Некои драмски читања на Балканот

/, Театар/Филм, Блесок бр. 24/Некои драмски читања на Балканот

Некои драмски читања на Балканот

Втората порака би била: работата е средство за ослободување на човекот и стекнување на животната мудрост: на некорисното, „идеално“ општество на баронот Тхундер-тен-тронцкх му се спротивставува, односно го заменува продуктивното општество на Пропонтида. Единствено Кандид има желба да го поправи животот на луѓето. Конечната лекција на приказната е дека човекот е создаден за акција, затоа што само таа го прави животот поднослив.
Од другите интересни идеи треба да се напомене и следнава, извлечена и во поднасловот на романот – идејата за оптимизмот. Таа е искажана преку дијалогот на Кандид и неговиот придружник Какамбо: На прашањето на Какамбо што е оптимизам, Кандид одговара: О, (за жал), тоа е да тврдиш дека се е добро кога е лошо.
Андоновски во својот палимпсест на Волтеровиот Кандид како да поаѓа точно од оваа точка, во која се содржи заедничката врска помеѓу нивните два света – оптимизмот на Кандид како резултат на илузијата дека тој живее во најидеалното од сите општества (иако всушност во таквото општество тој е сосема деградиран заради своето сомнително потекло на вонбрачен син) и кај Кандид на В. Андоновски – илузијата за најдобриот од сите светови, (балканска варијанта), оаза на мирот, под заштита на ОН. Најубавиот од сите светови (кај Волтер) – е светот во кој владее филозофијата на Панглос.
Во Кандид во Земјата на чудата (кај Андоновски) – станува збор за свет во кој владее логиката (кралот забранува секакво сомневање во неа). Тој по образование е метафизико-теолого-космолонигоколог – (исто како Панглос) – и ја застапува идејата дека сите работи си имааат своја цел – не постои последица без причина, во најдобриот од сите светови се си има своја логичка цел. Меѓутоа – проблемот е што – „токму кога сакате да говорите најлогично, ви доаѓа некоја шега, и со опроштение, сака да ви се посере на логиката, како ѓаолот кај Цепенков што му се посрал на селанецот од чатијата“.3F Само нелогичното е смешно и шеговито. Како што се нагласува во текстот, логиката е измислена само за да го оправда насилството, да се оправда сопствената ропска душа. Народот е перфиден: се поплакува од кралот, но ропството му е доброволно, пресметано. Тоа е мазохистички народ. Сите се повикуваат на логиката за да најдат алиби за својот рефлекс за ропство. Самата логика, според Андоновски, е зандана. Во неа човек доброволно влегува, затоа што му дава мазохистичка сигурност.
И кај Андоновски станува збор за атемпорална интрига, но со многу референци за актуелните настани, со што на читателот му се дава необичен/невообичаен начин на гледање на познатите факти. Во Кандид во земјата на чудата, Волтеровиот познат јунак „паѓа од небо како Deus eh machina во лоша трагедија“4F (носејќи хуманитарна помош од Франција).
Неговата реакција по пристигнувањето е: дека народот на Балканот живее во невидена тиранија, па иако мисли дека размислува логично, всушност нема поим што е тоа вистинска логика.
Кралот, кој според своето образование е метафизико– космологоконолог – смета дека сите работи си имаат цел, т.е дека не постои последица без причина. Па така, Балканот (земјата на чудата), според таа логика, е најдобриот од сите светови, и работите не можат да бидат поинакви одошто се, бидејќи се е создадено со некоја цел (најдобра). Но, така е според логиката на власта (неговото височество), а според Кандид, застапникот на „светата чест на западната филозофија и демократија, и на гробовите на своите француски дедовци енциклопедистите, неговата мајка логиката“5F, овде владее тиранија, и тој, согласно своите принципи, се колне дека ќе го ослободи овој народ од тиранијата на бездушната баба, а Кинегонда, од сексуалното ропство и бесрамниот кредит.
Од неговиот аспект – всушност, тука сè е апсурдно. Власта, како најстара работа на светот (прикажана како крал-баба), прави се со цел да ги проголта сите (алузија на волкот во Црвенкапа – таа има големи уши да слушне сè, голема уста – да проголта сè што и се спротивставува). Нејзината сила не е во моќта на наредбите, туку во необјаснетата подготвеност на секој мизерен двоножец наредбата да се послуша. Понатаму: светот не е полн со маки затоа што има тирани, туку затоа што има будали што ги извршуваат наредбите. Има нешто мрачно во човекот што го тера да биде роб, црв, да лази и да ползи. И Бог избегал од овие луѓе заради нивната спремност да се слуша секој, па и Ѓаволот. Оттука, логиката, на која се повикуваат сите, а пред сè власта, е измислена само за да се оправда насилството, да се оправда сопствената ропска душа, да се признае дека нештата не можат да бидат поинакви одошто се. Логиката е алиби за рефлексот на ропство, таа е зандана, во која сите доброволно влегуваат.
Оттука, според Кандид на Андоновски, произлегуваат две опции, две перспективи за овие простори: тиранија (тоталитаризам) и демократија (лудило, анархија). Во првата опција, само еден мисли логично, другите го слушаат. Во втората: сите мислат логично, а кога сите се прават умни, светот станува лудница – нема напредок, зошто владее секој, а всушност – никој.
Затоа, прашањето што си го поставува Кандид е – ако ова е најдобриот од сите светови, какви се тогаш останатите?
Според Какамбо, ова е свет каде не само што нема правна држава, туку нема ни Бог, затоа што, разочаран од луѓето, тој ги препуштил на некое лошо суштество.
Како последица на тоа, Еден милион построени убијци трчаат од еден до друг крај на Европа, и дисциплинирано убиваат и пљачкосуваат за да заработат за корка леб, бидејќи не знаат друг, попристоен занает.
