Збор и сцена во минута небо

/, Театар/Филм, Блесок бр. 148/Збор и сцена во минута небо

Збор и сцена во минута небо

За инсценацијата на романот на Цвијетиќ „Зошто на подот спиеш“

27/10/2022

Станар на зборовите

 

Траумата на едно општество, засебно, а всушност многу пошироко и на времето југословенски единствено, е камен кој неретко бидува фрлен во ќош, но сепак, макар и со периферниот вид е детектиран и како таков – неминовен. Распадот на Југославија и неговите крвави кулиси постанаа камен на вина префрлан на различни страни, поттурнуван под килимот поради општествено-политичкото, со европските тежнеења детерминирано искупување на страните на судирот. Да се земе каменот, хуманистички соголено и искрено, и да се понесе не како товар и не како гест на наметнато, па да се опишат сите негови релјефи, вдлабнатини, пукнатини и да се почувствува неговата тежина, е вештина која заслужува почит, а со која повластено располага – уметникот. Како автентичен глас на регионалната книжевна сцена, режисер, поет и прозаист, Дарко Цвијетиќ (Приједор, 1968), е уметник кој преку жанровски поливалентното дело, вистински загледан во страдањето на човекот, ја оживува суровата вистина. Негувајќи ја личната поетика на емпатија и разбирање на другиот, овој „пост-југословенски писател“ ги урива табуизираните тематски контракти и пишува за траумата од војната, за семејната но и сеопштата, загледана во лицето на смртта. Трагедијата на поединецот, судирот на витализмот и мрачните нијанси на судбината, се драмските елементи присутни во прозното дело на Цвијетиќ, кои својот пат го продолжуваат во театарот. Романот „Шиндлеровиот лифт“ (2019), ни пренесува приказна за станарите на црвената висококатница во Приједор каде живеел и самиот Цвијетиќ, а бидува поставен во Камерниот театар 55 во Сараево во режија и драматизација на Кокан Младеновиќ. Драматизацијата на овој роман е наградена со Стеријината награда на 66. Стеријин театар. Успешната соработка помеѓу писателот и режисерот продолжува во претставата „Зошто на подот спиеш“, според истоимениот роман од 2020 година, премиерно изведена на 22 септември во Српскиот народен театар. Претставата е создадена во копродукција на СНТ, Драмско казалиште „Гавела“ (Загреб), Народниот театар во Сараево и МЕСС Сараево. Овој пат, драматизацијата покрај Младеновиќ ја потпишуваат Цвијетиќ, Мина Петриќ, Дубравка Михановиќ и ансамблот на претставата, додека асистент на режисерот е Игор Павловиќ. „Кој нема дом, тој живее во зборовите“, е една од клучни, рефрентски повторувани сентенции во романот. Светот на прозата на Цвијетиќ оди чекор потаму – зборовите живеат на сцената, а заедно со нив и нивниот творец.

 

 

Што е сине, зошто на подот спиеш?

 

За да се протолкува сценската реализација на романот, неопходно е да се осврнеме на природата на самиот роман. Концепцијата на делото на Цвијетиќ е исклучително комплексна, имајќи ја предвид жанровската природа на текстот кој, иако дефиниран како роман, почива на лирските набој, стил и правила, па се приближува кон песните во проза.

„Дали станува збор за роман – лелек, личен прилог кон мартирологијата на босанската војна, роман – парастос, ораториум или елегија – не е толку битно за еден текст кој претставува искрен и оригинален напор да се навлезе во метафизичкото срце на човечкото страдање. Тоа е обид за антрополошко проучување на феноменот на злото искажан преку поетска форма“ (Lopandić 2021: 85)

Сепак, споменатото мета-ниво на согледување на злочинот е доведено во врска со фактичкото. Полифониската структура на текстот со често повторената епистоларна форма придонесува кон впечатокот на уверливост и документарност. Имено, авторот го испреплетува фиктивното со цврстата, лична семејна приказна која се концентрира околу братот Бота и почетокот на војната. Бота од воен полицаец во ЈНА во касарната Виктор Бубањ во Сараево, станува заробеник, односно војник лишен од знаењето на чија страна ќе војува. Војничката приказна се испреплетува со семејната приказна. Давајќи им глас на другите, Цвијетиќ настојува вистината да ја прикаже во целата нејзина обемност, но таа е од поинаков вид: „Ни од оваа книга нема да ја дознаете историската вистина. Ќе добиете многу поскапоцено сознание – како се чувствуваат жертвите. Додека пишува за смртта, Дарко Цвијетиќ се бори за секој живот.“ (Avdić 2020: 110). Романот „Зошто на подот спиеш“ со намера да им укаже почест на жртвите и уште еднаш да укаже дека заборавот е злочин, е заокружен со постојан емотивен набој кој нужно води кон катарзично освестување и на крајот од краиштата вели дека приказната се однесува на секој читател.

2023-01-06T09:57:51+00:00 декември 30th, 2022|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 148|