Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

/, Театар/Филм, Блесок бр. 19/Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

Некој можеби ќе рече: „тоа е Орвел“, но кај Чашуле сепак не е така – во „Вител“ Затвореникот не станува предавник, тој издржува до крај и извојува морална победа, значи не се сите предавници – има и херои“. Но за жал, вистината е поинаква. Зошто, во „Вител“ обезличувањето не се случува во драмата, туку дури откако таа ќе заврши. Затвореникот станува предавник post festum, многу откако завесата ќе се спушти – тој станува предавник во „Партитура за еден Мирон“…
Самиот Чашуле го поставува прашањето: „што ќе се случи кога затвореникот ќе стане иследник?“ и вели дека така настанала „Партитурата за еден Мирон“. Уште во „Вител“ тој го поставува тоа прашање, како прашање кое Иследникот неколку пати му го поставува на Затвореникот: каков ќе биде тој утре ако стане иследник? Одговорот е повеќе од јасен: тој ќе биде многу полош и многу посуров од него. Секој режим, секоја власт, со сето зло што го носи, создава почва за онаа наредната – која ќе биде секако полоша. Секое претходно зло создава нови зла, и го прави човекот сè поогорчен, порасипан, позол – го изобличува и го обезличува. Френк Херберт во неговиот култен роман „Дина“ пишува: „Суровоста како таква ја препознаваат во иста мера и жртвата и злочинецот, како и сите оние кои ќе ја доживеат во било која ситуација. За суровоста не постои оправдание или олеснителна околност. Суровоста никогаш не ги урамнотежува или поправа грешките на минатото. Суровоста единствено ја наоружува иднината за уште повеќе суровост. Таа, по себе, е самодвижечка – варварски облик на инцест. Оној што ќе направи суровост, исто така ги прави и идните суровости кои ќе се родат од неговата.
Овие зборови на Френк Херберт во целост ја илустрираат и идејата на Чашуле: тој зборува за таков вид на инцестуозност – која раѓа сè поизопачени и подеформирани зла и суровости.

