Кој ме чита?

Кој ме чита?

Ако Ханс Магнус Енценсбергер е во право кога тврди дека без оглед на големината на јазичната заедница, секогаш постои одреден и – нагласено – мал број читатели на поезија, некаде околу илјада, тогаш поетите се осудени да пишуваат и да бидат читани во еден вид јавно гето. Ова трезвено тврдење за малцинството читатели, сепак не се однесува само на поезијата. Напротив, во светот на корпоративниот капитализам и неговиот императив – максимизацијата на профитот, сите литературни дела кои се обидуваат да бидат повеќе од непосредна сатисфакција и инстант конзумеризам, порано или подоцна  ќе се соочат со дилемата: кој ме чита?

Очигледниот – и ќе се осмелам да кажам, следствено – погрешен одговор е: другите писатели. Ако е така, тогаш менталитетот на гетото само би се зајакнал. Сепак, јас претенциозно се надевам дека има и некои други читатели, оние читатели кои настојуваат да си ги зголемат своите имагинативни моќи и да се соочат со предизвикот што проникнува од партиципативен момент што ја обележува нелагодната спрега меѓу текстот и читателот. Оттука, особено поезијата и имагинативната литература воопшто имаат неколку предности.

За разлика од формите на пишување наменети да пренесуваат информации или да дадат опис на дадени појави, имагинативната литература е во спротивна насока од редуцирањето на семантичките и наративните двосмислености кои се повикуваат само на нашите когнитивни способности. Наместо тоа, таа се развива со двосмислености и повеќезначност. Таа ужива во разновидните лични искуства, обликувани од повеќе аспекти што истовремено го збунуваат и го маѓепсуваат читателот кој мора истовремено да се движи помеѓу и низ когнитивните, естетските и етичките слоеви на текстот. Имагинативната литература не нуди одговори и лесно сварливи фрази за секојдневна употреба. Наместо тоа, таа поставува прашања кои можеби се уште поболни бидејќи остануваат неодговорени. Или, да бидам попрецизен, овие прашања се само насоки за секој индивидуален читател да трага по одговори.

За разлика од оној вид пишување што мора да ги земе предвид јавните последици од искажаното или кредибилитетот на претензиите за вистинитост, имагинативната литература бесрамно флертува со постојаното искушение да стане јазична лабораторија, лабораторија на искуството и стилот. Тежнеејќи да експериментира и да го истражува натрупаните човечки искуства, да трага по формални иновации и да си игра со повеќезначноста, имагинативната литература одбива да го земе предвид  задоволството на читателот како крајна цел на своето постоење. Она што таа го нуди се погледи и проблесоци на индивидуалната слобода и цената што некој ја плаќа за да го одржи личното достоинство, заглавен помеѓу песната на сирената на осаменоста и нужноста од живот во заедницата. И токму слободата е онаа што ги крепи напорите на имагинативната литература, слободата да се истражува и талка, слободата да се сведочи за она што се случило или што може да се случи, ослободеноста од пресметана анализа и слободата да се продолжи со интимните копнежи и соочувањето со релевантноста на конфликтите.

Слободата, опфатена во делата на имагинативната литература, се појавува во различни, повеќе или помалку осакатени форми, но сепак продолжува да делува недоловливо и, во суштина, мистериозно. Да ве предупредам: мистеријата не служи за да ја замагли реалноста, туку да ја осветли. Имено, мистеријата не е нешто што може едноставно да се отстрани со продирање до најголемите длабочини на нештото и со стасување до некаква вистина во општоприфатената модерна западна смисла, adequatio intelectus et rei. Мистеријата во делата на имагинативната литература е од поинаков вид. Таа е послична на старогрчкиот термин, aletheia, односно нешто што не е скриено па оттука кореспондира со реалноста.

