Философија за театарското творештво

/, Театар/Филм, Блесок бр. 32/Философија за театарското творештво

Философија за театарското творештво

(д-р Сашко Насев: „Сериозноста на играта – Естетиката на современиот американски театар“, Епоха, 2002)

Книгава е редактирана верзија на докторската дисертација на Сашко Насев, одбранета на Филозофскиот факултет во Скопје, во 2001 година.
Самиот наслов индикативно нè запознава со големиот корпус од тематски зафат, за естетиката на современиот американски театар (=САТ, наша кратенка), зошто токму тој и таков е. Ние, пред да преминеме кон предгледно пристапување се соочуваме со фактот дека ова е прв ваков философско-театролошки зафат во нашата земја. Затоа ќе си дозволиме едно поопширно загледување во дело, од коешто за првпат имаме можност да дознаеме вака субмлимиран кон/текст за американските рабоќе; и кои (можеби) ќе нè оттргнат од светот на Буш-компани.

Естетичките уметнички алатки за тезата

Насев пристапува отворено кога сака да ги лимитизира рамките на проучувањето. Оттука, јасната слика за прашањата: Зошто токму тој и Каков е САТ, тој ги гледа, поврзува и аналогизира во САД-животот, во неговите идеологии коишто спирално се преплетени во театарската естетска димензија. САТ е оној што ги носи новите и значајни духовни тенденции на современиот свет. Театар којшто е призма на психологијата на човештвото; онтологиски (пресликан) извор на човештвото. Во текот на целото проучување, Насев шамански ги обединува распрсканите различни виденија на современите мислители. Затоа тој говори со и за естетичките (философски, социјални, етички, историски, идеолошки) значења на американскиот театар. Отткука доаѓа неговата широчина, и не само во разглобувањето на драматуршката структура. Така, интерсубјективно и автореференцијално го понесува моделот на „информацискиот хабитус“, на Френсис Фукујама, по кој и целата теза на Насев обединува најразлични погледи, естетско-стилски белези, животни, етички, толкувани и застапувани творечки ставови во САТ. Дури, ако сакате, наоѓа алиби во одговор од политичарот Џон Кенеди дека културата е онолку голема колку што нацијата се грижи за неа!

Густа синтеза за општествениот– култур(ал)ен историум

Пред пристапување со метод на генерализација на 11-те најкрупни творечки појави во САТ, Насев преку генерална, густа синтеза, ги опфаќа сите битни, претходни, општествени појави/концепции што влијаат за развојот на САТ. „Првата е концепцијата на колонистите, кога театарот во буквална смисла на зборот е популарна забава и дел од религиските ритуали. Втората е концепција за организиран театар како индустрија, што ќе доведе до појава на еден вид уметничко стопанство за заработување на пари; во таа смисла се развива т. н комерцијален („бродвејски“) театар. Третата концепција е застапување на философско-естетички пристап кон театарската уметност: станува збор за универзитетскиот (или „учениот“, „академскиот“) театар, кој инсистира само на естетичките вредности и не сака да биде сличен со претходните концепции“. Првата фаза е појавата на аматерството, понесено од комедијата дел арте и бурлеската и театарот како дел од социјалниот живот; жестокоста на гневот во ритуалите на робовите-Црнци; и појдовните насоки на денес широко распространетата музика – џезот. Втората фаза – директно поврзана со англосанксонската традиција – која се стреми кон згрижување на уметноста во професионалност. Овде, „комерцијалната американска драматургија е ослободена од каква било трансцеденција и непотребен интелектуализам“, а започнува реалистичниот начин на игра со полнокрвност, праволиниска нарација и импулсивност во карактерите. Третата фаза е за театарот на институциите во Америка, наспроти пуританските, аматерски и комерцијални театри. Тоа е времето на естетски експерименти. Оваа фаза Насев сумблимирано ја склопува од сите историски дати, настани, појави коишто несомнено ја градат општествената и уметничка пирамида, и никако со чиста фактографија. Тој од нив прави хронолошка и дијахрониска приказна, многуаголник од информации кои се поврзува со сите негови дијагонали. Оттука, глатко ги спојува фактите дека: од 16-17 век Американците ја имаат опсесијата кон шпанската и француската драматургија; во тренд се сценските танци и народните изведби на религиските миракули; во 1702-та е напишана првата американска драма „Густавус Васа“ од Бенџамин Колмен; во 1703/4год. – култивирање и прапочетоци на американскиот театар: британскиот професионален актер Тони Астон со својата трупа изведува пиеси, со т. н. декадентни теми, за уметникот и поетот. По зборовите на Насев, Астон бил наречен „вагабонд“, во денешна смисла еквивалент за „субкултура“, кога се појавуваат нови духовни, философско-етички хоризонти; во Саутварк-театар започнува репертоарскиот театар; американскиот класицизам; мимезисот и едукација врз принцип на уживање; авторот Томас Форест со „Разочараните“ иницира потреба од индивидуалност (на колонизираниот свет) и од ангажираност.
Во 18 век: интенција на разобиличување на животот, во светот на драматургијата; појавата на мјузиклот, како позната американска театарска форма; за прв пат се воведува лик/тип на „Црнец“, ако синоним за емптатичка тенденција во уметноста, а со тоа драматизација на (таквата) проза: „Колибата на чичко Том“; а дознаваме и дека прв пат во Вашингтон со актерката Лилјана од Џерси се воведува костимот и сценографијата (а во Европа театарските сцени сè уште се статични).

2018-08-21T17:21:43+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 32|