Антон Чехов и револуцијата во 1905 година

/, Театар/Филм, Блесок бр. 24/Антон Чехов и револуцијата во 1905 година

Антон Чехов и револуцијата во 1905 година

„Размисли, Анја, твојот дедо, твојот прадедо, сите твои предци имале робови, живи души. Дали ги слушаш нивните гласови? Дали ги чувствуваш човечките суштества кои те набљудуваат од секое едно дрво во градината? Да се имаат човечки души значи да се промените сите – твоите предци и ти, која живееш сега, значи мајка ти, вујко ти, па дури и ти не го разбираш тоа. Но ти живееш во долгови, на сметка на оние што ти биле робови.“

Антон Чеховата последна претстава, Вишновата градина, премиерно е изведена во Москва, во Театарот на уметноста (МАТ), во јануари 1904. година. Чехов почина следното лето. Секако, неговото последно дело, и дефинитивно последните години од неговиот живот, беа испреплетени со неуспешната револуција која ја исчисти Русија една година по неговата смрт. Ниедно литературно дело, ниту современа ниту ретроспективна, не го долови духот на времето на овој период на руската историја посеопфатно од Вишновата градина. Кога Чехов почна да ја пишува оваа пиеса во неговиот нов дом на Јалта во пролетта во 1903 г., тој беше под огромен притисок од Константин Станиславски (креаторот на Московскиот театар на уметноста) и на Владимир Немирович Данченко, да произведе ново дело за престојната сезона. Порано истата година Чехов им беше ветил водвиљ или комедија без детална експликација. Станиславски не беше убеден, пред сè поради загриженоста дека новата пиеса не би можела да го докаже чудното и вулгарното на животот. „Единствено се плашам дека наместо фарса ќе добиеме величествена голема трагедија.“ Семето на пиесата созреваше извесно време. Во есента 1901. година Чехов за прв пат му ја наговести на Станиславски градината како рамка за претстава. По добивањето на вестите дека новиот сопственик на Чеховиот имот во Меликово ги откорнал црешовите дрвја во градината, Чехов го предложи името на пиесата за престојната година: Вишновата градина.
Во почетокот на 1903. година Чехов беше цврсто етаблиран во МАТ како негов водечки драмски писател и литературна ѕвезда. Тој се ожени со водечката актерка во МАТ Олга Книпер во мај 1901. г. и имаше завиден успех и популарност со трите претходни постановки под режисерската палка на Станиславски.
Создавањето на Московскиот театар на уметноста неочекувано го смени курсот на Чеховиот живот како драмски писател, а со тоа и курсот на модерниот театар. По негативните критики за Галебот во Санкт Петерсбург во октомври 1896. година, Чехов реши никогаш повеќе да не пишува сценски дела. Премиерата таму предизвика скандал во публиката, полош од било кој друг што го памети рускиот театар. Чеховата сестра Маша си спомнува неколку години подоцна дека кога Антон ја пречекал на железничката станица утрото на денот на премиерата, бил бесен. „Актерите не ги владеат ролјите. Не разбираат ништо. Актерската игра е ужасна. Пиесата ќе пропадне. Не требаше да дојдеш…“ Современите ревии го оценија Галебот како здодевен; дека потенцира работи што ги огорчуваат гледачите… „Ова не е претстава. Нема ништо театарско во ова… Публиката очекуваше нешто величествено, а доби лоша, здодевна пиеса… Чехов не е драмски писател. Колку побрзо тој ја заборави сцената, толку подобро…“ Чехов отшета од претставата во студената санктпетерсбуршка ноќ убедувајќи се себеси дека никогаш повеќе нема да биде предмет на такво понижување. Писмото од Немирович-Данченко во пролетта 1898 го натера да го преиспита таквиот став и во таа смисла отпочна процес кој ќе доведе до успешно препоставување на Галеб во Москва, за потоа да уследат Трите сестри и најнакрај Вишновата градина. „Од современите руски автори јас решив да му се посветам само на најталентираниот и сè уште недоразбран“ му напиша Немирович-Данченко на Антон на 25. април. „Галебот ме воодушеви и ќе поставам сè што сакаш, овие сокриени драми и трагедии во секој од ликовите во пиесата ќе создадат умешна продукција без баналности, што ќе ја одушеви и публиката.“ Немирович-Давченко писмото претпазливо го заврши вака: „Нашиот театар почна да го предизвикува бесот на Царските театри. Тие разбираат дека војуваме против рутината, клишеата, етаблираните гении и така понатаму…“
