Глобализација и идентитет

/, Галерија, Блесок бр. 35/Глобализација и идентитет

Глобализација и идентитет

#1 Меѓу локалното и глобалното, националното и универзалното, меѓу потребата да се зачува сопствениот идентитет и потребата да се биде дел од големата културна синтеза на Запад, се движи македонската уметност повеке од еден век.
#2 Длабоките и сеопфатни општествени промени што ја потресуваат Македонија во 19-тиот век, го забрзуваат текот на историјата. Со прифаќањето на европските културни вредности и цивилизацијски придобивки се напушта традиционалниот начин на живеење и се менува севкупниот поглед на светот. Се создава „современ мит за Европа“ кој стеснет на поимот Запад како место на остварена човекова среќа и благосостојба, ги отвора оптимистички перспективите на еден брз напредок. И додека процесот на европеизацијата, посебно нагласен во градските центри од средината на овој век, ги зафаќа сите сфери на општествениот живот, веќе се јавуваат и остри спротивставувања кон стихијата која ја носи Македонија. Македонската интелигенција од ова време, го поставува прашањето како да се достигне Европа а да се зачува сопствениот идентитет, како да се зачуваме себеси од туѓиот јазик и култура, како да се биде дел од светот а да се остане свој?
#3 Во моментот кога се случуваат овие драматични промени се јавува и првичниот нагласен интерес за сопствената традиција. Започнува борбата за откривање и осмислување на автохтоноста на сопственото културно минато која добивајќи димензии на своевидна национална културна програма прераснува во крвава битка за сегашноста и иднината. Народното творештво во кое е сосредоточена смислата на нашето историско истрајување во времето, го добива значењето на источник кон кој се свртува една цела генерација македонски просветители, писатели, поети и револуционери во потрага по сопствениот идентитет. Свеста дека таа сума на вредности што овој народ ја создал и зачувал од уништување и заборав, го претставува неговото културно наследство – народниот бит, обичаите, усното предание како извод од книгата на родените, како негација на лажните легитимации издавани од поробувачите кои го прикриваат она што сме – го одредува и насочува веќе отворениот процес на национално конституирање.
#4 Со остриот рез кон крајот на 19. век, пресечени се последните нишки кои ја поврзуваа македонската ликовна уметност со илјадагодишната традиција. Граѓанската уметност набрзо замира, но, веќе со појавата на македонската модерна во 20-тите години од 20-тиот век, започнува процесот на поврзување со современите европски движења во уметноста. Прифакајки ги со задоцнување и следејки ги на отстојание бурните промени во европската уметност, кај македонските уметници расте интересот за вклучување во овие брзи текови, но и интересот за сопствената ликовна традиција.
#5 Од ненаметливото, суптилно влијание на непосредниот допир со ликовните остварувања, пред сè на средновековната византиска уметност кај Мартиноски (опсесивното повторување на мотивот на мајчинството и неговите „Мајки“ како притаено сеќавање на иконата на Богородица пред која трепери пламенчето на кандилото и го освелува темниот простор на детските соништа) и народното творештво кое се користи како фин хумус во кој ќе изртат нови и чудесни форми кај Ордан Петлевски, преку формалното преземање на стилски и иконографски решенија во „кубистичкиот ораториум“ на Борка Лазески, па сè до моментот кога со групата „Мугри“ (1960) ќе се отворат нови прашања за користење на наслоеното ликовно искуство и Димитар Кондовски ќе ги создаде своите „икони“, а Томо Шијак своите „мусандри“ формулирани како сакрални, култни објекти, од фасцинантните визии на Владимир Георгиевски до „стилските вежби“ на Глигор Чемерски, продолжува спуштањето во длабочините на сопственото минато и минатото на својот народ и бележењето, со сè поиздиференциран творечки ракопис, на тајните хиероглифи на Македонија,
#6 Денес, кога од уметноста повторно бараме да ни овозможи допир со стварноста, кога од неа бараме да ја обнови разбиената слика на светот, можеби е неопходно таа конечно да се отвори за со векови таложените искуства. Независно колку сме свесни за тоа – илјадагодишното ликовно исКуство е дел од нас и сè она што го градиме е изградено врз напластите на ова искуство. Денес, на почетокот од 21-от век, одново сме исправени пред истите прашања кои некогаш одамна беа поставени: како да се достигне Европа а да се зачува сопствениот идентитет, како да се зачуваме себеси од туѓиот јазик и култура, како да се биде дел од светот а да се остане свој?

АвторЕмил Алексиев
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 35|