Арачиново 2001 на Александра Петрушевска

/, Галерија, Блесок бр. 54/Арачиново 2001 на Александра Петрушевска

Арачиново 2001 на Александра Петрушевска

Првата самостојна изложба на Александра Петрушевска, претставува состојба која е во повеќе наврати забележувана низ историјата на сликарството. Таа се одредува за претставување на војната т.е. последиците од неа. Преку најразлични примери низ историјата војните се застапени во уметничкото творештво, како неизбежен дел од историјата, којшто само ја менува својата местоположба од еден регион во друг. Започнувајќи од грчките вази, каде што се многу чести испраќањата на војниците во битка, па се до најмасовните војувања во 20 век, од коишто се останати дела кои служат како симбол на војувањето (Пикасовата Герника, сликите и цртежите на Георг Грос и Макс Бекман), кај различни автори, со различен сензибилитет неминовно постои потреба за изразување на политички став во своите дела. Од почетокот на новиот милениум, терористичките напади кои кулминираат со нападот на САД, 2001 година го менуваат начинот на војување, но и веќе застарениот систем на одбрана. Терористичките акции се случуваат насекаде низ светот, клучните точки за напад се урбани јадра, а целна група граѓаните коишто ќе се затекнат на местото на настанот.

#2 Циклусот насловен Арачиново 2001, започнат 2005 година, е директно инспириран од терористички акт, којшто се случи во Македонија, во истоименото скопско село, во 2001 година. Овој настан, по којшто следеа големи политички промени, предизвика и сериозни индивидуални последици. Од него најзасегнати се еден дел од жителите коишто беа таму затечени, а подоцна се здобија со епитетот раселени лица. Состојбата на раселено лице во сопствениот град, доведува до големи промени во автоперцепијата, во доживувањето на општеството и државните структури. Овој циклус е реално претставување на една состојба, предизвикана од конкретен настан, којашто во животот на оваа авторка, предизвикува коренити промени. Пресвртот во реалниот живот, неминовно се манифестира во творештвото и во развојниот пат на еден автор.

#3 Концептот за оваа изложба започнува како процес на себе истражување, соочување со ново настанатата состојба и адаптирање. Секојдневното опкружување, силните емоции и револтот, се причини за ангажиран пристап којшто се карактеризира со една идеја: да се проговори гласно за проблемите коишто не мачат, наместо да се премолчуваат. Минувајќи низ сликите со урнатини, панорамски се поставува еден минат живот којшто е срушен, но и борбата со која се создал друг којшто е во развој. Оваа изложба е обид да се посматраат сопствените спомени низ други очи, објективот на фотоапаратот. Интересот за оваа тема прераснува во творечка фаза која што со оваа изложба ја достигнува својата зрелост.

#4 Симболиката на урнатините се провлекува низ сите слики, свесно избегнувајќи ја наративноста и патетиката. Оваа симболика е одбрана со цел да се даде објективен приказ на една фактичка состојба, прикажување на остатоците од домот достоинствено и со извесна дистанца. Преку урнатините се прикажува моќта на човекот да гради и разрушува. Тие даваат јасна асоцијација за последиците од војната. Преку урнатините се раскажува и приказна за вредносниот систем во едно современо општество коешто дозволило ова да им се случи на неговите граѓани. Остатоците се прикажуваат одделно, во 12 дела. Навидум хипер-реалистичкиот пристап со фотографска предлошка е модифициран со интервенирање со боја, којашто е секогаш поинтензивна од оригиналот и го разведрува кадарот, а небото е невообичаено сино и преполно со надеж и свежина. #5 Со менувањето на перспективата се менува и изгледот на прикажаниот пример, којшто понекогаш добива апстрактни белези. Фрагментите, склопени заедно ги отсликуваат контурите на загубениот дом, а кадрите исликани од различни агли, во состојбата во којашто се најдени, сè уште доловуваат извесна динамика, но овојпат динамика на регрес, распаѓање, неминовно од ден во ден

Две дела се разликуваат од целиот циклус… Имено, знакот ОК, којшто е испишан на овие дела како графити интервенција, е само сведок за тоа како оние коишто не се инволвирани во оваа приказна ги перцепираат загубите. Тоа е знак со кој што се потврдува правото на имот испишано со спреј, но во случајов го изразува погледот на трето лице коешто одобрува или оспорува нечие право врз нешто. Авторката која во сите претходни дела активно го истражува своето гледање на нештата, тука ја менува улогата во пасивен посматрач, некој којшто не го врзуваат никакви емоции од видениот призор.
#6 Можеби најпрво започнати единствено од потреба да се проговори, овие дела претставуваат целосен циклус којшто говори за ставот на авторката и желбата оваа војна никогаш да не се повтори.

АвторЕлена Велјановска
2018-08-21T17:21:18+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 54|