Побуната против редот на нештата

/, Театар/Филм, Блесок бр. 29/Побуната против редот на нештата

Побуната против редот на нештата

во драмите Танго од С. Мрожек, Големиот брилијантен валцер од Д. Јанчар и Бунт во домот за старци од В. Андоновски

Уште при појавата на драмата на Драго Јанчар Големиот брилијантен валцер, се постави прашањето за блискоста со Мрожековото Танго. Иако врските не се многу евидентни, бидејќи кај Јанчар се работи за една поинаква структура, за различни ликови и околности, сепак останува впечатокот за нивната сродност. Во македонската литература со понов датум, се појави текстот на Венко Андоновски Бунт во домот за старци, што исто така може да се доведе во врска со двата споменати текста.
Блискоста на трите текста особено се забележува на нивото на нивната длабинска структура, која покажува идентичност на драмските функции.
1. Танго од Славомир Мрожек, напишана во 1965, без сомнение веќе го добива атрибутот на ремек дело на полскиот автор, дело што ја обележи авангардната драмска книжевност. Во времето на своето појавување определено е како трагична фарса (М. Еслин: Од онаа страна на апсурдот)1F, но од денешна перспектива, Танго исто така сосема оправдано може да се нарече типична постмодерна пиеса, богата со автореференцијални и метатекстуални коментари за современата состојба на драмата и театарот. Оттука не е случјно што сè уште делува инспиративно на помладите автори, кои во него наоѓаат појдовна точка за своите видувања на проблемите на власта, побуната против неа и конечно – смислата на тој акт. Блискоста на текстовите ќе ја проследиме низ неколку карактеристични ситуации.

А. Почетна ситуација: место на одвивање на дејството

1. Во Танго станува збор за граѓански салон, кој е во тотален неред, во распаѓање. Таквата состојба се сугерира со пренатрупаноста со остатоци од мебел што одамна ја изгубиле својата функција (детска количка што му припаѓала на сега дваесетипетгодишниот Артур, катафалк од погребот на дедото кој починал пред десетина години, и многу други непотребни и запуштени предмети). Ситуацијата во салонот е одраз на ситуацијата во семејството – неговите членови се во иста дезорганизација, или поточно: тука владее вистинска анархија во односите (Стомил цел ден го минува во пижами; недостасуваат животни продукти; секој јаде кога ќе му се посака; постојано се формира група за играње карти); накратко, тука воопшто не се почитуваат принципите на еден семеен, организиран живот.
2. Во Големиот брилијантен валцер дејството се случува во специјалниот завод за рехабилитација што работи под геслото ‘слободата ослободува’ или кажано неметафорично – во душевната болница. Во почетните дидаскалии местото е опишано на следниов начин:
„Средишниот простор на заводот претставува голема работна соба. Веројатно тоа е сала од некогашен дворец со остатоци од некакви цртежи, тапети, парчиња мебел, со карактеристични вдлабнатини или прозорци. Бидејќи е преуредена за нова намена, се гледаат и скоро сосема бели или светлозелени површини, па современа, не многу одржувана покуќнина што е во употреба, маси, столови (…). Дневната соба од сцена во сцена се наголемува, сè додека на крајот не се промени во голема сала за танц (балска дворана).”2F И тука доминантна одредница е безредието, неорганизираноста на просторот. Ако се апстрахираат поединостите што ја одредуваат болницата како конкретен простор, може да се заклучи дека таа е рефлексија на општеството, на безредието во државата, која, исплашена за својот поредок, организира институции од ваков вид, што ќе ја ослободат од несоодветното однесување на луѓето. Како што забележува Андреј Инкрет, „… заводот Слободата ослободува, што е простор на изолација, терапија и казни, се разоткрива како единствен меѓучовечки простор, во кој лесно може да се случи драма, но како институција, што претставува симболичен модел на општествениот живот воопшто. Или поточно, како метафора за суштествените одлики на општеството.“3F На крајот, болничарот Волоѓа констатира дека никој не е однадвор, сите се ‘во’.“
3. Кај В. Андоновски дејството се случува во домот за старци. И ситуацијата во домот може да се определи како анархична – по мистериозната смрт на управникот на домот – недостасуваат прехрамбени продукти, што предизвикува незадоволство, чувство на несигурност кај жителите на домот, старците.
Заедничко за сите три драми е појдовната ситуација што владее пред почетокот на заплетот – нередот (анархијата), нестабилноста на односите.
#b
1. М. Esslin: Au dela de l’absurde. Paris, Ed. Buchet – Chastel, 1970.
2. Drago Jancar: Veliki briljantni valcek. Ljubljana, Cankarjeva zalozba, 1985, 7.
3. Andrej Inkret: Drama o norosti in slobodi. In: D. Jancar: Veliki briljantni valcek, Op. cit., 89.

2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 29|