Слободата и мистеријата, мистериозната слобода во имагинативните напори на писателот да ја долови реалноста, се движечката сила на моето сфаќање на испреговараниот простор помеѓу текстот и читателот. Се карактеризира со осмозично вкрстено оплодување што се појавува помеѓу идиосинкратските метафори, идеи, перспективи и визии, кои се разменети и реконфигурирани во процесот на читање. Не сум подготвен да се откажам од апсурдната надеж дека глобалната културна рамнотежа се менува малку по малку секогаш кога некој читател, седнат сам во својата дневна соба, ќе реши фиксирано да го насочи погледот на страниците на некое мало литературно списание наместо да гледа во телевизискиот екран. Зашто, при донесувањето на овој избор, читателот следи ден писател на едно патување на чијшто крај би можела да чека некоја нова перспектива, перспектива која ќе му го зголеми на читателот неговото поле на реалност, ќе му го зголеми сензибилитетот и ќе му ги исполни ноздрите со силниот мирис на некое место каде што никогаш физички не бил, но тоа, откако ќе го прочита, ќе го прифаќа како свое.

Ако, во едно време на целно ориентиран пристап, неопходноста од размислување што се фокусира на слободата и мистеријата делува како луксуз, тогаш тоа може да биде поткрепено само од надежта дека ќе се задржат фрагментите од осветлената – luxмудрост.  Слободата да се замислуваат други светови, искуства, стравови и копнежи ни помага да одиме онаму каде што не би се осмелиле да одиме без писателот, додека чувството на мистериозност што лебдее откако привремено ќе ја откриеме вистината ни помага да останеме на место. Оттука, имагинативната литература е место каде што сите градови се откриени во некој опис на анонимен провинциски град, а сите луѓе дишат синхронизирано со последните здивови на еден војник кој умира, место каде што постојано се развива преводот помеѓу визијата на писателот и искуството на читателот. Всушност, имагинативната литература е повеќе процес одошто место. Тоа е процес на преведување од кој сите ние зависиме.

Зависиме од преводот преку идиомите што ги користиме во секојдневниот живот бидејќи користиме различен речник и интонација кога разговараме со децата, и различен кога разговараме со продавачка, различен за да ѝ се обратиме на формалната публика или да шепнеме слатки глупости на увото на љубовникот. Постојано преведуваме помеѓу различните слоеви на јазикот дури и на нашиот мајчин јазик. Затоа што јас верувам во ова, оттука морам да застанам contra Роберт Фрост и неговиот легендарен исказ дека поезијата (односно, имагинативната литература) е она што се губи во преводот. Наместо тоа, претпочитам да го прифатам тврдењето на Назим Хикмет дека читањето поезија преку превод е како бакнување на невестата низ превез. Секако, има превез помеѓу, но сепак можеш да ја бакнеш невестата.

Сликите, метафорите и ситуациите може да се препознаат и се препознаваат низ културните поделби, обединувајќи ги читателите на различни јазици преку следење на истиот сет литературни упатства. И така се раѓа заедница на читатели, чиишто внатрешни разлики се одигруваат во рамките на истиот текст, продлабочувајќи ги истовремено и нашето чувство за припадност и на изолираност. На тој начин, делата на имагинативната литература нè прават свесни за нашата споделена хуманост.

Обединувачкиот потенцијал на имагинативната литература нè потсетува на нашите споделени нешта, притоа одбивајќи да ги превиди разликите, што, пак, ги наведува читателите кон бескорисните дела на имагинативната литература за да дојдат до својата доза на слобода, мистерија и фрагменти од мудроста.

Секако, ова е старомодно верување. Се заснова врз една друга старомодна претпоставка: и еден читател е подобро од ниеден. Ако ти, скептичниот читател, си стасал до крајот на оваа медитација за бесмисленоста на одговорите, тогаш ти ми ја даде потврдата за ова. Ти благодарам.

АвторАлеш Дебељак
2022-11-06T12:09:04+00:00 октомври 30th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 147|