Во таквиот свет – интелектуалците се кастрати, кои откако ќе добијат државна служба, немаат никаква обврска да имаат свое мислење за што било. Притоа е важно образовната политика да се темпира така што никој не ќе може да го надмине кралот со своето образование (а тој има само второ одделение. Затоа постојано се менува азбуката и никој не може да го помине прво одделение).
Како и Волтер, и Андоновски ја споменува опцијата за градината („Ќе купиме мала куќа во некое мирно село. Ќе направам мала градина. Ќе садиме зелки и компири. Ќе чуваме и зајачиња“, ѝ вели тој на Кинегонда). Но, тоа е кажано како бајка за смирување, без убеденост во неговата можна реализација.
Рационалистот Кандид, во земјата на логиката, т.е на чудата, тешко се вклопува во системот и мора да биде погубен. Но спасот доаѓа точно од недостатокот на системот – или затоа што „и овојпат дојде нелогиката и, со опроштение, како кај Цепенков, се качи на гредата и ѝ се посра на логиката право во…“6F, т.е. заради суспензијата на истражниот судија, обвинет за неправилно работење, како типичен балкански начин на однесување на луѓето од власта – штом ја имаат во свои раце, веднаш да ја кршат, т.е да не ја почитуваат. Така Кандид одеднаш добива двојна улога – на затвореник и на надзорник на самиот себе. По сугестија на гласот на демократијата, надзорникот го ослободува затвореникот – т.е. се ослободува самиот себеси. Значи, крајот кај Андоновски, очигледно го сугерира активистичкиот принцип – ослободувањето на човекот / поединецот / интелектуалецот мора да биде резултат на личен ангажман, на сопствен избор, со што наведува на егзистенцијалистичкото сфаќање дека човек се станува преку реализиран акт, а не со најразлични мимикрии со кои ќе се затскрива зад признаените авторитети (било тоа да е логиката на власта, лажниот оптимизам или сервилниот интелектуализам).
Во својата изразита постмодернистичка постапка, Андоновски не само што го презема главниот јунак од Волтер од истоимениот роман, туку целиот текст го гради со една маестрално изведена цитатност, што дава дополнително естетско задоволство за публиката. Така сите реплики на некој начин се двојно кодирани – од Волтер, и од Андоновски. Во Кандид чести се авторефернтни искази од типот: „Кинегонда: Како да се знаеме однекаде, од некои други светови, како од некој филм, од некоја игра. Дури како да знам како се викате“7F.
Во текстот се користени сцени/дијалози и од Достоевски – од неговите Записи од мртвиот дом, како на пр. идејата за непостоењето на Бога со што сè е дозволено (за плитките умови). Се работи за постапка на типично постмодерно поигрување со искуствата од светската литератира – од Црвенкапа и Цепенков, преку Алиса во земјата на чудата, до В. Урошевиќ (комитите се манекени во пејзажот), К. Чашуле, и др.
Заклучок: Светската литература изобилува со описи на насилството, на тиранијата, на ропскиот менталитет, така што Андоновски, користејќи ја рамката на Волтеровиот Кандид, во својата драма ги користи овие извори со цел да нагласи дека зборува за една многу позната, стара вистина, која ја откриле одамна, за односот на поединецот и власта, на тероризмот и слободата, на лажната слобода, немоќта на интелектуалците, што добива драстични размери точно на Балканот, кој никако да се претвори во толку посакуваната оаза на мирот. (Поточно – тој е една лажна оаза на мирот, за да може власта да си ја смири совеста и непречено да владее – а тоа на балкански начин значи – да ги користи непречено народните добра како свои сопствени).
Доминантниот поглед/аспект во драмата на Андоновски е аспектот на Кандид, како поглед на другиот, на претставникот од западниот свет, кој се определува како демократски, слободен, рационален и антиклерикален, толерантен кон другиот. Иако тоа е погледот на човек од пред два века, истовремено збогатен со погледите на повеќе мисловни и книжевни авторитети и од понов датум, неговите вистини се совпаѓаат со сегашноста: Кандид, во своето стремење да го запознае светот, да стекне нова филозофска слика за него, всушност, само ја открива прастарата вистина за несовршената слика на светот, посебно деформирана на Балканот. Оттука, наместо идејата за скромната среќа, што е можна без многу размислување за смислата, се определува за активистичкиот принцип на лична побуна, како некаков можен излез од ќорсокакот на логиката. Кандид на Андоновски – случајно попаднат во балканските витли, јасно ги согледува сите негови недоследности, но крајниот исход го гледа сепак во акцијата, а не во помирувањето, иако ја разгледува и таа опција.
Некои драматуршки последици: Земајќи за основа мошне богат романескен текст, а освен тоа наоѓајќи интересни материјали за поставениот проблем и кај многу други автори, Андоновски се нашол во, по малку, незавидна положба заради преобилноста на материјалот што може да го „издржи“ еден драмски текст, кој има сосема поинаква технологија од романот: додека романот ја постигнува својата објективност, сеопфатност преку акумулирање многу детали, драмата сумира, т.е. генерализира, изоставајќи сè што е од описен карактер. Оттука, Андоновски, следејќи го својот инспиративен извор, го задржува начинот на опширно описно озаглавување на деловите (ги има 15), што во сценското прикажување бара вклучување на наратор – што ќе рече – станува збор за епизација на драмската структура, што се користи со преобилен говор, кој тешко се следи од соодветната драмска игра.

#b

3. В. Андоновски: Кандид во зејата на чудата, Културен живот, Скопје, бр. 4/2000, 68
4. Ibidem, 69
5. Ibid, 68
6. Ibid, 101
7. Ibid, 73

АвторНада Петковска
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 24|