Покрај неговите чувства дека пишувањето за театарот по дебаклот во Санкт Петерсбург е како „јадење боршч од кој тукушто е извадена бубачката“, Чехов за прв пат го посети МАТ на септемвриската проба на Галебот, во која во ролјата на Ирина играше Олга Книпер. Тој во писмото запиша: „Немирович и Станиславски имаат многу интересен театар. Убави актерки. Кога би останал тука уште малку, би ја изгубил главата.“
Кога Чехов почна да ја пишува Вишновата градина, во московскиот театар се водеше внатрешна војна. Во раната 1903. година МАТ почна да се расцепува на две фракции: едната предводена од страствената актерка Марија Андрејевна, подоцна љубовница на Горки, што агитираше за идеолошка промена, за поставување на револуционерни драми и од друга страна Немирович-Давченко и Книпер, кои се бореа за сочувување на сè позначајната репутација на МАТ како театар со цврсти литерарни вредности. На 3. март избувна кавга во театарот; актерот Морозов го осуди „капиталистичкиот конзерватизам“ на Немирович-Давченко што ќе предизвика сигурна пропаст на театарот. Агитпроп театарот, со Чеховиот пријател Максим Горки како негов претходник, стана сè пожива и попопуларна форма на активистичка забава, кога руската работна класа почна да се лизга од цврстите раце на царот Николај Втори, кон крајот на девететтата деценија од деветнаесеттиот век.
Затечен од власта после ненадејната смрт на неговиот татко Александар Трети во октомври 1894. година, Николај не беше целосно убеден во своите можности. „Што ќе правам?“ се пожали на една братучетка непосредно пред крунисувањето. „Не сум спремен да бидам цар. Никогаш не сум ни сакал да бидам. Немам поим од практицирање на власт.“
Тоа беа можеби најискрените зборови што младиот цар ги изговори или напиша, барајќи ги „бирократските аутсајдери и моралните отпадници“, фамозниот Распутин помеѓу нив, кои можеа да го поместат неговото внимание од заморните државни работи. Другите во неговата близина не беа исплашени од давањето забелешки за царевиот карактер и водечките способности. „Несреќен човек!“ викна жената на царевиот министер за внатрешни работи во 1904. година, „тип на слабичок дегенерик, во чија глава е врежано дека треба да е силен, а нема ништо полошо од слабак желен за моќ.“
Николајевото царство беше проколнато од самиот почеток. Чеховиот издавач Алексеј Суворин присуствувал на свеченото крунисување во Москва година и пол откако Николај ја превзел власта. Гледалиштата беа бргу подигнати. За да ги наполнат, ветија пола милион подароци, лимена чаша и крунисан колбас, со можност за добивка и на сребрен часовник. Како одговор повеќе од 700.000 луѓе влегоа во Москва. Гледалиштата попуштија, убивајќи повеќе од 2000 луѓе .
„Труповите ги носеа цел ден“, Суворин подоцна рапортираше: „имаше многу деца… Не видов ниеден благородник. Само работници и занаетлии лежат таму… какви копилиња се овие полициски чиновници, сите до еден, и тие бирократи.“ Недела дена подоцна, Чехов го придружи Суворин на местото на настанот. „Гробовите сè уште мирисаа,“ запишал Суворин во својот дневник. Чехов, забележа Суворин, не кажа многу за настанот, но враќајќи се дома, не напиша ништо две недели.
Бесчуствителното однесување на руската влада кон своите граѓани секако не беше ништо ново. Од Големите реформи во 1860 година Царската позиција стануваше сè пореакционерна, што доведе до Контрареформи во 1889-92. Таткото на Николај, Александар Трети, беше конструктор на движењето на Контрареформите. Тој беше убеден дека старите реформи од 1860, вклучувајќи ја еманципацијата на потчинетите, одтидоа предалеку затоа што ќе го надминеа рускиот историски развој и вештачки ќе ги вметнеа странските идеи и теории за владеење, вклучувајќи ги „… идеалите… за индивидуална автономија“. Александар ги сметаше Контрареформите за нужни поправки за повторно вистинската социјална структура и национална судбина.
Николај, од друга страна, го одби барањето на народната коалиција за цивилна слобода како „бесмислени сништа“ (петицијата за слободата на печатот ја потпиша и Чехов, поради што царската тајна полиција почна да го набљудува).