Што се однесува до обезличувањето и губењето на идентитетот, за кое како што рековме во „Вител“, се одвива post festum, сепак некои негови наговестувања, всушност и цел еден поттекст може да се насети и во самата драма. За тоа веќе и беше зборувано на почетокот на оваа расправа, кога беше споменат концептот на двојството, двојникот или doppelganger-от во драмите на Чашуле. Тој концепт, на двојството на човекот – при што секој човек во себе го носи злото, прикриено – е нераздвоиво поврзан со концептот на злото како самодвижечко, инцестуозно и размножувачко. Секој човек во себе го носи тоа зло, како остаток од сите претходни зла што се направени, тоа е печат, белег, вечна болка; тоа се размножува, расте, разорува… Секој човек е подвоена личност, она што сака да биде и она што злото го прави да биде.
„Партитура за еден Мирон“ е драмата во која обезличувањето го зема својот замав. Таа е антиутопија, таа е епопеја на апсурдот, таа е хроника за пропаста на човекот… Од една страна, „Партитура за еден Мирон“ многу наликува на Бекетовите драми: нејзината поставеност, нејзините ликови, нејзината форма; од друга страна таа ја поседува сета страотија и ужас на еден Замјатин (како најекстремниот од антиутопистите). Бидејќи основното обележје на Замјатин е да го потенцира она најгрозоморното, најужасното што може да го направи човекот, а токму тоа го претставува и Чашуле во „Партитура за еден Мирон“. Таа не е антиутопија, туку подобро хроника на ужасот, како поконкретен опис на она што го претставува Чашуле (оваа определба би можела да се даде и за Замјатин).
Ужасот – тоа е она за што зборува Чашуле во Партитура за еден Мирон.
Но она што е најстрашното откритие во оваа драма, она што Чашуле јасно го става на знаење е дека всушност – тоа е и страшната, ужасна вистина! – секој човек е Мирон. Секој човек е премалку или премногу човек – и затоа е Мирон. Секој човек во себе ја носи глупоста и болката на својата суштина.
Исто како што рековме кога зборувавме за „Вител“ дека секој е предавник, така и зборувајќи за Мирон можеме да речеме дека секој човек е Мирон. Мирон е човекот утре, оној производ на човекот вчера и човекот денес, производ на инцест по инцест по инцест – тотален деформитет на сè што некогаш било човечко. Мирон е проекција – претскажување или предизвикување на иднината.
Во „Партитура за еден Мирон“ сè е мрачно, црно и страшно. Сè е потполно диригирано, управувано, местено, лажирано… Хероите се предавници, предавниците – херои. Портретите се симнуваат а на нивно место се ставаат нови, кои како од секогаш да биле таму (исто како што паролите на ѕидовите преку ноќ ја менуваат својата содржина, а весниците се уништуваат и се заменуваат со нови весници)… Орвел напиша дека едно утро натписот на ѕидот беше поинаков; тој велеше: сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите. Мирон (или Чашуле) вели: „А … а „нашата проверена, државна, практика го има докажано, уште еднаш и неотповикливо, дека… … дека природно право на Раководството е – да си го менува мислењето“. Свршувам со цитатот. Ибидем“.
Или: „… вистината станува вистина само кога е изговорена од Раководството. Само во устата на Раководството вистината е имуна: а) од неконструктивност; б) од критизерство; в) од непринципиелност… Во сите други ситуации… вистината е сомнителна, опасна…“.
И сето тоа се одвива во една рамка од која нема излез и никогаш не може да се избега – надвор од неа. Мрак. Сè е непроѕирно. Штама. Потоа, едноподруго, почнуваат да се осветлуваат, без ред и смисла и врз разни планови, платформи и висини – предимензионирани портрети. Еден, два, три… се чини безброј? Портретите се всушност рамки, еднообразно раскошни до здодевност, а наместо ликови во нив се распнати и заробени – црнила. Отпрвин, портретите се осветлуваат хаотично, се создава дури и впечаток на полн хаос, но мошне бргу станува јасно дека во сето тоа постои строг поредок и уште построга – хиерархија. … Дури сега се осветлува и просцениумот. Гледаме дека тој е – а со тоа и сета сцена – урамен во рамка од портрет, сосем иста како и другите рамки од портретите. Се добива, затоа впечаток како сето дејство да се одвива внатре во таа рамка.
За концептот на бегството кое очајнички го посакуваат ликовите на Чашуле (и на секоја антиутопија, впрочем) веќе беше зборувано, но овде би било потребно да се одвои малку повеќе простор. Кога зборувавме за „Црнила“, ги споменавме Иван и Неда како ликови заробени во еден затворен, магичен круг од кој нема излез. Нивната желба да избегаат од сè што ги опкружува е само еден тивок крик пред безнадежието, апсурдот и црнилата. Иван на едно место во драмата вели:
Зар ти мислиш дека јас немам очи и дека не гледам што станува и каде сме? И дека сева оваа глутница што вие околу нас не ми е дојдена преку глава? Не, мила моја. Јас само чекам времињава да се смират, ќе појдам во Америка и не сакам веќе да знам ниту за Луков, ниту за сева оваа врескотница што ја крчмиме на дребно како борба за Македонија. Треба да се издржи, мила. Само уште малку да се издржи. Треба да се верува дури и во невозможно, да се нема ни очи ни мисла за ништо и од сета оваа луња да се излезе со глава на рамениците. Не гледај ме така, ти се молам. Премногу крв имам на себе за да можам сега, токму во овој момент, да се откинам од нив. Тие би ме убиле, без премислување, верувај ми.“
Иако и самиот не верува во своите планови за бегство, Иван очајнички се обидува да се залаже себе си, барем за момент. Оваа надеж за бегство, за последен пат се сретнува во „Црнила“ (како што беше споменато, „Црнила“ сè уште нуди компромиси). Понатаму таа сосема згаснува.
Во драмата „Роднокрајци“, сета надеж за излез и бегство е изгубена. Бегство, едноставно, нема. Тоа може да се види од дијалогот кој го водат Тој и Таа.
ТАА: … Ајде, ајде да избегаме.
ТОЈ: Може ли?
ТАА: Да се избега?
ТОЈ: Да.
ТАА: Може. Вреди. Вреди и кога не може!
ТОЈ: Нема бегање.
Со тоа што овие негови зборови се само потврда на еден дијалог претходно во драмата, дијалог кој кажува многу повеќе:
ТОЈ:
(по долга пауза) Мајк, да се избега?
МАЈК:
(Долго гледа во ТОЈ) Да се избега?
ТОЈ: Да.
МАЈК: Каде?
ТОЈ: Било каде. …
МАЈК: … Нема бегање! Нема! Таму каде што не се овие, ќе те начекаат оние! Или некои трети, за кои допрва ќе научиме кои се и дека се уште поопасни. Бегање, брат, нема! Таа мисла треба да се заколе, да се заколе во нас, еднаш за секогаш. Макар колку и да боли. Со неа, брат, ние сме мртви, без неа живи! Живи! Има само една вистина за мене: Да се живее! Да, да се живее! … … Да. И јас мислев да избегам. Дури како мислев. Со дни, со недели, со месеци! Да избегам дури во Норанда, во мајните. Во некаков таму, канадски, запретан чујпетел, на самиот Господа зад грб, каде што никој не те познава, не сака да знае за тебе, каде што никој не раѓа волја да фрли поглед на тебе, камо пак да се распрашува за тебе…
ТОЈ: И?
МАЈК: Нема повеќе ни Норанда, брат. Тие се, брат, и таму! И таму!
ТОЈ: Кои – тие?
МАЈК: Тие! Тие се сегде. Сегде!…

