Збор и сцена во минута небо

/, Театар/Филм, Блесок бр. 148/Збор и сцена во минута небо

Збор и сцена во минута небо

На сцената минута небо

 

Комплексната структура на романот парадоксално нуди леснотија на читателското искуство, но, од друга страна, изобилието на потреси присутни во приказната излегува од рамките на литерарното. Оттука, не треба да зачудува фактот дека приказната на Цвијетиќ добива свое театарско отелотворување, каде писателот, иако надреден на своите јунаци, истовремено бидува претопен со нив. Можноста на мета-текстуална надреденост, потоа физичка, а од друга страна и интеракции со јунаците од приказната, кои се свесни за својата позиција во однос на писателот, е специфичен и автентичен концепт. Писателот-актер ја чека публиката на сцената, па сосема станува јасна неговата позиција во однос на јунаците кои ќе ги „ослободи“, па во тој момент започнува приказната. Актерите излегуваат од челична конструкција, како повеќекратно функционално сценографско решение, низ која се излегува, но низ неа и се влегува во светот на мртвите, а структуирана е како еден врз друг наредени сандаци. Оттука, заедничката конструкција има повеќе исти отвори, па таквата секвенционираност сугерира на поединечни приказни кои се дел од колективната. Естетиката на претставата е одредена со сивило, како со сценографијата така и со костимите, па едноставноста е добра почетна точка за адекватна рецепција на приказната и нејзините сиви тонови. Подлогата на која одат актерите е посветла и создава врска со хартијата и празнината: „Понекогаш само стојам со моливот над напишаниот текст. Го гледам, ама немам волја да го втиснам на хартијата. Над празнината на светот, се црнеат ноктите на Божјите раце, по седумдневното обликување“ (Cvijetić 2020:11). Оттука, актерите со својот мизансцен ги втиснуваат зборовите од приказната со која координира писателот, сместен во аголот на сцената во препознатлив работен амбиент, додека од спротивната страна ги наоѓаме столовите на кои како фигурини се сместуваат актерите, јунаците од приказната која авторот ја започнува. Хартијата на која се втиснуваат тематските имиња на сцените, како поглавја од роман, е прикажана во втор план со помош на проектор, а е проследен со звуци на машина за пишување. Значи, целата претстава нè вовлекува во светот на хартијата на која мора да биде испишана приказната. Сосема сигурно, романот на Цвијетиќ бил плодна почва за драматизација, бидејќи бројните поглавја функционираат како отворени писма, сведоштва и искази, односно монолози, со заокружена целина како индивидуалните микросветови на јунаците. За старицата која Капетан Тошиќ неволно ќе ја усмрти за на младите војници да им покаже како се пука, дознаваме низ романот од неговата перспектива но и од гледиштето на Бота кој набргу потоа ќе го загуби својот другар Горан. Анѓело ја посетува мајка му на Бота, Кармела, што ни се сугерира низ монолошкото поглавје чијашто динамичност го пресликува текот на живиот говор, кој како да бара извесна интеракција. Току затоа текстот на Цвијетиќ расте, се проширува и дава дијалошки потенцијал, вешто искористен во самата драматизација. Елиптичноста на поглавјата, како и ритамот на нивното повторување, овозможуваат пополнување на маргините на текстот на кои се случуваат разиграни фрагменти со драмски карактер, но и надградени. Како пример, љубовната приказна меѓу Сенка, девојка со муслиманско потекло, и Бота, е едно од клучните места во романот, па со својата емотивност го покрива текстот и согласно тоа на сцената е мудро имплементирано. Сенка во претставата ја запознаваме додека пее во бенд со Бота, додека во романот функционира in medias res; нема предисторија на нивниот однос, туку љубовниот исказ на Сенка е потопен во сараевската атмосфера на насетување на крвопролевањето. Сенка, како што сугерира и нејзиното име, ќе биде сенка на колективната совест, невина и чиста жртва на војната која лајтмотивски ја следи целата претстава со исказот за прочуената минута небо, како симболичко сопирање „над празнината на светот“. „Небото не пука. Небото не нишани. Небото чо’ек ништо. Слушаш ли, небото ништо.“ (Cvijetić 2020: 20). Призивањето на небеската правда или негирањето на војната и смртта е метафоризирано преку просторот на небото чијашто фреквентност е видлива во романот. Одекот на таквиот исказ, како „По овој пат се заминува. По овој и заминува. По овој пат не се враќа. На овој само се стои“ (Cvijetić 2020: 44); „Онаму каде што човек ќе влезе во ноќта, светлина напукнува. Како да ќе има пожар. Како некој да ќе гори“ (Cvijetić 2020: 12), се обележани со длабок емотивен набој кој одекнува на секоја страница од романот. Како таквата лиричност е пренесена на сцената?

2023-01-06T09:57:51+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 148|