Во светот на основните честички

/, Галерија, Блесок бр. 61-62/Во светот на основните честички

Во светот на основните честички

(Антони Мазневски, изложба во Мала Галерија, 2007)

#1 Поновите работи на сликарот Антони Мазневски (1963, Скопје), потекнуваат од обновениот интерес за изразните моќи на цртежот и планарната скулптура. Во оваа пригода, просторот на Мала Галерија ги угостува дваесет и седумте пастели на авторот, коишто се настанати во текот на 2006 година.
#2 На рамниште на мотивот и постапката, решението на Мазневски е мошне едноставно: широкиот избор на криволинејки од приборот за техничко цртање, тој го користи како предлошка за градење на симетрични човеколики склопови, симболични претстави и поводи за препознавање на облиците.
#3 Првиот впечаток е невпечатлив – во иста мерка како и првиот впечаток од психолошките тестови на асоцијативни слики. Сепак, во строгата организација на форматот и дисциплинираното ракување со малубројните елементи, се крие неверојатно богатство на формални решенија. Темата на Мазневски е истражувањето во длабочините на потеклото на ова, речиси, неограничено богатство на облици. На своите насетувања за смислата и значењето на овие дијаграми на свеста, авторот им го дава името „Синтетички биогени“ – основни честички на животодавното начело.
#4 Несомнено, во царството на кривите линии, владее поредокот на стварноста – експоненцијалните функции, диференцијалните равенки, геометриски конструираниот трактрикс и чудните дропки наредени долж бројната оска. Нарацијата на Мазневски се одвива токму врз чувството дека знаењето за тој поредок ја втемелува тајната на постоењето.
#5 Се разбира, како и секое друго посветување, и ова бара жртви: линијата извлечена со пастелниот креон е безлична, композицијата е крута и хиератична во изразот, репетитивноста ги затапува сетилата. Единствениот простор на слобода за Мазневски е играта помеѓу очекувањата и неизвесноста, а тоа е игра во којашто ниту се добива, ниту се губи.
#6 Изложените пастели на уметникот, претставуваат само дел од неговите истражувања на ликовното говорење со постоечкиот речник на техничките помагала. Тоа ќе рече дека во овој момент, целината на таа творечката замисла е сè уште недостапна. Оттука, оваа поставка на Мазневски, во рамките на работни согледувања, има двојна улога: да го најави постоењето на поширокиот истражувачки контекст и да го документира обемот и сериозноста на развојните етапи од проектот на уметникот.

2018-08-21T17:21:10+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 61-62|