Барајќи филм

Барајќи филм

3. Други авторски постапки:

Збогум… : Прво, околу цитатноста во филмот: Со право можеме да тврдиме дека повеќето цитати, без вистински контекст во филмот, не функционираат. Сето тоа во филмот личи на една изнасилена и сосем грешно апсорбирана претстава за она што е постмодерна поетика. Редењето на цитат по цитат, чистото колажирање заради колажирањето само по себе, без тоа воедно да има и некое (барем) вторично значење, ако не и некое уште подлабоко, не може да функционира естетски или артистички; заради тоа што – во овој филм – и првичното, а и другите, вторични и други значења се премногу лично-авторски или интерни… За да функционираат како естетска или артистичка постапка, тие мора да имаат покритие или подлога во некаков поширок културен или социолошки контекст; тогаш таквите постапки на цитирање и колажирање имаат свое оправдување. Тоа се вика, најчесто – авторски став, или однос на авторот кон претходните дела кои тој ги цитира; без таков став, или пак со став којшто не излегува надвор од личните или некои интерни и претесни значенски кругови, таа цитатност не може да претендира ниту кон каков било вид на уметност, ниту кон каков било вид на медиумски производ за поширока публика.
    Второ, пародијата: она што внесува свежина во сето она спомнато малку погоре, е постапката на пародирање, или можеби дури и Бахтиновскиот поим на карневализација. Она што е интересно во филмот, всушност е пародирањето или карневализацијата на самиот цитат; тоа, само по себе, треба да го донесе токму она што рековме дека му недостига на цитатноста во филмот, а тоа е – авторскиот став спрема цитатот, и да го направи целисходен за структурата и семантиката на филмот. Но, тоа пародирање (на пример, сцените со Човекот-со-зелена-коса-што-свири-на-пушка-итн. во првиот дел од филмот, или пак сцената со прдењето и ждригањето на мајката на покојникот во последниот дел од филмот) не е целисходно инкорпорирано во структурата на филмот, за на крај да добиеме една комплетна неселективност во однос на она што се пародира, а што не се пародира. Таквото изедначување на сите мотиви при постапката не донесува никакво ново значење, или пак никаква друга порака, отколку (повторно) немање на авторски став кон она што се избира за „месо“ во филмот, ниту пак кон она што значи семантичка градба (обработка) на истото.

Маклабас: Играта со видео-арт техниките во „Маклабас“ е постапка која се покажува (на моменти) навистина целисходна, и семантички многу плодна (на пример – сцените кога агентот Ансаров консумира од Елементот, и сл.). Но, (повторно на моменти) наоѓаме во филмот и места каде што употребата на тие техники е излишна – како на пример, сцената на самиот почеток на филмот, кога Ансаров разговара со својата ќерка. Во секој случај, видео-арт техниките овде претежно ја носат улогата на специјални ефекти, иако често и со проширена семантика.
Речиси и да нема друга авторска постапка во овој филм, освен, можеби, хиперболизацијата на (нам) познатата реалност, и малку (во негативна смисла) акцентираната филозофска рефлексивност (на пример сцените со некои рефлексии на Адолф Хитлер), и – на моменти пресилната (авторска) автореферентност во филмот: елементи што само понатаму ја усложнуваат и онака пресложената структура на филмот.

4. Медиумски елементи:

Збогум… : Околу филмските медиски елементи: неверојатно добра фотографија, го остава гледачот без здив; истото може да се каже за движењето и ракурсите на камерата, значи за општата динамика и изгледот на филмската слика; истите пофалби важат и за сценографијата и за шминката во филмот, а за филмската музика воопшто и да не зборуваме – таа е прекрасна и крајно издржана во однос на она што филмот во основа треба да биде.

Маклабас: Со сета неопходна почит кон подвигот – воопшто да се сними игран филм на таков начин на каков е снимен „Маклабас“, со речиси никаква техника и речиси без професионална актерска екипа, сепак мора да се констатира дека од техничка страна, филмот е многу лош. И од аспект на филмската фотографија, и од аспектот на динамиката на камерата, може да се констатира слаб квалитет, дури и спрема најфлексибилните стандарди. За разлика од визуелниот дел, музиката во филмот е само за пофалба, и функционира беспрекорно во филмот.

Актерски остварувања:

Збогум… : За актерските остварувања да бидат надпросечни, би морало да постојат и услови за тоа – а условите се наоѓаат во оствареноста на ликовите во самата драматургија. А бидејќи во овој филм неа речиси ја нема, и од толку треба да сме задоволни; малку отповеќе патетика, би рекле, и во секој случај, далеку од оптималниот актерски перформанс.

Маклабас: За актерскиот перформанс во овој филм може да се каже дека е задоволувачки, земајќи го предвид фактот дека „натуршчиците“ во филмот играат релативно блиски карактери на нивните сопствени, а некои од нив (како Жанета Вангели, на пример) дури и покажуваат завиден талент, сметајќи на условите под кои е сниман филмот. Во секој случај, исто толку далеку од оптималниот актерски перформанс колку и професионалните актери во „Збогум на XX век“, но од другата страна на координатниот систем. Ако оние првите (професионалците) глумат „премногу“, овие другите (натуршчиците) пак, глумат „премалку“. Но, и едните и другите – далеку од својот оптимум.

* * *

На крај, накусо да ги изнесеме заклучоците: во обидите да се пронајде нов израз, во нашата кинематографија видовме сè и сешто досега. Секој што се обидел во тоа, секогаш – некако – ќе навлезе во крајниот екстрем на основниот новитет, во крајноста на базичната иновација што ја носи со себе идејата за тој филм (се сеќавате на „Џипси Меџик“?), или пак пропаѓа во медиокритет (или пак на „Преку езерото?“).
    Она што без многу одлагање, и без многу филозофија може да се зклучи од сето горе изнесено, накратко може да се формулира: Зарем не мислите дека она ново, она поинакво и свежо во македонскиот филм ќе е комбинацијата на оние неколку позитивни работи кои ги спомнавме погоре?
    Дали „новиот“ македонски филм нема да ги има техничките квалитети на „Збогум на XX век“, а наративната структура на „Маклабас“?
    Или пак, поинаку кажано, дали тој „поинаков“, тој вистински македонски филм кој сите ние го посакуваме и бараме, не е во приказните кои лежат, за жал неискористени во „Збогум…“, и дали тој не е во визуелно докрај нереализираната а колосална нарација на „Маклабас“?
    Кога ќе се научиме да не забораваме на она што е, а што не е битно за македонскиот филм, и кога ќе научиме дека кога ќе забележиме нешто добро некаде, да не се залажуваме дека само со тоа едно нешто можеме да оправдаме – филм. Тоа што досега го добивме, се само: делови од филм. За филм, изгледа, ќе почекаме.
    Вистинскиот филм сè уште го бараме.

2018-08-21T17:22:08+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 10-11, Галерија|