Посебноста на театарската тимската работа

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Посебноста на театарската тимската работа

Посебноста на театарската тимската работа

ЦРНИЛА 2005 НА СЛОБОДАН УНКОВСКИ

Црнила 005 е претстава на режисерот Слободан Унковски во која се сценографката Мета Хочевар, актерите Јовица Михајловски, Тони Михајловски (Унковски најдолго соработува со Хочевар и Ј. Михајловски, а во последните негови две нови претстави и со Т. Михајловски), Николина Кујача, Емил Рубен, Јордан Симонов, Оливер Митковски и Даниела Стојковска, костимографката Јелена Проковиќ, а е продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
#1 Претставата Унковски ја создава според Црнила – една од најизведуваните драми на Коле Чашуле: ова и е 15-то поставување во Македонија (поставена е и во други простори), по праизведбата (исто на сцената на МНТ, на 26 јануари 1961 година, во режија на Илија Милчин). Во спомен на таа праизведба во претставата на Унковски е и омажот на двајцата актери Петре Прличко и Илија Џувалековски кои во неа ги играле Фезлиев и Луков, што е ретка појава на какво било чествување на личности од минатото од и на македонската театарска сцена. Унковски во сегашнава изведба со исклучително привлечен стил на почит ги внесува и нив: ликовите на Фезлиев и на Луков, актерите на сцената повремено ги именуваат како Перица и како Илија.
Она најбитното во претставата на Унковски е што тој, заедно со екипата со која ја создава, гради став за денешните македонски црнила. Создава Црнила 005 низ кои се практикува систем на де-реконструкција: преку ситуации и ликови во кои се случува тероризмот од почетокот на третата деценија на 20-от век. Проблемите на идентитетот, на занесот со национални чувства, на предавства, на немоќ од секаков вид, ги раздробува и поврзува во ситуации и ликови од денешнината, во кои не бара ниту херои ниту предавници. Само талкачи во своите и во туѓите црнила. Ова е сигурен доказ дека Црнила на Чашуле се драма што ќе опстојува во идното време, во вековите што ќе се нижат во иднината. Особено што Коле Чашуле е сигурно еден од малкумината драмски автори што за живот можел да го види раздробувањето и спојувањето на својата творба на радикален начин. Се игра целиот текст како де-реконструкција; се раздробува и спојува низ постојното како нова целина со став во кој се користат ликовите и настаните како да се од сегашноста.
Црнила е и дел од истоимената драмска трилогија на Чашуле во која, според дејството (не по времето на создавање) се Суд (1978), Житолуб (1977) и Црнила (1960). Тоа се драми за македонските црнила што ги создава според принципи на модерната: дејството и настаните се преклопуваат, ликовите се зависни едни од други и отворени во структурата и карактерот. Зборот е одраз на нивната изопаченост, на зависноста од другиот, и од општеството. На почетокот, средината или крајот е апсурдот: Младичот од Црнила по налог на Организацијата и со мотив дека треба да убие опасен противник, го убива својот идеал, единствениот човек на кој му верува. Во Црнила 005 веќе не е битно дали е тоа револуционерот Ѓорче Петров, битен е тероризмот денес и тука. Унковски точно знае што сака. Тој има јасна цел и идеја како ќе ги спроведе јунаците низ својот ракопис. Тоа е систем на работа што режисерот го применува особено со македонските актери – истражување низ себе. Во тој процес, идејата за апсурдот станува трагикомична атмосфера со циничен и дури релаксиран однос кон политиката, атентатите, насилствата. Како став и бунт кон тероризмот и хаосот што во 2005 година владеат во македонскто општество, политика, кауза.
Пустелијата за која Чашуле пишува на почетокот на драмата, во проектот на Унковски е вовед во секоја сцена, исто како и репликата која се повторува низ констатацијата дека сите црнила на овој свет се создадени за Македонците. Иако Чашуле пишува дека дејствието се одигрува во 1921 година во Софија, лицата и настаните во драмата се измислени и секоја сличност со постојните тогашни лица е случајна и ненамерна, во претставата на Унковски се ликови кои се заринкани во црнилата на овој век, денес и тука. Се препознаваат по настаните, однесувањето, стилот, проблемите и дилемите кои станале мрачна состојба на општествово со најдолг и веќе секому преку глава период на транзиција. Сè на сцената е крик против пороците кои го заробуваат човекот во улавово време. Битна е состојбата од Пустелијата во Чашулевата драма и Пустелијата во претставата на Унковски. Симболот е во ЧЕТИРИТЕ ЅИДА кои се детерминирани во пустелијата на Чашуле во кои Унковски исто го врамува овој сегашен свој став за Пустелијава.
За ова да се изгради/создаде/одигра со точноста со која се игра и да се доживее на релацијата сцена–гледалиште, ликовиte на Унковски се зависни едни од други: сè што кажуваат или прават е одраз на нивната изопаченост, на начинот на мислење и на живот во општата слика на македонските црнила денес. Апсурдот и цинизмот се доведени до усвитеност. Заедничка им е главната личност – Македонија.
#2 Во тој исклучително осмислен процес, секое зошто има свое затоа. Сите, практично, мислат. Екипата функционира сложно. Идејата ги опседнува сите, па ѝ се предаваат на реализацијата. Во црно-белите и по најнов моден тренд костуми, седумтемина актери ја бијат битката на своите личности низ двојна игра. Таа е или навидум опуштена а всушност цинична, или навидум подигната а апсурдна. Јовица Михајловски како Луков, Тони Михајловски како Фезлиев, Николина Кујача како Неда, Емил Рубен како Иван, Даниела Стојановска како Младичот (за да се биде атентатор не е важен полот), Јордан Симонов како Христов, Оливер Митковски како Методи, во интерпретацијата се зависници од себе, од некој, од нешто. Заедно го реализираат светот кој нè опкружува, што тие со промисленост и чудесна чувствителност го остваруваат. Смислуваат, лажат, пијат, шмркаат дрога, блудничат, веруваат, љубат, пукаат секој во секого, завршуваат со пиштолите в рака во водата што се формира од капењето на чешмата што е во фонот на целото дејствие. Резултатот е точно развиена и реализирана игра која одразот го има во поединечната зависност од заедничкото.
Суштината на големината на Црнила 005 на Слободан Унковски и на тимот со кој ја спроведува идејата за рализацијата е во заедничкиот резултат кој се множи со задоволството дека сцената е претворена во простор во кој се мисли, а замисленоста врз неа води кон нова размисла. Во неа е вградена силна идеја, реализиран е систем кој функционира. Сите веруваат и им веруваш на системот според кој ја сложиле трагикомично апсурдната сложувалка за македонските црнила денес.
Системот на трагикомичната апсурдна сценска сложувалка, сепак има свои водачи. Идејата ја води тимот кој долго соработува: режисерот Слободан Унковски, сценографката Мета Хочевар (Словенија), актерот Јовица Михајловски и актерот Тони Михајловски. Кон она што тие го креаираат се вградуваат и другите од овој тим. Затоа и резултатот е таков каков што е: цврсто осмислена целина во која секој е дел од творечкиот тим.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 45|