Животопис како духовен патепис

/, Галерија, Блесок бр. 15/Животопис како духовен патепис

Животопис како духовен патепис

Сликарот кој го сакаше Волшебниот брег и Д-р Фаустус, а мемоарите на Андре Малро му значеле далеку повеќе од дневничките размислувања на Томас Ман, токму како што Уметникот во гладување му беше подраг од Кафкините дневници – неколку години пред смртта ги обновуваше своите сеќавања. Знаев дека не пишува дневник, зашто се згрозуваше од датумите. Веројатно, наговорен од настојчивоста на некој чесен човек со топли очи што не сакал да се откаже од наканата да објави разговор со Петлевски, татко ми се згрбави над малечката тетратка: Од политичките, идеолошки прогони до поништување на сето што е умно и благородно – тоа беше време на опачини, лицемерија, негации на сите вредности во животот и во уметноста. Треба да се знае дека тоа беше време на ликовна изолација. Ништо не знаевме за тоа што и како се слика во Европа. Љубљана беше најдалеку до каде патував. Мојата контракција во сопствената суштина беше од една страна крајно радикална, а од друга (што го нагласува и француската критика), моето сликарство носеше значајни обележја на традицијата на западното сликарство. Се поклопи нешто помеѓу она што јас го сликав и она што беше глобално и што дури требаше да уследи.

I. Живот за луѓето

#7 Се работи за годината 1959. Тоа беше една од годините на раѓањето на сликарот Ордан Петлевски. Впрочем, тој тогаш се родил за луѓето. При тоа се мисли на луѓето што ги сакаат победниците, а таквите ги има секогаш повеќе. Се чинело дека веќе ништо не е исто по првата награда за сликарство на првото Биенале на младите во Париз, само четири години по завршувањето на студиите на Акедемијата во Загреб, хрватскиот град, некаде во некоја земја што тогаш се викаше Југославија, а која за новинарите од магазинот Лајф се наоѓаше многу далеку, зад железната завеса на социјализмот. Навистина, сè се измени, а сепак после ќе морам да оправдам зошто ја употребив онаа претпазлива реченичка конструкција што започнува со: се чинело дека. Претходно треба да се објасни во што се состоела победата, треба да се осветлат раните шеесетти – тој последен блесок на верба во Новото пред постмодернистичко поткренување на рамениците, последното замисливо време на чуда, кога уште можеше со сопствени очи да се видат вжарените пророци на модерната уметност како чекорат по Земјата, или барем по некоја париска улица. Малро тогаш уште можел да биде министер за култура, а Кокто, заедно со него да ѝ клика на некоја идеја што можела да се роди само во глава на човек кој не верувал во границите на епохите и затоа сета историја на уметност, сето многугласие, сета стилистичка хетеродоксија на новото доба сакал да го стави под ист покрив на истиот имагинарен музеј. Зарем таа замисла совршено не се спојувала со намерата да се изложат младешките платна на старите мајстори на модерното сликарство покрај сликите на младите уметници како Хундервасер (Hunderwasser), Роберт Раушенберг (Rauschenberg), Џозеф Даунинг (Downing), Питер Брунинг (Bruning), Вернер Шрајб (Schreib), Џон Кенинг (Koening), Луис Феито, Манабу Мабе, Јан Лебенштајн, Хелен Франкенталер, Бернар Буфет и Ордан Петлевски? Само идејата за имагинарниот музеј можела да ги покаже Simples inscriptions, апстрактните едноставни записи на дваесетидевет годишниот, до тогаш непознат странец – на ист ѕид со фигуративната, алегориска Evocation на Пабло Пикасо. Освен историчарите на уметноста, Петлевски го одбирале Руфино Тамајо, Хенри Мур и Осип Задкин. Две години подоцна Мишел Рагон меѓу париските изложби ќе ги истакне трите: ќе ја поврзе заедничката поставка на тогаш веќе митскиот и прерано починат Волс и Корнеј од групата Кобра, изложбата на Миаре и првата самостојна изложба на Петлевски во галеријата Лаклоше на плоштадот Вандом.

#3

Петлевски е родeн во Прилеп, град во Македонија, точно на пладне, како прво и единствено дете при мајка на која седум деца ѝ умреле при раѓање или во лулка, на 24 август (датум што потсеќа на Бартоломејската ноќ), но во 1930. година. Роден сум во грдо време, време на неимаштина, беда и умирање – време на најголемата рецесија и светска криза, запишал непосредно пред да ја опише средината во која живеел како атмосфера на беспримерна љубов. Тутунскиот прав – изворот на пари, надеж и благосостојба, но и тешко кашлање, бавно распаѓање на белите дробови кај луѓето што го сушеле и го раситнувале најпрофитабилното растение на тој крај, го обвивала градот Прилеп. Селото било поздрава средина. Можеби ќе умреше и седмото дете на мајката Љубица, да не беше планинскиот воздух над селото Мало Мраморани и секако, топлината со која го обвивале баба му и дедо му. Нивната нежност кон внучето отсетувала на родителската љубов кон најмалиот син, само што била уште поблага, лишена од очекувања и речиси потполно ослободена од педагошка нервоза, онака како што љубат само оние што веќе ги подигнале на нозе своите сопствени деца. #6Дедо ми беше најдобар свирач на гајда. Баба ми, иако неписмена имаше толку добро паметење што претставуваше жив календар. Кога мајка ми ја откри мојата склоност кон цртање, иако со воздржано однесување, не можеше да ја прикрие гордоста. Не само што ми даде поддршка, туку и мојата природна дарба почна со трпение и самоувереност да ја засилува, подготвувајќи ме за живот на сликар. Нејзината најголема опсесија беше да станам животописец. Таа опсесија не ја напушташе мајка ми до самиот крај дo (смртта до која на моја голема несреќа дојде прерано). За она време и она средина во која живееше, таа желба беше во секој случај желба на една атипична мајка. Детството на Ордан Петлевски, мачно во градот во кој живеел со живот на сиромашен столарски син и спокојно на село кадешто можел да нурне во метежот на многубројното, но богато семејство, во битната смисла го одбележиле три лица: мајка му, баба му и дедо му.

АвторСибила Петлевски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 15|