Диво месо

Диво месо

***
Сцена 1
Сцена 2

(Ресторан на железничка станица. Херцог пие кафе. Пауза. Доага Сивиќ. Седнува крај него. Пие.)

СИВИЌ: Доцни уште половина час.
ХЕРЦОГ: Па пред половина саат доцнеше уште половина час.
СИВИЌ: Возови. Напијте се нешто.
ХЕРЦОГ: Испив три кафиња: ќе пукнам. Во овој град се пие, се јаде и се игра како утре да ќе биде пропаст на светот. Што и не е исклучено. Како што тргнале работите можеби ќе присуствуваме на крајот. Последната голема експлозија. Земјината топка испукана од ждрелото на разорен топ. Величествените последни секунди во кои сè ќе биде возможно.
СИВИЌ: И сега е сè возможно.
ХЕРЦОГ: Не ми е возможно да отидам понадвор. Ми помина половина живот во клозет. Не знаете каква е таа мака. Додуша човек има време за размислување, но и тоа не е бог знае како пријатно. Не ми е јасно доаѓањето на господин Клаус. Се чувствувам како селски учител на кого му испраќаат инспектор од метрополата. Имам чудни претчувства. И мислам дека ќе ми биде потребна вашата помош.
СИВИЌ: Ви стојам на располагање шефе. На здравје.
ХЕРЦОГ: На здравје. Секогаш кога вака самозадоволно наздравувам чекам некој да ми пријде од зад грб и да ми ја скрши тиквата со топузина.
СИВИЌ: Немате од што да се плашите во ова село.
ХЕРЦОГ: Стравот е независен од реалната опасност. Ме загрижува што не нè известуваат колку ќе трае посетата на господин Клаус. Да беше обична, ќе траеше само оние протоколарни три дена. Стево Андреевиќ ги прегледа деловодните книги?
СИВИЌ: Да. Доста немарно. Морав и јас да ги проверувам. Веќе неколкупати тој прави грешки кои ја потценуваат вашата благонаклоност кон него.
ХЕРЦОГ: Мене ми се гледа како чесен работник и бистро момче.
СИВИЌ: Вие знаете подобро, господине. Можеби грешам. Иако тоа ретко ми се случува. Во секој случај, тој ми оди на нерви.
ХЕРЦОГ: Важно книгите се во ред.
СИВИЌ: Да.
ХЕРЦОГ: Постојано мислам дека нешто не е во ред. Се будам наутро и се чувствувам добро само додека не се сетам што не е во ред за тој ден. Секогаш има нешто за кое можам здраво да се фатам.
СИВИЌ: Премногу се напрегате господине Херцог. Ви треба одмор.
ХЕРЦОГ: Кога јас би знаел да се одморам. Морам да сум премногу зафатен за да имам со што да ја оправдам својата нервоза. Оставете ме без работа два дена и ќе ме фати паника.
СИВИЌ: Јас би можел да издржам многу подолго. Само дајте ми пари.
ХЕРЦОГ: Доволно ви давам. Ако се погрижите околу Клаус, додатно ќе се договориме. Намирисајте што сака. Не ви е првпат. Брат ви ја работи истата работа званично.
СИВИЌ: Господине Херцог, сакам да знам што повеќе. Ако тоа можам да го продадам, уште подобро. Денес сè се купува и продава. Дури и она за кое луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најефтино.
ХЕРЦОГ: Дома сигурно сите веќе пристигнале и чекаат. Сè ќе се олади. Уште една мисла ми е постојано во главата, господине Сивиќ. Ние претставништвото не го проширивме. Шест месеци стоевме во место, а имавме конкретни директиви. Потребни се 400 нови квадрати.
СИВИЌ: Мене тој проблем не ми се симна од уста, господине Херцог.
ХЕРЦОГ: Требаше да ве послушам. Ако беше проширено можеби ќе му оставеше на господин Клаус поповолен впечаток.
СИВИЌ: А можеби ние го преценуваме тој господин Клаус. Што ако човекот е само обичен турист пред пензија кој се шета низ Европа со платени дневници без три чисти во главата? Нема да му биде јасно како залутал во оваа пустелија, ќе ги собере парталите и ќе се врати назад.
ХЕРЦОГ: А што ако е педантен, циничен Германец со два демонски заба на горната вилица? Кого јас стрпливо го чекам на станица. Ми фали уште да се спрострам пред него, како килимче. Прашајте уште еднаш кога пристигнува тоа чудо, бидете љубезен.
СИВИЌ: (Станува.) Секако.

АвторГоран Стефановски
2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 20|