Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

/, Театар/Филм, Блесок бр. 22/Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

Ова се разбирливи стравови и разумни спекулации – особено од една конкурентна, пазарно економска перспектива на ‘преживување на поспособниот’. Меѓутоа, чувствувам дека постојат индикации дека ‘живиот’ изведувач нема да може да биде заменет ниту во блиска ни во далечна иднина од некој ‘виртуелен’ или електронски актер или танчар… И ова нема никаква врска со преживување на поспособниот, туку со преживувањето на нешто чијашто вредност може да е во процес на повторно признавање… Тоа може да биде случај, претпоставувам, и со ритуалот на следење на живата изведба.
Ние сме, историски, во една фаза на транзиција која делумно е означена со обсесија со ‘новите медиски’ светови на виртуелната реалност, интерактивни мултимедиуми, киберпростори, хипертекстови, глобални села, итн. Веќе постојат индикации дека периодот на публицитетот се стишува. Иницијалната еуфорија за виртуелната реалност е веќе делумно помината, како што индицира Бренда Лорел во седмото поглавје на обновеното издание од нејзината книга Компјутерите како театар. Во 1991, во Амстердам основаниот Де Бејли организираше Летен Фестивал во 1991 каде што беше предложено дека ‘телото’ „се покажа како најслабата врска во технологијата“. Публикацијата поврзана со фестивалот насловена како Водена облека се фокусираше на оваа тема за истрошеното тело, на „човечкиот остаток кој беше исфрлен во електронската ера“. Имаше многу такви конференции и публикации кои беа продуцирани во првата половина од последната декада од овој век (прим.прев. 20-тиот век), од страна на заедниците коишто го искусија периодот на засенетост со дигиталната револуција.
За некои тоа можеби и воопшто не беше случај, но во контекстот на развивањата во ‘новите медиуми’ и дигиталните технологии, вредноста на материјалниот простор и човековиот физички контакт се реафирмира себе си. Доволно е лесно да се замисли Интернет како ‘јавен’ простор – што се покажува преку формирањето на многу дигитални општества и градови низ светот. Како и да е, спекулацијата дека можеме да го замениме ‘вистинскиот’ човечки контакт со виртуелен контакт изгледа дека исчезнува. Во 1984-та, Вилијам Гибсон напиша книга во која тој се смета за заслужен за создавањето на терминот ‘киберпростор’. Многумина ја прифатија Гибсоновата визија за еден виртуелен свет во кој сите човечки капацитети, како ментални, така и физички, можат потполно да функционираат како една остварлива визија за иднината. Меѓутоа, самиот Гибсон неодамна во едно интервју се согласи дека светот којшто тој го замислил не се случил и најверојатно никогаш нема да се случи. Неговата последна книга, Идору, сè уште е екстремно футуристичка – но поимот за телото како обично ‘месо’ е адаптиран да се вклопи во една похуманистичка димензија.
Индикациите за оваа промена можат да се видат и на многу други полиња. Во едно писмо до Интернешал Хералд Трибјун (29 април 1998) насловено „Новата економија го сака Старото општество“, Нил Пирс цитира скорешно дело на водечки економисти кои велат дека новите технологии НЕ го предизвикуваат предвиденото проширување на работните општества во далените, (прекрасни) рурални области од кои тие можат да ја спроведуваат својата работа. Напротив, влијанието на новите технологии сега се гледа во флуидната и адаптивна природа на ‘новата економија’ која функционира најдобро и најкреативно кога луѓето ќе се сретнат лице во лице… Дури и само за кратки, интензивни периоди.
Ова се идикациите за процесот на културната трансформација таму каде што општествената промена заемно си влијае со технолошкиот развој. По мое мислење, ние ќе видиме како општеството ќе почне да ги сортира приоритетите и, можеби како реакција или отпор кон поимот на виртуелноста (и кошмарот за претрупување на информации), ќе порасне вредноста на нашиот физички и материјален јавен простор. А тука не треба да ја заборавиме сè поголемата глобална поддршка на напорите на екологистите и заложниците за чиста средина да ја спасат иднината на физичкиот свет.
Мое претчувство е дека како што залуденоста со виртуелната реалност и киберпросторот ќе се намали, ние повторно ќе ги прифатиме настаните со жива изведба и ќе ги припоиме повторно кон материјалните згради и места кои постојат за нив. Во општествата кои се преоптеретени со проблемите на премногу податоци, театарот и танцот ќе функционираат како ‘содржински богати’ и информациски филтрирани настани – што ќе придонесе за нивен опстанок. Овие развивања делумно ќе помогнат за повторно оживување на формите на живата изведба – но ние во никој случај не треба само да седиме и да чекаме тоа да се случи. Танцот и театарот мораат симултано да работат за повторно да се откриваат себе си, што е важно за општетсвото кое е во потрага по нови констелации и конфигурации на значење кои би ја осмислиле денешнината.

