Геопоетиката како провокација за ликовен запис

/, Блесок бр. 09, Галерија/Геопоетиката како провокација за ликовен запис

Геопоетиката како провокација за ликовен запис

#1 Навистина е тешко, со оглед на нејзината начелна несводливост, односно неподложност на сувопарните теориски формулации, да се претстави геопоетиката со неколку збора. За оваа прилика, сепак, некои од нејзините иницијални определби, ќе бидат доволни; за да можеме „упатено“ да се нурнеме во освежувачката духовна перспектива, што, токму во овие тешки и неизвесни времиња, се отвора пред нас …

1. Геопоетиката е „движење, кое се однесува на самиот начин на човековото постоење во светот“– се вели во инспиративно насловеното, програмско дело на Кенет Вајт: „Висорамнина на албатросите – вовед во геопоетиката“ (1997:17).
Геопоетиката го обновува античкото значење и зрачење на поимот „поетика“; во неа согледувајќи фундаментална дисциплина, трансжанровски поим, или, поточно, создавање на светот и (било кое) создавање на умот. Геопоетиката, како термин постои од 1978 за десетина години подоцна, да се етаблира во Франција, како Меѓународен геопоетички институт; заедно со списанието Cahiers
de Geopoetique
. Денес, #3таа е движење на сродници од сите континенти; меѓу кои, спаѓаат и претставниците од македонскиот културен простор, во прв ред писателот, есеист, мултимедијален автор Александар Прокопиев, којшто, беше еден од иницијаторите, во Скопје, во рамките на приватната издавачка куќа, да биде покрената и оформена едицијата „Геопоетика“. Потврда за неговата духовна и книжевно-уметничка сродност со геопоетиката, помеѓу другото, е објавувањето на последната книга новели „Арс Аматориа,“ во угледната едиција на белградскиот „Центар за геопоетика“, во 1998 г..
Генералната определба на геопоетиката е – содржана во пледоајето за интелектуалниот номадизам, и духовното искуство на номадството, воопшто:

„Во онаа книжевност, што може да се нарече номадска, не станува збор за разработување на некое учење, ниту за кажување приказни, ниту за следење утврдени патеки. Станува збор за едно движење на мислата, кое не подлегнува на кодови, за една географија на духот, која не подлегнува на системи“ (1995:363). Со други зборови, таа го афирмира „второстепениот начин на мислење“, „брановидната логика“ на античката, андрогина и протејска божица Метис; дионозоскиот принцип; со тоа, истовремено, вклучувајќи го креативниот удел на хаосот, во него насетувајќи и една, потенцијално креативна сила, „хаосмос“.
Во склад со определбата за интелектуалниот номадизам, геопоетиката (како што во „Раѓањето на трагедијата“ отпорано сугерираше Ниче), го истражува „полето на потенцијалните конвергенции“, помеѓу науката, филозофијата, поезијата-на тој начин, оспорувајќи ја строгата и ригидна определба и исклучивото врзување само за еден привилегиран метод или дисциплина.
„Јас не го пишувам критичкото дело, освен во минување, не воспоставувам систем на знаења… јас изведувам работа на картограф“ – ќе изјави Кенет Вајт, во едно свое интервју; на тој начин, отворено и програмски застапувајќи го моделот на креативна, префинета, реторички допадлива и атрактивна критика, којашто не сака да ги следи веќе изораните, утврдени, непровокативни патеки, методи и репресивни системи, кои го уништуваат шармот на автентичното, индивидуално искуство.

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 09, Галерија|