НА НАДГРОБНАТА ПЛОЧА Ѝ СЕ ИСПОВЕДАМ…

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 130 - 132/НА НАДГРОБНАТА ПЛОЧА Ѝ СЕ ИСПОВЕДАМ…

НА НАДГРОБНАТА ПЛОЧА Ѝ СЕ ИСПОВЕДАМ…

За жал, и покрај деталниот опис што им го дадов, никој од моите пријатели и пријателки кои работеле во медиумите во исто време кога, како што се чини, работела и Лирика Мертири (инаку, и авторка на ракописот) не се сеќаваа на колешка со тоа име.

Немав никаков резултат од моите настојувања. Поради тоа бев присилен, и тоа не баш безболно, да минувам, понекогаш во Националната библиотека, понекогаш во Институтот за медиуми, и по неколку часа дневно врз годишни колекции на дневните весници. Имав впечаток дека неколкупати бев речиси многу блиску. Велам речиси зашто помеѓу 1994 – 2001 година, периодот кога студирав во странство, под разни написи (културни хроники, интервјуа и досиеја) 11 пати наидов на половичниот попис на авторката – Л. Мертири. Се чини дека есента во тешката 1997 година авторката на написите (само доколку ракописот не е некаква приказна) се вратила од Америка каде што отишла со новинари како член на делегација, од кое време има една репортажа за нашите земјаци имигранти таму, а која е потпишана со иницијалите Л.М.

Цела година не успеав да ја најдам авторката на овие написи. Самите написи се протегаат некаде до првите години по милениумот. Меѓутоа, не може да се одреди која година се напишани овие написи зашто авторката никаде не запишала никаков датум.

Еден мој дамнешен пријател од медиумите, знаејќи за моите истражувања, ми даде, сосема кратко, надеж кога ми се јави пред еден месец и кога фалејќи се, триумфално рече:

– Еурека, јунаку! Еурека!

– Што најде? – го прашав.

– Па изгубената новинарка, Лирика Мертири, која вашата милост ја бара на небо, а таа на мојот син во гимназија му е професорка! – изјави тој со својот триумфален глас. – Ако сакаш, може утре да одиме и да се сретнеме со неa.

– Секако, те молам…! – му реков, – а на која возраст е таа?

– Ми се чини некаде околу триесет и петтата… русокоса, вистинска убавица!

– Одиме, – му реков и се договоривме да се сретнеме уште во 7:30 часот.

Пред да почне наставата, тој лично ја доведе професорката во широкиот четвртест училиштен ходник.

– Ве познавам, господине, ве познавам, – рече таа уште пред да се доближиме, цело време џвакајќи нешто полека неодредено, -не треба да се претставувате, г. Туфа.

– Мило ми е, – ѝ реков, не одвојувајќи го погледот од нејзиното лице, црвено небаре беше иритирано од нешто.

– Го работиме вашиот текст, – рече и додаде: – Душата ни ја извадивте!

– Зошто? – прашав збунето.

– Многу е тежок за учениците… како педагог вашата цел биле студентите… ама нивото на гимназијалците… знаете… Веројатно за ова сте дојден.

– Е па…

– Слушајте, – ме прекина, – книгата е многу добра и да знаете, – го стиши гласот, – сите просветни работници ширум Албанија се подготвуваат користејќи ја вашата книга… арно ама, на учениците им даваат друга, алтернативна книга, поедноставна. Вашата книга е тешка, а тешка ја прави и тоа што не е добро дидактички обработена… Немам време зашто почнува наставата. Ама ќе подготвам еден преглед со забелешки и ако дојдете по петтиот час…

– Секако ќе дојдам, – реков подготвено.

– Ех, не, не…, денес не можам, – рече проверувајќи го екранот на својот мобилен. – Денес му е роденден на татко ми…

– Вашиот татко… Трајан Мертири… жив е!?

– Татко ми денес полни 87 години… ама името ви е погрешно: се вика Џевдет, не Трајан.

– Дали татко ви бил политички двапати казнуван со затвор… поточно, повторно казнет? Колку што ми е познато, него го стрелаа… Не е така?

– О, не, не… мислам дека сте го помешале. Нејсе… мислам дека отприлика знам со кого го помешавте… Ама не! Во целата наша населба тој е еден од два-тројцата сè уште живи ветерани од Антифашистичката борба… како би можел да биде во затвор еден од првите комунисти?

– Така? – реков вчудовиден и со последната надеж тивко ја прашав: – На многу статии во печатот наидов на вашето име… кога го напуштивте новинарството?

– Јас новинарка?! Лелеее! Не бе бате… јас никогаш не сум работела како новинарка… види, можеби ме мешаш со некоја друга.

– Така изгледа – реков тивко. – Тогаш, ќе дојдам некој друг ден, – реков подавајќи ѝ рака.

– Кога сакаш, – рече, – јас во меѓувреме ќе ги подготвам забелешките.

Си отидов длабоко разочаран и не ни имав намера повторно да се вратам таму за нејзините забелешки.

Бидејќи не најдов никаква друга можност и сепак со надеж, која сега веќе имаше некаква основа, дека вистинската авторка на овие записи своето вистинско име го прикрила со друго и бидејќи нашите истражувања во медиумите никогаш не наидоа на името Лирика, одлучив да го објавам ракописот.

Освен со еден епиграф во воведот за кој мислев дека е во функција на исповедта, воопшто не интервенирав во записите од ракописот. Исповедта само ја организирав во поглавја, ја поделив во два дела, каде што во првиот дел ја оставив нејзината исповед, со која му се обраќа на единственото можно лице, починатиот Арсенио, а во вториот дел го оставив исповедувањето на Рита О., дива на албанската забавна музика, за нејзината судбина која минува низ голготата на насилство и понижување. Па и овие две поместувања ги направив само поради течението и единството, за да се добијат две компактни линии на исповед за нивните судбини, наспроти записите од анонимната авторка која нив постојано ги мешаше во збунувачки отстапки, со што ќе го направеа читањето конфузно и тешко.

Насловот беше последната интервенција. Долго бев во дилема. На лист бев запишал неколку привремени наслови, како „Несреќата“, „Јунакот со пиштол“, „Црните танкери“, па дури и „Црниот блок“. Меѓутоа, одлучив да го сочувам она што често се нагласува во раскажувањето на двете протагонистки ( а кое во текстот јас го означив со курзив), невозможноста да му ги кажат кому било нивното потресно искуство и порака. Тоа можеа да ѝ го кажат само на надгробната плоча.

АвторАгрон Туфа
2020-08-14T21:15:09+00:00 август 5th, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 130 - 132|