ПРИКАЗНИ НА РАБОТ ОД СОНОТ И ЈАВЕТО

/, Литература, Блесок бр. 143/ПРИКАЗНИ НА РАБОТ ОД СОНОТ И ЈАВЕТО

ПРИКАЗНИ НА РАБОТ ОД СОНОТ И ЈАВЕТО

Пред нас е извонредната книга раскази РАЗНИШАН СВЕТ од писателката Ирена Јурчева. Многу надарено, раскошно, со „хмурна убавина“ како што вели Блаже Конески, позајмувајќи ја синтагмата од Григор Прличев, во кафказијанска атмосфера, Ирена Јурчева ги реди дневнички своите раскази-записи за денешниот живот на писателите, преведувачите и за бездушноста на новиот свет чиј основен порив е обратен од уметничките потраги  од минатото.

Книгата е поделена во два дела: прв дел наречен СВЕТ СО ПОСЛЕДНИТЕ СИЛИ во кој влегуваат одличните раскази: Ранобудниот негубинадежник, Преведувачот и неговиот плаќач, Светлина и прашина, Судбината на паднатите лисја,  Средба со острото парче од душата, Младешки бран во есента на животот, Одозгора ги гледам со блажена насмевка и Ноќник на соништа и втор дел крстен  СВЕТ  ПРЕД  УРИВАЊЕ со извонредните раскази-записи: Бо Јун Дурук,  Бездетно и безљубовно,  Тивките. Собата. Шумата, Лукатерка и Папукадија, Разнишаниот свет од птичја перспектива на Аурелија,  Приказничарот и бисерите и  Дневник за кошмари на јаве.

Сите раскази-записи се раскажани/запишани во прво лице од духовникот Иринеј: „Ќе ме прашате што сум по професија… туку зборот професија ми е чудна чудесија зашто нема само едно значење. Една ваша професија треба да опфати што повеќе знаење и умеење, а вие сакате сето тоа да го покриете само со еден збор. Професија е најчесто она што ви го бараат и вашите земјопоседници и душопоседници за да си го заработите лебот… Јас сум еден минувач по вашето тло и не чукам за да ми отворите, туку доаѓам по покана… Името ми е Приказничар. Престојувам во ќошиња, зад завесите, ѕиркам нив врати и низ прозорци… Самотник сум, не сум луд…“

Извонредно досетливо прикажување на нараторот и одлично стокмено скаменување на стварноста што ја живееме. Стварноста на приказничарот Иринеј (машки род од името на авторката!) е полна извонредни приказни од неговиот фантастичен свет кој постојано е на работ од сонот и јавето. Притоа Јурчева многу вешто, а скромно до крајна штурост, го прикажува своето огромно знаење од англистиката, американистиката, македонистиката. Македонскиот јазик е богат, а чист, синтаксички прецизен, лексички издржан со бројни убави отстапки како на граматичко така и на логичко рамниште што ја чинат прозната литерарност односно она што прозава ја прави висока уметност. Нејзината книга едноставно пленува со својата убавина и привлечност така што не може, а да не потонете во читање на раскажаното и да не ја научите понудената мудрост.

АвторДраги Михајловски
2022-05-12T07:55:12+00:00 април 30th, 2022|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 143|