Покрај газењето на „бесмислените сништа“ на сопствениот народ, уште една битна компонента за реализирање на царската национална судбина беше и империјалистичката експанзија на другите нации. Со царичиното влијание врз мажот ѝ да биде „тврд, јак, непопустлив, другите да разберат со кого си имат работа“ и со амбициозниот министер за финансии Сергеј Вите, но и со злогласниот министер за внатрешни работи Плеве, лошо подготвена Русија на крај на 1903 се конфронтира со „бесрамната“ Јапонија за Манџурија и Кореја. Ненадејно спорот прерасна во војна со јапонскиот ненадеен напад на руската пацифичка морнарица на 27. јануари 1904. година, што почна да го врти тркалото на случувањата кои ќе доведат до револуција во следната година.
Привремено соединета во про-воено агитирање и милитаристичка треска, руската публика не беше спремна да ја прегрне Вишновата градина на премиерата во Московскиот театар на уметноста. Ново Време ги одби и пиесата и авторот на истата. „Чехов не е само слаб писател на драми, туку е скоро чуден, скоро банален и монотон.“ Во тоа време смртно болен, Чехов ја изненади екипата појавувајќи се на премиерата по неговиот долготраен, сам на себе наметнат егзил на Јалта. Изненаден, Станиславски подоцна ќе рече дека изгледал како „жив труп“.
Сериозни здавствени проблеми го мачеа Чехов од рана возраст, неговата латентна туберколоза забележливо се влошуваше од неговота експедиција на островот Сакхалин во 1890. Неговите бели дробови беа дијагностицирани како „неизлечлива некроза“. Можеби поради севкупната војна треска што ја зафати неговата земја, но можеби уште еднаш да го избегне неуспехот на неговата пиеса, Чехов соопшти дека на лето ќе замине на Манџурискиот фронт како лекар и воен репортер. Никој не го сфати сериозно таа ноќ. Во мај, Чехов повторно се врати на Јалта, во рацете на Олга и во комбинацијата на морфиум, опиум и хероин. На 26 јуни Олга од баденвејлеречката болница во нејзината родна Германија, каде го однесе Чехов во очајнички обид за негов спас, ѝ напиша на нејзината золва Маша, „Лекарот ми објасни дека поради лошата состојба на неговите бели дробови, неговото срце работи двапати повеќе отколку што мора, а и срцето не му е веќе толку силно.“
Рано наутро на 15. јули 1904. година срцето се предаде. Германска лекарска етика во тоа време претпочиташе дека „лекарот до смртната постела на сопствениот колега, кога нема веќе надеж, мора да чести шише шампањ“. Го донесоа шишето. „Антон седна и гласно објави ‘Ich sterbe’, јас умирам. Отпи, зашепоти ‘Одамна не сум се напил шампанско,’ легна на неговата лева страна… и умре“.
Подоцна истиот ден во Санкт Петерсбург, револуционерните терористи го убија презираниот министер за внатрешни работи Плеве со домашно изработена бомба.
Како „елегијата за изгубениот свет, изгубениот имот и изгубените позиции“ Вишновата градина ги претскажува случувањата во 1905. година со предвидувачка јаснина пожива од времето кое едноставно не може да види. Смртта во Вишновата градина во завршувањето кое го наговестува Самуел Бекет, е банална: сенилниот слуга е заборавен во заклучена куќа. Истата бесмисленост постои и помеѓу Чеховата имагинација и неговата судбина, што се покажува во поседувачите на погубената градина. „Чехов скоро не можеше да оди, звуците излегуваа од неговите гради, но тој изгледаше како да не го забележува тоа. Го интересираше сè, само не болеста… Зошто толку скапоцените содржини се затворени во толку кршливи садови?“
Чеховите посмртни остатоци беа затворени во ладилник-кола означени „за остриги“ и пратени од Германија во Русија за погреб. Горки беше на погребот, заедно со сестрата на Чехов, Маша, и вдовицата Олга. Истиот ден тој запиша: „Толку сум очаен поради овој погреб… Како да сум се намачкал со леплива смрдеа… Луѓето се качуваа на дрвјата и се смееа, ги кршеа крстовите и колнеа како да се борат за место. Прашуваа гласно, Која е жената? А сестрата? Гледај, плачат…“ Чалјапин (рускиот оперен пејач) се облеа во солзите и опцу: „И тој живееше за овие копилиња, работеше, размислуваше, се расправаше за нив…“

превод од англиски: Мина Шпела Крстевска

АвторБрук Стоув
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 24|