак веќе самото изговарање на нешто непознато, некој егзотичнен фонетски склоп предизвикува внимание, непосредно нè воведува во тајната, го повикува набљудувачот на некоја ментална работа што се споредува со детско уживање во авантура од која малку трнат нозете. За сликарот Петлевски, Умец претставуваше топоним на меморијата, непосреден повод за евокација на детството минато во дедовата куќа, обнова на сеќавањето на Пелагонија, една голема македонска рамница и суровите планини над селото, во кое во детството барал спас од родниот град, а во младоста смирување и спас од болеста. Приказната за змејот што со еден здив изгорел хектари земја, ги здружувала суверието на селаните и детската мечта, го возбудувала и го плашела детето кое мошне рано почувствувало привлечност кон духовната авантура, но и страв да се мине границата меѓу светот на голата реалност и пејсажот на имагинацијата. Секогаш заборавав да го прашам татко ми што се случило кога го преминал Умец? Мислам, дека од другата страна за прв пат се сретнал со поимот татковина. Се разбира, тоа била идеалната татковина што сакал самиот да ја создаде, или, подобро кажано, да ја пресоздаде, со избор од нејзината античка традиција, мамејќи го претходно, сеедно дали змејот или #12Кербер, главно некој страшен граничар што го делел сиромашниот спржен простор на Македонија на дваесеттиот век од духовното кралевство, каде траело вечното Златно доба. Дедо ми и баба ми, не знам по кој пат ме избавија од најтешката физичка и душевна криза, особено и овој пат кога мислев дека мојата положба е безизлезна. Дури по три месеци почувствував потреба да цртам и за десет дена направив десетици крокии и студии на сето што се движеше низ селскиот двор. Наведувајќи го овој исечок – во кој мојот татко го опишува своето закрепнување по болеста заработена во текот на првата година на студиите по сликарство, спиење под ведро небо и во штала на работ од градот Загреб – се присетив како еднаш татко ми го опишуваше блаженството на лицата на овчарите и селаните кои застануваа и со немо стравопочитување и комична сериозност ја набљудуваа работата на сликарот. Како овде да не се присетиме на онаа позната сцена со овчарите од почетокот на првата книга од романот на Сервантес? Дон Кихот, кого козарите го понудиле со жирови, почувствувал потреба да им одржи говор за Златното доба. #11Описот на Овидиј на архаичното време на идеалната човечка заедница ослободена од егоизам, дури и самиот поим на сопственост, му послужил како основа за беседата што и самиот говорник ја смета за излишна во однос на луѓето што го слушаат, а сепак продолжува да го говори својот прекрасен монолог. Овчарите седат без збор, почитувајќи ја убавината на бескорисното, таинствената убавина на неразбирливото. Луѓето од перо често го слушаа татко ми без здив, но неговата гордост со татковината, неговиот жар во одбрана на правата на уметникот за слободен избор на онаа духовна традиција која најдобро му одговара, понекогаш овчарите подобро ја разбирале.

Тој верува во мерата на сопствениот талент што е ниту повеќе, ниту помалку од она што е, па затоа спокојно им ги препушта своите слики на фатумот на историската правда. Меѓутоа, овде, во обидот за хронолошка реконструкција на животот на мојот татко, поважно е да се истакне другата страна на истиот проблем. Впрочем, колку силно верувал во судбината на уметноста, толку жестоко го бранел своето право на слободен избор на нештата што инаку се сметаат за цврсти точки, непроменливи дадености на човечкиот живот. Верувал дека има право на избор на онаа историја, наследство и традиција што му се потребни за да ја креира својата татковина како духовен простор. Ако Македонија беше неговата татковина по Александар, Хрватска беше неговата татковина по Јулие Кловиќ и Марко Марулиќ. Спомнувајќи ги тие две европски имиња на хрватското сликарство и книжевност, во една тетратка Петлевски објаснува дека го одбрал Загреб, заради приклучоците кон западната ликовна ренесансна традиција. Неговиот патриотизам ќе наликуваше на космополитизам, ако татко ми не се сомневаше во сите обиди на површно нивелирање на различностите, ако во единството по просечност не претчувствуваше закана од некој нов облик на културна колонизација. Беше горд на земјата од која ги влечеше корените. Вистинската природа на таа гордост може да се објасни само ако се има предвид светот на идеите кои со векови ги окупирал уметниците, па така и мојот татко, почнувајќи од идејата за златното доба, до евокацијата за детските дни, вечната тема за односот меѓу уметноста и сеќавањето. Кого го интересира за ова нешто повеќе, ќе треба да истапи од оваа колона во пошироката до местото каде започнува извадокот под наслов Овчарот и Златното доба Ќе нагласам дека од 1942 престанува идилата на неговото детство и настапува времето на војна, глад и самотија во окупираниот град – без мајка му која умира исцрпена од болест и со сеопшто разочарување на душата. Тоа е време на незаштитеност, мачно раздобје минато без таткото Јон кој тогаш минувал низ својот личен мартириум, првин во бугарски логор, потоа во бег преку бугарските планини кои Македонија. На ова место ќе препишам неколку податоци: Петлевски во 1948 матурира во прилепската гимназија. Министерството за образование и култура. против негова волја го распоредува на студиите за архитектура во Скопје. Дури по вториот семестар, успева, со бројни молби да се испише од Архитектонскиот факултет за да конкурира на Академијата за ликовни уметности во Загреб.

АвторСибила Петлевски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 15|