Постмодерниот театар – манифестација на теоријата на хаосот

/, Театар/Филм, Блесок бр. 23/Постмодерниот театар – манифестација на теоријата на хаосот

Постмодерниот театар – манифестација на теоријата на хаосот

Почнувајќи од средината на 60-тите, светот на театарот беше сведок на потребата за нов авангарден театар. Во тоа време, традиционалниот театар (класиците и мјузиклите) беа продуцирани од страна на театарски компании сместени близу до западниот дел на средината на Менхетн, околу Бродвеј, додека оние нови претстави и нови класични поставки кои беа поинтелектуални се одвиваа надвор од централната театарска област, па таквите модерни драми или модерни интерпретации на класиците беа нарекувани Вон-Бродвејски.
Помалите театри кои не беа во можност да ги исполнат правилата на унијата на Актерската Еднаквост, ги поставуваа своите претстави надвор од унијата и продукциски регулираната средина, па така тие беа преименувани во „Вон-вон-Бродвејски“. Многу од нив се фокусираа на нови драми, повторни поставувања, класици и сл. Како и Бродвејските и ВБ театри, другите ВВБ театри почнуваа да се фокусираат кон свеста и подоцна беа нарекувани ‘авангардни’, ‘експериментални’, ‘уметнички перформанси’, ‘алтернативни’ или ‘концептуални’.
Овие постмодерни групи ги вклучуваа на пример Мабу Минес, Перформанс групата, Проектот Менхетн, Онтолошко-хистеричниот театар, и писателите / актери / изведувачи како Роберт Вилсон, Стјуарт Шерман, Алисон Нолес итн. Овие нови авангардни групи ги прикажуваа нивните драми претежно во деловите од Менхетн како на пример Долниот Ист Сајд, Сохо, Вилиџ и Бруклин, каде контра-култура на 60-тите цветаше непопречена од комерцијалните притисоци и интелектуалната сомничавост на мејнстрим театарските критичари.
Карактеристиките на овие постмодерни ВВБ претстави беа нови и радикално различни од оние кои беа прикажувани во традиционалниот Б, ВБ и ‘традиционалниот ВВБ’ театар. Тие навистина брзо ги засенија другите ВВБ групи и терминот ‘ВВБ’ стана заменлив со ‘постмодерен’ за многу театарски критичари и учесници. Според тоа, понатаму во овој текст ‘ВВБ’ ќе се употребува за постмодерната варијанта на ВВБ театарот.
Grosso modo, модерниот театар се карактеризира со централен наративен заплет кој што се развива на еден логички, последователен начин, како на пример драмите на Пинтер, Сартр или Олби. Актерите заземаат улоги на секојдневни граѓани кои раскажуваат приказна што е базирана на животни трагедии и егзистенцијалистички конфликти и раскажуваната трагедија или комедија се развива по една линеарна линија почнувајќи на почетокот и завршувајќи со последниот чин од драмата.
Целта на постмодерниот театар беше да ги разбие постојните начини на перцепирањето на светот и на себе самиот. ‘ВВБ’ драмата е замислена да биде еден настан или процес каде публиката и актерите/ нештата/ објектите/ просторот се во ментална интеракција. Фокусот е свеста и помалку емоционалното искуство, политичкиот критицизам или едноставната забава. Намерата на ВВБ театарот е да ја деконструира реалноста, а не да ја интерпретира или да бара ‘автентичен’ контакт со публиката, како што тоа го правеше Ливинг театарот.
Фрагменти од умот на протагонистот се издигнати на еднакви нивоа на реалност и дадени им се одделни улоги, слично како кај лице кое страда од пореметување на личноста или лице кое преживува состојби на дисоцијација или халуцинација или лице кое лежи на психоаналитичарски кауч и искусува како неговите идентификациски импулси му блеснуваат во свеста. Сем Шепард, драмски писател кој комбинира раскажувачки делови со постмодерната сензибилност изјавува (1984):
„Приказните кои ги раскажуваат моите карактери се секогаш недовршени, секогаш сликовити – и имаат врска со искуства на сеќавање преку одреден вид на визија. Тие секогаш се напукнати и фрагментарни и скршени. Јас би сакал да можам да раскажам класична приказна, но тоа изгледа не е дел од мојата природа“.
Уште една често користена техника со цел да се прекршат вообичаените начини на перцепирање и концептуализирање на средината е намерната употреба на повеќе медиуми и различни уметнички форми кои се прикажуваат симултано за време на една ВВБ изведба, на пример на Мередит Манк, која е пред сè танчер, но исто така ја користи уметноста, скулптурата и театарот како еднакви составни делови на нејзината изведба. Друг пример е вустер групата чии претстави често се состојат од мешавина на видео филмови, глума и скулптура, итн.
Постмодерните изведби се менуваат од една изведба до друга. Не постои потреба конзистентно и методолошки да се повторува драмата, како што учеа театарските школи на Ли Стразберг, Станиславски или Гротовски. Секој настан или изведба во ВВБ театрите има за цел да произведе нов Gestalt направен од збирот на сите ‘нешта’ поставени и придвижувани на сцената, од една страна, и умот на гледачот кој селективно се вклучува во различни делови на информацијата онака како што тој сака.
Деконструкцискиот атак врз конвенционалното мислење и перцепција може да биде ослободувачко искуство, како што е случај со многуте перформанси на Мабу Минес и Роберт Форман и исто така нуди задоволство, особено ако декодираниот материјал е дел од заедничката историја или наследство кое го споделуваат и изведувачот и гледачот. Елинор Фухс (1983) го опишува таквото искуство на постмодерниот театар, во една драма на Дерил Чин насловена како „Лудачка кошула“, и пишува:
„Суштината на драмата се состои во испреплетување на многу фрагменти од сцени, цитирани или инспирирани од американските „класични“ филмови, испрекинати со критички делови. Вклопувањето на фрагментите никогаш не се сврзува во една илузионистичка реалност со заплет и карактери, но тие се кохерентни затоа што текстовите зад текстовите се дел од нашиот културен наратив. Чин ѝ го подава текстот на својата публика, книги, написи, филмови, фикција, критицизам… Тоа што Чин го претставува во своите драми е еден свет на текстуалност многу повеќе одошто еден драмски свет.“
ВВБ театрот не прави компромиси. Во него не постојат класично раскажани приказни, не постојат психолошки карактери со веднаш препознатливи личности, ниту пак историски концепт на драмата ниту линеарно хронолошко развивање на приказната, или пак, ако има, тогаш само во фрагменти.
Според тоа, сè зависи од умот на гледачот и потребата да се создаде значење од информацијата, импресиите, звуците, мирисите и сл. Партиципацијата е апсолутно неопходна.

Превод од англиски: Билјана Црвенковска

АвторРејмонд Санер
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 23|