Гротовски: Распалувајќи го огнот

/, Театар/Филм, Блесок бр. 22/Гротовски: Распалувајќи го огнот

Гротовски: Распалувајќи го огнот

Во 1959, во провинцискиот град Ополе во Полска, на 50.000 милји од Аушвиц, Јержи Гротовски (од сега па натаму Гротовски) беше именуван за директор на Teatr 13 Rz” dów, Театарот на 13 редови. Минувајќи го конвенционалниот пат на обучување и искуство, тој извлече од тоа краен бенефит и предност да биде именуван на оваа позиција. Така, на 26 годишна возраст, Гротовски ќе почне да ги форсира, и социјалистичкиот принцип на потполно државно финансирање, како и утописката визија за театарот формулиран од Станиславски и другите како ‘спиритуален натурализам’.

Во Полска во 1959, кога Гротовски ја основаше, заедно со Флашен, неговата мала експериментална театарска трупа во Ополе, постоеја други сили кои делуваа на балансот на дисциплините во театарот: влијанијата на авангардата од Запад и реакциите на Полјаците на нив; важноста на текстуалните и техничките аспекти на сценската продукција; и, постоењето на или не-дисциплиниран или пре-интелектуален пристап кон актерството. Резултатот од ова беше редуцирањето на актерот во статус на кукла, или на, како што критичарот Јан Клозович се изрази во неговиот напис од 1971: „извршител на волјата на семоќниот режисер“. Во овој контекст Гротовски предлагаше една артистичка програма во опозиција на мејнстримот. Уште од неговата претходна работа може да се заклучи дека негова најсилна карактеристика беше токму таа на контрадикција и спротивставување на постоечката пракса – полемички став за кој, дваесетина години подоцна, Гротовски тврдеше дека бил свесен принцип кој се провлекувал низ целото негово дело. „Сакам да ве потсетам дека работата на нашата институција континуирано следеше еден пат спротивен на – и на некој начин во конфликт со – тековните трендови во културата. Таква е нашата професија.“
(…)
Флашен го опишува процесот на via negativa, или елиминаторниот процес на кој Гротовски му ја потчини својата уметност, со акцент на врската помеѓу театарот и текстот:
За да создадеме театар ние треба да одиме подалеку од литературата; театарот започнува онаму каде што престанува зборот. Фактот дека театарскиот јазик не може да биде јазикот на зборовите, туку само свој сопствен јазик, створен од своја сопствена супстанција – претставува радикален чекор за театарот, но Арто ова веќе го констатираше во своите соништа… Истата линија на мислата којашто гледа можност за театарот денес преку една состојба на изолација, ни кажува не само да одиме подалеку од дискурзивниот збор, туку исто така да го отфрлиме сè она што не е строго есенцијално за театарскиот феномен… Вистинската субјект-материја на театарот, неговиот сопствен резултат кој не припаѓа на ниедна друга форма на уметност, е – според зборовите на Гротовски – резултат на човековите импулси и реакции. Психичкиот процес, кој се открива низ телесните и гласовните реакции на живиот, човечкиот организам. Тоа е суштината на театарот.
(…)
Гротовски изгледаше фасциниран со ритуалните аспекти на изведбата кога изјави, „Тоа е прашање на собирот кој е потчинет на ритуалот: ништо не е претставено или прикажано, туку ние партиципираме во церемонија која го ослободува колективното несвесно“. Соработувајќи повторно со архитектот Гуравски, тој ја напушти конвенционалната сцена, категорично изјавувајќи дека нема никогаш да и се врати ниту тој, ниту неговата трупа. Дејството се случуваше зад гледачите, пред нив, соочувајќи се со нив и со нивните пријатели отспротива. На ист начин тие ги мереа нивните реакции кон другите и во нормалниот тек на нивниот ден. Флашен рече, „Да се режира изведба, за разлика од традиционалниот театар, подразбира две трупи. Театарската церемонија е создадена на раскрсницата од овие две групи“. Ова беше првиот обид на Гротовски за тотална просторна интеграција на актерите и гледачите, и делумна елиминација на интелектуалната разлика помеѓу нив. Гледачите, заедно со актерите, беа учесници на ритуалот бидејќи ставот на актерите беше покана за заемна партиципација.

Превод од англиски: Билјана Црвенковска

АвторРичард Гафилд-Најт
2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 22|