Втор интернационален филмски фестивал во Скопје

/, Блесок бр. 07, Галерија/Втор интернационален филмски фестивал во Скопје

Втор интернационален филмски фестивал во Скопје

– како тоа гордо звучи –

#4 Навистина мислев дека Интернационалниот Филмски Фестивал во Скопје ќе биде манифестација со краток здив, егзибиција која нема да се повтори. Но ете, благодарејќи на упорноста на организаторите, и годинава ја имавме можноста да се запознаеме со модерните и авангардни текови на светската кинематографија. А, нашиот главен град Скопје и нашата државичка Македонија станаа домаќини на уште една „традиционална“ културна манифестација, преку која, во случајов, ќе ги шириме нашите интелектуални видици и уметничко љубопитство.
Како прво, да ги приопштам основните белези на Фестивалот:
– периодот на одржување беше од 12ти до 21ви март;
– беше поделен на шест програмски целини: Поглед кон Британскиот филм, Фестивалски филмови, Светски излог, Ретроспективи – Ларс Фон Триер, Енди Ворхол, Кирил Ценевски;
– прикажани беа 42 филмови (значи, само едно откажување);
– беше одржан во кино-салата на Домот на Армијата, освен ретроспективата на Енди Ворхол, која се прикажуваше во Музејот на современа уметност (каде што и требаше);
– забележани беа и некои гостувања на автори;
– награди не се доделуваа.
Според селекцијата, може да се сфати дека акцентот при одбирот е ставен врз – кај нас малку подзаборавената – европска кинематографија, а кога станува збор за УСА-кинематографијата, селекторот Татјана Јаневска се определува за арт/инди-автори. Заради обемноста на фестивалскиот прикажан квантум, најлесно ќе можеме да ја дадеме целосната слика ако ја направиме следнава поделба: познати авторски/режисерски имиња од една страна (на пример Борман, Џордан, Триер, браќата Коен, Бертолучи, Гилијам, па и Херман), и од друга страна – национални претставници од некои европски земји (најповеќе од Британија и Франција), и на крај, еден јапонски филм. И доколку вака се постават работите, можеме да извлечеме став за презентираниот филмски квантум: веќе докажаните автори си се на нивото на својата репутација, а националните претставници се автори на мали филмови, технички дотерани и амбиентално ефикасни, но секогаш со недостаток на шармот на афирмираните автори. Ова е, сепак, генерализирање, затоа што во мојата лична селекција јас не ги опфатив сите филмови, не само заради пребукираните напорни термини и неудобни седишта (наменети за цврсти армиски задници), туку и заради самите филмови, односно нивните автори, а и теми – сето она што ни беше приопштено преку пропагандните брошури.
Гледајќи го хрватскиот претставник „Трите мажи на М.Ж.“, и покрај цврстите убедувања од авторката Трибусон, дека филмот е комедија – не се смеев. Да бидам искрен и верен на вистината, дел од публиката се забавуваше, а тоа не можам а да не ѝ го препишам на југо-носталгијата (која, значи, сепак постои). Хрватите го наградија овој филм на Пула (внимание: Пула!), во конкуренција на четири филма (дел од нив со ТВ амбиции) и го споредија со „(Т)Ко пева, зло не мисли“. Добро, треба и да се наградува, но не да се споредува со врвот на една национална кинематографија, кога за тоа нема ама баш никакво место.
#2 Белгиско-холандската копродукција „Изгубен багаж“ (амбициозен филм со Изабела Роселини и Максимилијан Шел) се поигрува со елементарните човекови чувства на мошне брутален начин. Ја навлекува публиката да го засака малото еврејско хаситче, да се соживее со неговата судбина, за потоа, тоа да биде убиено, сакајќи (или не) со тоа нешто да се потенцира. Се чувствува едно навлекување, и силно манипулирање од страна на филмот. Каде ли се изгуби суптилноста на европската кинематографија? Истото прашање се однесува и за шпанскиот претставник. Сè уште не ми е јасно зошто оваа национална кинематографија е на висока цена – можеби заради Алмодовар? Француските филмови мака мачат со пласманот и со инфериорноста во однос на американската продукција. Тешко дека ќе им помогнат и мега-буџетските филмови како „Астерикс…“, за да ја вратат старата слава. А, англиските филмови се помалку или повеќе – спотови. Ирските претставници се Нил Џордан и Џон Бурман – „стари коски“ кои работеле и во САД, и затоа се неинтересни за овој преглед.
И да повторам, доколку презентираното е вистинскиот репрезент на европската кинематографија, тогаш, навистина – или барем гледано од моја страна, етикетата ЕВРОПСКИ ФИЛМ веќе не е афирмативен атрибут. Препорака може да биде само авторот/режисерот на филмот, па бил тој од Европа, САД или Азија…
#3 Да се навратам на една тема која ја опишував во списанието за филм „Кинопис“, бр.18: Имав можност две години по ред да присуствувам на Европскиот Филмски Форум во Стразбур. Таа манифестација се обидува да ја ревитализира европската филмска индустрија, на начин за кој јас лично сметам дека нема да има некој силен ефект – притисок врз пратениците на Европскиот Парламент со цел да се воспостават рамки за ревитализација на европскиот филм. Ако ништо друго, тогаш самото постоење на овој Форум, и воопшто самата крајна негова цел – недвојбено наведува на заклучок дека авторско/продуцентско/дистрибутерската криза сепак постои, и дека постои свест за неа во европските филмски кругови. Само, сè уште не е пронајден модус за нејзино надминување.
А овој нашиов Фестивал е О.К. Потребен е, исто колку што е и неопходен. Колку и да бев лично разочаран од некои остварувања, самото постоење на алтернатива спроти холивудскиот mainstream е доволно задоволително за да се дише со полни гради и да се подигне личното човечко самочувство. И, бидејќи ние на Балканот (ние „варварите“) живееме во возбудлив, неизвесен и непредвидлив, сиромашен живот, му посакувам на Фестивалот долг век и подобри филмови (што не зависи само од организаторите)… Да не заборавам уште две-три работи: прво, да не заборавам да спомнам дека филмската фарса „Воз на животот“ на Раду Михаилеану беше најдобриот филм што го изгледав на Фестивалов, а и во последниве неколку години овој филм влегува во првите пет филма општо. Евреите и Циганите беа предмет на истребување од страна на една голема култура, и кога пред некое време НАТО почна со бомбардирањето на блискиот наш сосед, платното на мојот ум постојано го проектираше крајот на филмот кога фронтот го прелетуваат гранатите.
Како второ – „Идиоти“ на Фон Триер е снимен со видео техника! Нашинци! Македонци! Снимајте со видео! Сетете се на „Маклабас“…
И како трето… би сакал малку поемотивна публика. Ракоплескањето при отворањето и по повод првата проекција не треба да влијае врз изгледот на фризурата и шминката од „кај Сергеј“, и за на крај, го поздравувам отсуството на политичарите во публиката и во листата на спонзорите!

Скопје, април 1999 год.

АвторВладимир Ангелов
2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 07, Галерија|