Skopje secret spots – истражувачки проект

/, Галерија, Блесок бр. 138 - 139/Skopje secret spots – истражувачки проект

Skopje secret spots – истражувачки проект

 

 

 

 

 

Skopje secret spots – истражувачки проект

 

Проектот Skopje secret spots почнува да се реализира во април, 2020 година и се презентира преку бесплатна платформа на социјалните мрежи. Со „оnline“ претставување, проектот преку фотографии и кратка содржина, документира повеќе од 100 објекти, слики, архитектонски решенија и скулптури, лоцирани на повеќе отворени јавни површини и ентериери во јавни институции. До сега има околу 62 објави и се планира да бидат опфатени уште околу 40 културни белези на градот, со фокус на создадени дела во периодот од 40-те до 90-те години. Секоја објава е посветена на одреден настан или автор и содржи кратка информација како документ за настанот, за иституцијата, објектот или уметничкото дело.

 

Откривањето на значајните културолошки локации беше по сеќавање на веќе видени места, но без предходни конкретни информации за поставениот откриен „монумент“. Со истражување по монографските изданија на познатите македонски и поранешните југословенски уметници и архиви, се надополнуваа содржини за тоа што е повод за поставување на една скулптура или биста, на пример, кога е направена, кој е нејзин автор, зошто е поставена на таа позиција и тн. Во ова истражување, исто така, преку уметничките дела се опфатени и презентирани спомениците и спомен обележјата од Народно ослободителната војна и Револуцијата, спомен бисти, паркови скулптури, ентриерни дизајни и уредувања, специфични архитектонски зданија и спомен куќите каде што живееле делувале и твореле историски важните дејци, научници, уметници, револуционери итн.

 

Прво откриено дело е скулптурата на Боро Митриќески, Споменик на паднатите борци, на Булевар 11 Октомври. Понатака следеа дела на познати македонски уметници, како што се: Димо Тодоровски, Јордан Грбуловски, Петар Хаџи Бошков, Драган Поповски Дада, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Миле Корубин, Стефан маневски, Борко Лазески, Анета Светиева. Секако неизбежни беа и делата на: Иван Мирковиќ, Петар Лубарда, Лојзе Долинар, Момчило Крковиќ, Анжеј Кастен и други.

 

Skopje secret spots, во културна синтеза ги внесува и архитектите: Ѓорѓе Груин, Петар Моличковски, Вјечислав Худак, Лудек Кубеш, Душан Пецовски, Јанко Константиновски, Горица Мандичева, Милка Мицевска, Кензо Танге, Александар Никољски и Владимир Пота.

 

Имено, сите „тајни места“ беа фотографирани на повеќе локации во Скопје, како што се: Градски Парк, Пошта 2, Дом на Арм, Болница 8 ми Септември, Вардар филм, МАНУ, Макпетрол, Железарница, Езеро Треска, Металски завод Тито, Хотел Белви, Стопанска Банка, Комерцијална Банка, библиотеки, училишта и градинки, на позиции најчесто користени во затворени и полузатворени простори, како влезни партери, фоајеа, конгресни и свечени сали.

 

Секое место, секој град има свои скриени места…

 

Скулптурата е нешто со кое се судруваме кога ја одминуваме, сликата и објектот-кога ќе се оддалечиме за да ги видиме.

 

Културните вредности влијаеа на погледот, додека не почнаа да исчезнуваат низ категориите простор, време, движење. Со такви размисли, идејата за едукативно- истражувачки проект, Skopje secret spots е резултат на просторна екстензија.

 

Имајќи во предвид дека еден чист автономен објект веќе одамна е надвор од фокусот на интерес и се` потешко визуелно се воочува и насетува, менувањето на погледот станува историја. Така конструираниот реконструиран поглед, во период на самоизолација, ги открива маргинализираните „тајни места“, поддржувајќи го интегритетот на културните дисциплини.

 

Урбаното живеење …

 

Преорјентираниот шаблон, во услови на глобални, општествени промени и слободното време поминато во изолација, беа тригер за реализација на овој проект. Иницираа

 

формирање на еден „нов“ град во навидум поинаква димензија од вообичаената, град во кој сите тајни фрагменти и вредности излегоа на виделина. Несомнено, Скопје е град со инспиративна просторна единственост. Од таму идејата на проектот е да ги конзервира сите помалку заборавени споменици, уметнички дела, архитектонски градби, призори и импресии и да ги врати сите нивни легенди аналогно во едно време и простор.

 

Скопје и околината од денешен аспект се богати со многу културно историски споменици од историјата на градот. Добар дел се посветени на одделни личности кои со своите дела оставиле длабоки траги во нашето историско минато. Поставени во јавен урбан простор, тие се неми сведоци за некои настани поврзани со градот.

 

Архивирање…

 

Една од главните причини за постоење на овој проект е градењето на колективна културна меморија преку колаж од фотографии и поврзани приказни. Пристапот кон недостатокот од јавна материја, води кон истражување кои има за цел да поттикне афирмација и ширење на интерес за културата. Преку „објектот-битие“ и обликување на една поинаква перспектива раскажана преку легенди, преточени низ приказни и континуитет на едно време, архивирањето е во контекст на зачувување на културното наследство за идните генерации. Ваквата идеологија, испирирана од отсуството на колективните сеќавања, создава проек кој не едуцира повторно да го визуелизираме јавниот простор.

 

Фрагментите од Скопје, кои живеат со децинии, сега изгледаат како новина. Сите тие новооткриени места кои пред сѐ, преку селективност се архивираат, се највредните преставници на наследството на модерната уметност и архитектура на градот и општо на урбаната стварност.

