Седум песни

Седум песни

Ноќ пред заминување в шума
Манифест
Разлеано
Берлинска осаменост
Нов тестамент
Мисис Робинсон на отворен пат

Чет Бејкер


Мисис Робинсон на отворен пат

 

Патот пред тебе

и Мисис Робинсон на радиото

отпрвин се пријатно изненадување

како пријател од минатото

толку вкопан во магла

што и сте заборавиле што ве врзува.

Уште по првата строфа

песната се претвора во потсетник

за смртноста на оние што го градеа

светот што го познаваш.

Остареле и ги снемува.

Меланхолијата во прогрес ја менува

првобитната радост.

Прозорците на автомобилот се премини

во светови кои насетуваш дека постојат.

Последиците од нашите постапки

нѐ стигнуваат дури со континенти отпосле.

Реката без мост го прекинува патувањето

токму кога му се наѕира крајот.

Запира сѐ освен сомнежот

и прашањата зошто животот близу вода

гарантира сѐ освен постојаност.

Овде мора да е и каменот

мек како дрво.

Како варен костен на детството.

И мачнината наеднаш престанува.

И сѐ е неочекувано можно.

Да се преноќи во непредвидена темнина

да не се почувствува страв

од селото без име

да се побара јако полноќно кафе;

и не е толку лош епилог на денот.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводСузана В. Спасовска
2021-04-03T19:08:35+00:00 март 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 136|