„Болшевици и меншевици“ – од иднината

/, Галерија, Блесок бр. 29/„Болшевици и меншевици“ – од иднината

„Болшевици и меншевици“ – од иднината

За филмот „Малцински извештај“; режија: Стивен Спилберг; улоги: Том Круз, Колин Фарел, Саманта Мортон, Макс фон Сидоу

#1 Успешната реализација на револуционерно-воениот пуч во царска Русија во 1917 година, со нападот на Зимскиот дворец во Санкт Петерсбург, донесе и една вековна дилема за демократијата. Имено, оттогаш се влече и терминот „болшевизам“, како синоним за недемократско, авторитарно владеење, сеедно што се водело, најпрвин, како „диктатура на пролетаријатот“, а потоа „сталинизам“ итн. Во поделбата на (револуционерно) „правоверните болшевици“ и „лузерите-меншевици“, колку што се огледа идеолошкиот поглед на историјата, толку се гледаат и фактите, колку и некој да не сака да ги види: „болшевизмот“ во руската терминологија значи мнозинство; „меншевиците“ се малцинство. Според секоја демократска политичка „математика“, се работи за победа на мнозинството, на помалку или повеќе демократски начин. Но, што да се прави: демократијата е судир на различни збирови на интереси…
Овој вовед, посебно за помладата филмска и читателска публика, сигурно е прилично матен, на ивица на непотребност. За да не ја шириме приказната уште повеќе, може да се скрати на различни начини: во духот на народните умотворби – демек, не е злато сè што сјае – и слично. Но, во огледот за новиот филм на Стивен Спилберг, „Малцински извештај“, тој политички поттекст отсликува цела една „идеологија“ во американскиот филм, која се базира на принципот на борбата на поединецот против системот, денес популарно срочено во максимата „сам-против-телевизијата“ како досетка за опис на некој утопистички зафат во општеството.
#2 Значи, ваквиот вовед не е само еден од критичарските хирови на „паметување“: тој е инспириран од суштинскиот „политички“ бекграунд на насловот на филмот. „Малцински извештај“, не само од перспективата на просечниот балкански политички поглед, најпрвин асоцира на класична политичка приказна. Потоа, со експозицијата на научно-фантастичниот дискурс, базиран врз делата на Филип К. Дик, и покрај замаглувањето на првичната интенција, критичарот (најверојатно) ќе биде во право кога ќе го прогласи „Малцински извештај“ на Спилберг за политички филм par exellance. Тоа не е ништо ново: кога ќе се „изгребе“ целата компјутерска анимација во, на пример, „Војна на ѕвездите: напад на клоновите“ на Џорџ Лукас, кој со Спилберг го сочинуваат модерниот холивудски „јин-јанг“ во програмска, естетска, продукциска и идеолошка смисла, ќе се види само еден – додуша, многу анемичен! – политички трилер. И ништо повеќе.
Но, рековме, ни помалку од политичка сторија во класична смисла. Иако Спилберг до сега, најмалку еднаш, се занимаваше со политичкиот жанр – „Бојата на пурпурот“ – новата страница во поимањето на модерните идеологии на 21-от век, која на највпечатлив начин ја отворија браќата Вачовски со „Матрикс“, веројатно го повлекло најуспешниот еклектичар во холивудскиот 20-ти век (се мисли на Стивен Спилберг, секако) во оваа авантура. Тука занимавањето со Том Круз и сличните аспекти може, сосем слободно, да се смести под „колатерални“ активности: не случајно, неколку редови погоре, не е испуштен продукцискиот аспект на Спилберговиот опус, кој без разлика дали ви се допаѓа, мора и да заработува (уште една дигресија: се чини дека токму Холивуд е „срцевината“ на западното толкување на класичниот марксизам, кој лапидарно го дефинираше светскиот развој според формулата – економска база, па потоа општествена, духовна и секаква надградба… Но, тоа, повторно, е веќе друга приказна за комерцијалниот и авторскиот филм).
