Вистината не е табу

/, Галерија, Блесок бр. 46/Вистината не е табу

Вистината не е табу

Документарците, „пропаганда“ за враќање на вистинските вредности

Функцијата на документарниот филм (повод: „Шампионите од Шутка“ на Александар Маниќ)

#1 Субјективно осветлување на една стварност која објективно наведува на релативноста и апсурдот на животот е визулениот контакт со новиот документарен филм „Шампионите од Шутка“ на режисерот Александар Маниќ. Филмот во Скопје доби контроверзна димензија, бидејќи дел од Ромите не се идентифукувале со приказнатите на своите соседи – главните јунаци на овој извонреден документ на режисерот Маниќ. За среќа, прашината стивна уште пред да ги замагли очите на потенцијалните гледачи. Простор за полемика остана само на ниво на воопштената теорија за етиката на подвижните слики кога влегуваат во документирање на една реалност а сепак се оставени на апсолутната слобода на авторот.
Во „Шампионите од Шутка“ е препознатлива умешноста на филмување од Чешката филмска акадедмија од каде што излегува и Маниќ. Се преслискува филмската игра на Федерико Фелини, така што веродостојноста на ликовите често наведува да се помисли дека сепак станува збор за актери кои се движат по добро осмислено сценарио.
Универзалната порака од „веселата долина“ е дека индивидуалците кои ѝ припаѓаат на една специфична етничка група, одлично се справуваат во сопствениот организиран хаос во кој ја нашле смислата на животот и вистински грев е некој да помисли дека треба да ги стави во какви и да е цивилизациски рамки. Во тоа микро-општество, секој го нашол своето место; не постојат предрасуди со кои се расправа „цивилизацијата“, како и ниту едно табу. Еден покрај друг живеат фанатични вљубеници во натпревари во турска музика, борби со гуски, колекционери на гардероба, травестити, хомосексуалци. Вулгарноста е сосема елиминирана, пред природната нарација на камерата.
Сите карактери отсликани во овој филм се портрети на страствени поединци кои општат со животот во полна ерекција. Нередот, смрдеата, супстандардите … се занемарливи категории на нивното секојдневие. Љубовта кон животот е и над самиот живот!
#2Авторот не манипулира со ромската егзотика како што тоа е веќе видено во естетиката на Емир Кустурица или Столе Попов.
Приказната е зачинета со одлични тонови на Горан Бреговиќ, мајстор кога станува збор за музичка илустрација на слични теми.
„Шампионите од Шутка“ суптилно го отвора и прашањето за намерната или ненамерна гетоизација. Таму на маргините на еден град и на едно општетство, живее една заедница која веројатно својот „устав“ не би го менувала по ниту една цена. „И да имам мерцедес, повторно би поседувал десет коњи“ – реплика која укажува на индивидуален избор, колку тој и да се коси со востановените норми. Дури и Маниќ да го синтетизира документот, на оваа реплика изречена со страствена гестикулација не може никој да биде присилен.
Иронијата и карикирањето на оваа стварност Маниќ ја употребил метафорично, за да исмее една друга релност. Настрана и сите останати „под-приказни“ структуирани во овој филм, факт е дека тој успешно се носи со елементарната мисија на уметноста – со последната сцена, водени од преплетот на емоции ја допирате катарзата.
#3 Документарниот филм е по дефиниција подложен на верификување. Како и секој друг фактографски запис, тој може да биде оспорен и обвинет за фалсификат на извесна стварност. Во тој контекст, Владимир Поганиќ пишува „Пишуваните документи, мемоарите, новинските извештаи, романите, портретите, се субјективни визии на настаните, луѓето, времето и обичаите. Тие се подложни на нетолерантност, иронија, омраза, лага…“.
Но, камерата не може поинаку да ги сними нештата освен такви какви што се „фашистичкиот филмски снимател можел да го сними Мусолини само онаков каков што бил, малечок, полничок, смешен, самозадоволен гротескен палјачо“.
На слободата на авторот и на неговата етика останува изборот, поточно селективноста, да се сними овој агол на вистината за ромската населба.
Македонската кинематографска меморија носи записи на добри документарни остварувања. Зачудува недостигот од инспирација во период на сериозни историско-општествени пресврти. Транзицијата барем е турбулентна, расчисти со праволински тек на нешта кои носат здодевна стерилност, испливаа еден куп аномалии а тие се посебно подложни за експресивно документирање. Зборуваме за документарен филм кој е ставен во естетска и етичка функција. Од повеќе аспекти, актуелната реалност е неисцрпен извор за новинарски записи „за докажување на извесни вистини и разголување на сеопштиот хаос“ кој зеде залет да ги покоси речиси сите нормативни огледала на убавото, така што оние чие изразно средство е камерата и умешното познавање да „си играат со неа“, имаат пред себе уште поголем број „вистински приказни“. Колку тој отсликан документ ќе кореспондира во своето време, толку посилен и поголем ќе биде во годините на „заборавот“.
#4 Но, зачудува и фактот што изостануваат и документарните филмови ставени во пропагндана функција на политичките елити (инструмент често користен од различни политички идеологии низ историјата). Иако во нашето општество политиката е доминантна информација наметната како најважна и единствена вредност издигната на естраден пиедестал, сепак не го користи документарниот филм за лична афирмација. Дали тоа укажува дека патот до таму бил едноставен и можело да се стигне и без особен напор да се „злоупотреби“ силниот визуелен медиум, е прашање за социолошки толкувања, но сигурно е дека за сметка на тоа остава доволно простор за „филмувања“ кои можат да ги срушат наметнатите искривени вредности и да бидат моќен инструмент за „пропаганда“ на вистината.

2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 46|