Повторното откривање и новите уметнички форми

Повторното откривање на живата изведба може да се случува одвнатре на нејзините постоечки форми или однадвор во развојот на новите уметнички форми и дисциплини. Исто толку сигурно како што беше случај со фотографијата и филмот, новите медиски технологии ќе изродат нови уметнички форми (Британската академија за филм и телевизија се обидува да биде во тек со ова, создавајќи нова категорија за награди во областа на ‘интерактивни мултимедиуми’). Исто како и фотографијата и филмот, овие нови уметнички форми ќе влијаат на театарот и танцот. Зборувајќи за интерактивните мултимедиуми, веќе постојат интересни нови напредувања во областа на комуникациските и мрежните уметнички форми, инспирирани од Интернет.
Овие нови уметнички форми ќе изискувааат поинакви начини на перцепција кои ќе ги изменат начините на кои ние повторно го поставуваме Шекспир или поставуваме нова кореографија. Новите технологии исто така ќе ги изменат начините на создавањето на живата изведба. Како што споменав претходно, повеќе или помалку директната примена и имплементација на новите медиски и информациски технологии во живата изведба беше испробувана од страна на уметниците кои работат со телематски простори на изведбата, компјутеризиран сценографски и светлосен дизајн, компјутеризирана кореографија и сценска средина која е контролирана од изведувачот, холографски актери/ танчари, итн. Меѓутоа, фундаменталните временско/ просторни услови за јавниот ритуал каков што е театарот или танцот (доаѓањето во и за специфицираното време и простор онака како што е детерминирано од страна на создавателот) нема нужно да се промени.
Многу е веројатно дека ние ќе продолжиме да ја гледаме живата изведба користејќи комбинирани средства – една мултидисциплинирана изведувачка уметност во која независните медиуми, танцот, филмот/ видеото, звукот, сценографијата, текстовите, итн. Се обединуваат за да создадат порелевантни и динамички спектакли. Дали ова значи повеќе танц или театар може да биде сè понејасно. Дефинициите можат да им бидат оставени на програмерите, продуцентите, новинарите и критичарите кои обично помагаат во одредувањето на категориите за публиката. Се сомневам дека ќе гледаме театар кој сè помалку ќе биде стриктно базиран на текст… И ќе биде сè пофизички. Најверојатно вредноста на танцот ќе се зголемува. Јоханес Одентал, поранешниот уредник на Балет Интернејшнал, за работата на уметниците од ДВ8, како што се Жан Фабр, Мег Стјуарт итн. Пишува: „Современиот танц, или повеќе, танцовиот театар, ѝ дава на деконструкцијата на тековните слики и концепти драматична актуелност којашто современиот театар тешко може да ја достигне“.
Ќе се развијат, како што верувам, нови форми на драматургија, кои ќе бидат значајни за комбинирањето на овие медиуми, и исто така ќе има нови креативни организации кои ќе развијат пофлуидни начини на работа со трупи изведувачи, публиката и развој на соработката, поддршка за растот и развојот на креаторите/ режисерите/ кореографите, итн. – организациски форми како Викторија во Гент. Во образованието, овие нови форми се развиваат во Дас Артс – една понапредна институција за обучување на уметниците кои се поврзани со Амстердамската академија на уметностите. Дас Артс активно е во потрага по порелевантни образовни контексти за младите уметници и е индикативна за правците во кои креативното мислење во уметничкото образование може да еволуира… Сè подалеку од ‘институцијата’ и повеќе кон флуидните и адаптивни околности.

Превод од англиски: Билјана Црвенковска

АвторСкот де Лахунта
2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 22|