#3 Во „Малцински извештај“, ако ги исклучиме, на ова место, помалку или повеќе успешните продукциски зафати, може да се фокусираме на најмалку две теми: естетичкиот еклектицизам и наративната структура. На првото рамниште, очигледна е „подигравката“ со споменатите нови трендови: иако со многу помала употреба на кореографија на борбите, кои од хонгкошката школа на оскаровецот Анг Ли се пресели во „Матрикс“, кај Спилберг и натаму е доминантна онаа стандардна Star Wars визуелизација како клише кое, со мали измени, опстојува веќе три децении. Понатаму, Спилберг од 2002 година на некој начин го „апдејтира“ интересот на неговата генерација од почетоците на занимавањето со филмот: тој интерес во шеесеттите години, кај Базеновите (Андре Базен) следбеници, го формулираше европскиот „нов бран“ на темелите на жанровскиот Холивуд („Малтешкиот сокол“ на “hard-boiled” школата на Ричард Чендлер, во режија на Џон Хјустон итн.) во нова “film noir” варијанта, за потоа, во седумдесеттите, „Новиот Холивуд“ да го преџвака францускиот „нов бран“ во, повторно, апотеоза на жанрот… Спилберг, значи, тука малку си „игра“, малку „апдејтува“, малку оддава почит на тие „нови“ класици, па оди по тенката линија по која и д-р Франкенштајн, додека можел, ги држел работите со всадувањето на новиот живот под контрола. Со други зборови, се одело на претпоставката дека некому можеби и ќе му се допадне Чендлер во преработка од страна на Филип К. Дик!?
#4 Второто рамниште може да се гледа дури и буквално. Речиси на идеалната средина од времетраењето на филмот, ја гледаме сцената кога, во духот на Спилберговиот еклектицизам, Филип К. Дик станува Чендлер: со пресадувањето на очите кај главниот јунак, полицаецот Џон Андертон, „Малцински извештај“, некако, од супер-иднината во која злосторствата се предвидуваат со модерни гатачки, влегува во неговото минато (реална сегашност) и „обичната“ детективска структура на нарацијата. Оттаму, и овој оглед во првата половина не споменува ликови и карактери, бидејќи речената Star Wars визуелизација на спектаклот и нема преголема потреба од такво нешто (??!). Но, со „почендлерување“ на сторијата на Дик – како, и буквално, со пресадувањето на очите кај Андертон, алијас Круз – виртуелните ликови добиваат, наместо чипови, крв и месо. Затоа и од Спилберговата варијанта на Хакслиевиот „Нов храбар свет“ – уште една посвета: Круз како разочаран човек кој го изгубил синот не е имун на допингувањето со забранетите дроги, што е формален доказ за потерата по него – влегуваме во “film noir”, или класична детективска разрешница. Се разбира, колку што во тој дел Макс фон Сидоу (неговата појава самата по себе е чин на – омаж) добива на минутажа, толку и ликот на Круз добива обриси на карактер. Речиси прецизно како и во аптека, при дозирање на лекови.
Но, сето тоа е умешност во раскажувањето на сторијата за тоа како еден „болшевик“ стана „меншевик“. Колку и да изгледа натегната оваа споредба, сè некако испаѓа така: на почетокот го имаме Круз како водач на „кожните мантили на Феликс Ѓержински од иднината“ (и Андертон како основна гардероба ја има црната кожена јакна), кои со модерни инструменти и орудија ги предвидуваат злосторствата. Но, како што во Сталиновиот СССР се манипулирало со безбедносноста, така (ќе) се манипулира и во САД во двеилјадичетириесет и некоја. И пред 70-тина години се местеле – монтирале – судски процеси за наводни злосторства, но и по 50 години ќе се местат… Сè додека не се појави Човекот, колку тоа излитено да звучи и изгледа.
Ако почнавме со болшевизам-меншевизам експликацијата, тогаш и завршетокот би можел да биде во тој стил. Поточно, во стилот на Максим Горки: „Човек, како тоа гордо звучи!“.
Патетиката, секако, е вклучена во продукциската пресметка.

АвторСтојан Синадинов
2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 29|