Седум песни

Седум песни

Ноќ пред заминување в шума
Манифест
Разлеано
Берлинска осаменост
Нов тестамент
Мисис Робинсон на отворен пат

Чет Бејкер


Манифест

 

Немој од мене да очекуваш ништо.

Подобро веднаш да се поздравиме

и секој на своја страна.

Ако си овде поради

некој од дневнополитичките детали

на погрешно место си.

Одамна живеам во куќа на брдо и со луѓе не се дружам.

Сѐ повеќе ги заборавам нормите на добро однесување

и несвесен сум за поединости

од кои светот се потресува околу мене.

Не сакам ништо паметно да кажам во врска со тоа.

Немам што да кажам.

Под окупација на тишината сум.

Моите капитулации се конечни.

Им го враќам умот на детството и наивноста на младештвото.

Одбивам политиката да ми диктира макар една минута од животот.

Не очекувај го моето мислење, разумот ми се растопи

и веќе не припаѓа никому.

Го нема тоа движење на кое ќе му се поклонам

ниту знаме што ќе го забележам.

Непосвоен се откажувам од луѓето.

Уморен сум и од мачката што ме следи како куче.

Таа има проблем со сопствениот идентитет

а јас идентитетите ги слекувам од себе.

Како лажливи се змиските кожурки

кои на ништо не нѐ учат.

Еволуирам во непредвидливото.

Не очекувај ништо поради старите дни.

Тоа не е нешто што продолжува таму каде што се застанало.

Тоа се полева со бензин и се пали,

а пепелта не е спомен туку факт

со кој иднината не сака да има работа.

Мојата единствена ангажираност ќе остане таинствена

и бескорисно недоречена.

Не очекувај ама баш ништо од мене.

Подобро веднаш да се поздравиме.

И молам да се забележи

дека ова предупредување е изречено навреме.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводСузана В. Спасовска
2021-04-03T19:08:35+00:00 март 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 136|