Кротките

Кротките

Така, сè неумоливо се враќа во она септемвриско утро: ти како никогаш се успа, а надвор сонцето веќе грееше. Сончеви зраци на твојот прозорец; сончеви зраци како камчиња удираа на твојот прозорец. Лежејќи во постелата младиот маж помисли дека навистина се камчиња. Така се довикуваа за средба јучбунарските  момчиња и девојки; така го викаше и Лилјана, пред да исчезне: фрлаше камчиња по стаклото. Тој ги протри очите, стана, се наведна преку малиот прозорец и праша. Тоа беше Лилјана, навистина беше Лилјана! Сепнат од возбуда, Емил Стрезов се закашла и почна тешко да дише; среде бистрата радост во устата, уште поспана, му се собра густа плунка страв – како и секогаш, како секојпат, штом ќе го почувствуваше оној скокот во градите и првиот знак за грч во стомакот. Кашлај, Емил Стрезов, кашлај – тоа го умеете во вашиот род! Нели туберколозата ја однесе твојата помала сестра, а после и мајка ти, таму, во сиромашното жолтосиво гратче во клисурата. Кашлај Емил Стрезов. Ритмично удира стариот будилник, надвор – липите и под нив жолтиот призрак; и чукањето на будилникот ти се впива како жолто осило во мозокот. Но денес се разбуди пред стравот, денес ти влезе сонцето и камчиња удираа во стаклото, а тоа беше Лилјана после сите тие месеци на грозничаво отсуство и, тој беше буден.

Ете како Лилјана – тоа ѝ беше името пред да премине во илегала – го напушти своето ноќно пребивалиште и повторно се појави во денот на Емил Стрезов. Не посака да каже каде била сите тие месеци, а тие двајцата со Коста немо се прашуваа дали повторно ќе ја видат, или одамна веќе се распаднала на делови: главата, пресечена од џандарите за 50 000 лева; ногата, фрлена во кратерот од уште една бомба.

Лилјана си дојде; но брзо се измолкна од нивните прегратки, па дури не се ни насмевна, а сите прашања каде била и дали се чувствува добро, ги отфрли со гневно мавтање со поцрнетата рака. Не било време за лигавење: народот, рече по трет рече пат, ја зел власта и најпосле со два збора објасни што значи тоа. Во текот на ноќта сите слегле во Софија… Како, кои сите – па, тенковската бригада, партизаните… К-к-каква тенковска бригада бе, Лиле? Уф, па тие преминаа на нашата страна, глупак еден. Ги зазеле министерствата, зградата на телефонијата, полицијата исчезнала, ги немало, сите се скриле во глувчешка дупка, намесниците уапсени… А царчето, праша Емил Стрезов. Царчето, рече Лилјана, си игра со оловните војници во својата соба. Ти, го виде ли, праша Коста, а Лилјана многу се разлути, не ја интересирало никакво царче, повеќе немало да има царче, ниту пак оловни војници. Ама вие навистина ли не разбирате, буржоазијата така ве обработила, па место мозоци имате изварка. Коста се навреди, рече, дека на една комунистка не ѝ доликува така да зборува и дека тие секогаш ќе бидат онаму каде што е народот. Штом е така, рече Лилјана, тргнувајте со мене.

Во саботното утре Јучбунар уште не беше разбрал дека народот ја презел власта; но дека нешто се мати, тоа го намирисале и маалските кучиња. Едно од нив со љубопитство ги следеше трите млади, кои брзо тргнаа по ненадејно оглувената трамвајска линија. Лилјана одеше во средина, ги фатила под рака Емил и Коста, речиси влечејќи ги нанапред. Силно тоа  момиче бе, с’скаше маалото зад пожолтените пердиња. Со погледи ги стрелаа, но тие не ги чувствуваа, сè уште не. К-к-каде одиме бе Лиле, се сепна Коста, кога пред себе ја виде зградата на полициската станица, ја фати девојката за рака молежливо гледајќи во неа. Зашто не можеше да објасни што се случува, така како што претходно објаснуваше за Маркс и за класната борба, за потеклото на семејството, за пролетерската револуција и за отпадникот Кауцки? Но Лилјана само покажа накај полициската станица и тие видоа дека за една ноќ зградата се беше променила. Од балконот на вториот кат се вееше црвено знаме, а пред влезот наместо стражари обиколуваа неизбричени мажи во шајачни панталони со качкети на главите, придржувајќи ги кубурите и пушките обесени на коланот. Прва работа, рече Лилјана, е да се направи народна милиција, за да се спречат секакви обиди за контрареволуција. И да го одржува редот, многу јасно. Нели ви реков, дека стражарите се сокрија во глувчешка дупка. Ама, додаде таа, заканувачки мавтајќи со прстот, каде и да се сокриле, ќе ги извлечеме оттаму. А ние може ли да се запишеме во милицијата, праша Коста. Многу јасно, одговори таа, не само што можете, туку треба, наложено ви е. Нели сте ремсисти[1]и ги поведе кон влезот на полициската станица.

Уште одамна многумина во маалото се сомневаа дека Лилјана е членка на ремс – така го викаа, инаку официјално беше Работнички младински сојуз, иако што официјално можеше да има во него, штом власта го забрани уште пред десет години, кога војската го направи превратот од деветнаесетти мај. Забранет или не ремс си дејствуваше и за многу девојки и момчиња во Јучбунар се знаеше дека се внатре. Пред војната, па и после, пред Германците да ја нападнат Русија, ремсистите ништо особено не правеа. Организираа собири, забави, свиреа со гитари и со акордеони и младите со задоволство одеа на тие настани. Постепено ги презедоа библиотеките, таму држеа разни говоранции, но внимаваа да не зборуваат пред сите за политика, само од време на време пуштаа по некој пакосен збор за поповите. И се тепаа со легионерите[2]. И легионерите, исто така, организираа собири, држеа говори, зборуваа за патриотизам и за воспитанието на вистинските морални добродетели на Бугаринот, мечтаеја за единство во име на националниот идеал, ги негираа партиите, но повеќето од партиите ги мразеа ремсистите. Така понекогаш собирот на овие или на оние завршуваше со некоја дупната глава, а стражарите им го гледаа сеирот, а по тоа прашање, но единствено по тоа, ние бевме на иста линија со стражарите. Вака или онака, откако Хитлер го нападна Сталин, ремсистите како да пропаднаа во земја. Од секоја десетта куќа исчезна по еден младинец. Јучбунарци научија нов збор: илегален. На повеќето пак не им беше многу јасно што прават во илегала со тие настрвени дечишта, кои ги паметеа по брзиот ȏд и по опасниот блесок во погледот.

 

Превод од бугарски: Катица Гароска Ацевска

 

The translation of this book was facilitate by a creative residency at the Sofia Literature and Translation House of Next Page Foundation, supported by Translation in Motion Project, funded by the Creative Europe Programme of the European Union and Traduki.


[1] Ремсист: член на Работничкиот младински сојуз (заб. на превед.)

[2] Легионер: Член на профашистичката организација на Бугарија пред деветти септември 1944 (заб. на превед.)

АвторАнгел Игов
ПреводКатица Гароска Ацевска
2021-11-10T17:18:37+00:00 март 31st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 136|