 

Архивирањето на сите „тајни места“ се планира, од „online“ платформа, да биде пренесено на хартија, во форма на публикација.

 

Сегашност и историја…

 

Ако зборуваме за културно уметничкиот концепт, вметнат во една ослободена урбана средина, како за идеологија, кохерентните слики од тој концепт формираат град.

 

Историјата на градот го утврдува современото општество.

 

Споменикот може да означува, да слави, да потсетува на разни настани и на учесниците во истите и како и секој друг документ на цивилизацијата, останува исправен засекогаш, без оглед на намерата, како документ на некое завршено дејство, посветено на некој историски момент. Од таа причина, естетиката на овие објекти мора да се валоризира во однос на нивната неизбежна важност како симболи. Исто така сите творби кои се дел од овој проект, се дел од една општа стварност, од јавен простор или академски заедници и сами по себе се сведоци за различни правци и стилови.

 

Според архитектонските теоретичари, спомениците на народноослободителната борба (НОВ), на пример, имаат вонредна уметничка вредност и претставуваат сведоштво на пробивот на модернизмот и специфичната политичка положба на еден одминат систем, Југославија. Тие споменици имаа двојна природа – тие ги слават жртвите на фашизмот и ја величаат Револуцијата. Денес, односот на заедницата кон овие споменици е во согласност со другата работа на архитектурата на споменици: многу од нив се уништени, а другите се занемарени или се сметаат за несакано наследство од страна на поствоената локална политичка сцена.

 

На пример, Ресорт Маврово преку промотивна комерцијална акција ја исшара споменичната целина во Старо Бачило во Маврово. Делото на архитектот Радован Раѓеновиќ, каде има и постамент (кој датира од 70-те годни), со мозаик на познатиот уметник Глигор Чемерски, чии дела се прогласени за културно наследство, беше обележано со графит „Вдиши го Маврово“ заради локален туризам. Насликаниот ѕид не е приватна сопственост, туку дел од артикулирана уметничка целина.

 

Поради сето ова, овој проект ќе послужи како траен архивски материјал и едукативен пример во создавање на чувство на почит спрема историските вредности и еден континуетет на град кој живеел и ќе живее врз темелите на настаните и великаните кои учествувале во градење на тие вредности.

 

Односот кон културното наследство и културните вредностите е нешто што се еманира во затворени професионалните кругови (уметници, архитекти, историчари на уметност, академици). Затоа, крајните цели на овој проект се во формат на јавно образование, за да се направи разграничување на апсолутното право на приватна сопственост и за тоа која е културата вредност на таа сопственост, за заштитени културни споменици и јавно добро на јавен простор.

 

Со реализицијата на овој проект во тек е и комуникација за соработка со претставници од Управата за културно наследство, за водење на дискусија на прашањето (кое е всушност цел на ова истражување), „Што е културно наследство и како да се зачува?“

 

Интеракција, објект-субјект…

 

Истражувањето, како основа за реализација на еден ваков проект, се одвиваше и се одвива секојдневно во јавен простор и во институции и објекти. Имено, еден чин на истражување е тоа што општеството и неговата динамика, несомнено се во постојана комуникација со јавниот простор. Сите дела кои се дел од овој проект, се селектирани и се поврзани со комуникација помеѓу гледачот- посетител и објектот поставен на одреден простор. Импресијата од одредени културни белези, документирана преку професионална фотографија, дава еден монументален преглед на уметничките дела и еден развоен тек на македонската уметност и уметниците кои ја создадоа и сеуште ја создаваат таа сцена. Откривањето на сите „тајни“ заборавени места, поврзани со дизајнери, уметници, архитекти и тн., едноставно конципирано во една изложба на отворено, ја формираа постојаната поставка на Skopje secret spots.

 

Најголем дел од приказните, легендите и уметниците кои со својата креативност внеле дух во тие споменици, дела, објекти, со време се заборавени и никој повеќе не им обрнува внимание, ниту пак знае зошто стојат на тоа одредено место. Просторот кој го обсервира субјектот, колективно е во некој секојдневен шаблон и затоа субјектот не го визуелизира се она со кое се судрува. Со тоа се отвораат многу прашања: Што претставуваат? Кој ги поставил тие споменици, дела, објекти? Зошто се на тоа место? Кој е автор? Која е намената? Зошто нема објаснување? Дали уметноста постои сама за себе?

 

Ова едукативно истражување се обликува според делата, ги оживува и ги зачува сите референци и го враќа првобитното значење и улогата на сите тие кои учествувале конкретно во овој проект, во оваа изложба наречена Скопје. Исто така, проектот преку секојдневното „online“ објавување на визуелен материјал, го доближува на реципиентот (субјект, случаен минувач) просторот кој се јавува меѓу него и објектот (делото). Така консумираната култура, ја нарушува генерираната слика и создава впечаток на доминација на сликата (делото) со консеквентни референци за неа.

 

Влијанието на социјалните мрежи…

 

Живееме во време кога мнозинството луѓе едноставно не читааат долги текстови, па затоа информациите на постовите се кратки и се добар начин на комуникација, како на пример статус на социјалните мрежи (Facebook и Instagram) презентиран со визуелен материјал, фотографии. Визуелниот материјал создава взаемна интеракција помеѓу постот, читателот и објектот, а со тоа ja раздвижува човечката љубопитност и сенс за истражување и пресрет со вистинското уметничко дело во простор. (Прв пост, 23.04.2020)

[/fusion_text][/fusion_builder_column][/fusion_builder_row][/fusion_builder_container]
АвторБлагоја Варошанец
2021-12-16T21:58:10+00:00 август 15th, 2021|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 138 - 139|