Од овој дијалог јасно се чувствува стравот и безнадежноста во која се попаднати ликовите на драмата, на сите драми на Чашуле. „Бегање нема“ и „Тие“, Сенките, Црнилата, тие се секогаш тука. Тие се присутни уште во „Вејка на ветрот“ но само како нејасни претчувства, тие се развиваат во „Житолуб“,„Црнила“ и „Суд“, земаат замав во „Вител“ и конечно триумфираат во „Партитура за еден Мирон“, „Дивертисман за еден Стрез“, „Роднокрајци“ и во „Trio funebre“. Но нивната силина и потполна присутност во „Партитура за еден Мирон“ е всушност и единствената мисла во драмата. Рамката во која е заробена целата сцена е достатна илустрација за таа заробеност. Во „Партитура за еден Мирон“ не станува веќе ни збор за бегство. Надежта за бегство е мртва, одамна. Она што е сè уште живо е надежта за смрт.
Надежта за смрт – тоа е и последната компонента на која Чашуле ѝ посветува внимание, последната компонента во неговиот систем. Неговите јунаци, заробени во своите црнила, оневозможени да избегаат од кругот или рамката во која се затворени, единствениот спас го бараат во смртта. Смртта е начинот да се избега, таа доаѓа како спас или благослов, но само под еден услов – ако воопшто можат да умрат.
Во многу од своите драми Чашуле ја споменува неможноста да се умре, како најлоша казна или судбина. Тоа е и најголемиот апсурд со кој се соочени ликовите од драмите на Чашуле. Тие наликуваат многу на Бекетовите Владимир и Естрагон, Хам и Клов, Вини и Вили – единствено што им преостанува е да ја чекаат смртта, доколку таа воопшто се смилува да дојде. Како што беше претходно споменато, и во „Вејка на ветрот“ и во „Црнила“ се гледа на смртта како на еден вид на избавување, на спас од ужасот и црнилата. Во „Вител“ и „Партитура за еден Мирон“ таа станува привилегија. Но она што највеќе ги плаши јунаците на Чашуле е дали таа воопшто ќе дојде.
Во „Маркучот во четири гласа“ најголемата клетва која му дошла на таткото на Маркучот е дека нема да може да умре, дека вечно ќе талка низ пустошот барајќи почин, немирна душа, еден вистински Vagabond des Limbes (Талкач низ чистилиштето).* Во „Сон и по него друг“ таткото на Виктор, и сите други кои се мртви, не можат да најдат спокој и лебдат некаде помеѓу животот и смртта. И во „Роднокрајци“ се гледа на смртта како благослов, како привилегија, во зборовите кои Таа ги изрекува: „Убиени души, ете што сме ние. Души на кои им ја одзеле смртта. И со тоа ги убиле. Токму затоа… јас и ти… сме во померена потрага по нашата умирачка. … Се јадеме еден со друг, веруваме дека тој спроти нас ја има таа наша пуста умирачка. Му се зајмуваме пошто-зашто на секој кој ќе застане спроти нас макар и со грст власт. Или пара. А неа, умирачката, ја нема. Ја нема. … Изгледа остана таму. Дома.“
Апсурдот, Црнилата, Сенките, Ужасот се составен дел од драмите на Коле Чашуле, како антиутопии, како хроники на ужасот. „Не прашај. Никогаш, никого не прашај го ова што ме праша сега мене. Тоа е единствениот начин – да останеме живи. Пак и нема човек кој би ти одговорил на тоа твое прашање. Сите ние – и ние терористиве и сета онаа мизерија од политичари, птриотари и џамбази и обични луѓе, како тебе – сите ние сме немоќни пред она што се вика: судбина на Македонија. Затоа е најдобро да не се праша. Да се затворат очите, да се искорне во себе макар и последната трошка покорност и да се… Впрочем, не се тркаламе само ние во овие грозни црнила што зјапнале пред нас наместо иднина. Сиот свет. Ништо од сето она што ни се чинеше идеал, свето, апостолско – не остана чисто, неизвалкано…“ („Црнила“)
Секоја антиутопија е последица на она што се случува околу оној кој ја создава, последица на некое расипано, лошо, изопачено општество, последица на рушењето на некои идеали, последица на хипокризијата на светот. Целта на антиутопијата не е да го разори со песимизам и она малку добро, убаво и чисто што останало на светот, туку да предупреди за последиците на злото, за нивната огромна моќ. Да се пишува значи да се бараат одговори. И антиутопиите се во потрага по одговори, особено на едно прашање: како да се сочува човештината во нас?

АвторБилјана Црвенковска
2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 19|