Опозиционо кабаре во нацистичка Германија

/, Блесок бр. 13, Театар/Филм/Опозиционо кабаре во нацистичка Германија

Опозиционо кабаре во нацистичка Германија

или: Политичко висење над амбисот со јамка околу вратот

Популарноста и успехот на вајмарското кабаре, пред сè, беше базирано врз неговата социјална критика и културно опозиционерство. Најголемиот дел од неговиот репертоар се состоеше од дела и идеи на автори со лева ориентација, кои по Хитлеровото преземање на власта мораа да се определат за егзил спасувајќи ги своите голи животи. По 1933, кабарето во Германија не замре сосем, но, тоа се претвори во една негова забавна, наивно-безопасна верзија, бидејќи единствено на таква ѝ беше дозволено да се развива, од време на време помешана со елементи на шоу од типот „малку гради, малку задници“.
И покрај системот на репресија што беше воспоставен од нацистите, и во политичката и во културната сфера, „џебовите“ на отпорот продолжија да постојат сè до почетокот на Втората светска војна. Еден од најозлогласените нацистички касапи, Јулиус Штрајхер, издаде предупредување: „Ако уште еднаш се случи некој кабаретист да исмева некој политички лидер, локалот ќе го затвориме – врз него. Ќе го елиминирам секој таков големоуст дрзник. Ако повторно слушнам дека некои ги ескивираат правилата кои Фирерот не сака да бидат игнорирани, ќе ги земам на одговорност и последиците ќе бидат сериозни“.
Еден таков дрзок кабаретист беше Вернер Финк. Роден во 1902 година, тој од почеток си ја пробал среќата обидувајќи се да стане актер во театар. „Отидов на аудиција за улогата на Хамлет и веднаш добив вработување – како лесен комичар“, се присеќава тој во својата биографија: Alter Narr-was nun (Минхен, 1972; сите цитати се преземени од ова издание). Од 1929 до 1933 година, тој раководеше со Katakombe, типично литерарно кабаре за тој период. Критичарот Фредерик Луфт се сеќава: „Финк правеше политичко кабаре кога сите други правеа – само кабаре. Луѓето одеа таму само за да видат како – овојпат ќе успее да си го спаси вратот – повторно. Беше екстатично доживување, гледајќи го како балансира на висока тенка жица – без безбедносна мрежа одоздола“.
Финк ја опишува трансформацијата на вајмарското во нацистичко кабаре: „Наместо да слегуваат во визба, нашите гости мораа да се качат на спрат – еден вид необична катакомба сместена над приземјето. Таму правевме литерарно-политичко кабаре. Јас знаев по нешто за литературата, но за политиката речиси ништо. Само знаев дека за да бидеш во кабаре, мора да си лево ориентиран. Така, станав левичар, барем навечер. Моето срце биеше надесно, а умот ми одеше лево, ако не мируваше. Но набргу, политиката стана фокусот на мојот живот. Не требаше долго размислување за да ти стане јасно кој каде стои. А ако тоа не ти беше јасно, нацистите веднаш ти го разјаснуваа. А во каков само прекрасен нацист можев да се претворам! Тие најверојатно сакаа да ме регрутираат за нивната кауза. А тоа што тие не успеаја во тоа – не беше по моја вина. Весникот Шталхелм-Цајтунг пишуваше за една од моите претстави: „Овој човек е една од најкородираните фигури на берлинската асфалт-култура. Тој не се срами да ја опишува Германија во кал, да се исмева со нашите национални и религиски сентименти.“ (стр.59-60).
По 1933 година, Евреите беа систематски отстранувани од јавните позиции, а уметниците мораа да се извадат Ariernachweis, документ кој служеше како доказ за нивното ариевско педигре. За Финк, и за многу други, беше изненадување фактот дека не можеше да се најде еврејска крв во неговата фамилија. За среќа, црквата, во која беа документите од неговата фамилијарна гранка, Левински, изгоре со сета документација! Така, промените од 1933 година не го допреа веднаш. „Можев да си ја задржам мојата синдикална книшка, само што сега имаше печат со свастика на него. Дури добив и покана да бидам комичар на лотариските вечери на Национал-Социјалистичката работничка партија. Но, за Katakombe, времето на суптилни алузии започна. И да го удревме најмалото ѕвонче со најмалиот чекан, тоа знаеше да предизвика ефект на огромен саат-будилник – за разлика од денес, кога можеш да го удираш и најголемото ѕвоно со огромен чекан за кршење камен, а луѓето прашуваат ‘Немаше некое ѕвонкање некаде?’. Атмосферата во нашето кабаре се загреваше од стравот на публиката, што еруптираше со ослободувачка смеа и ми донесуваше еден прекор по друг. Шпионите во публиката секогаш знаеја што да запишат. Имаа добар слух и брзо сфаќаа. Посебно кога смеата или громогласен аплауз ќе го наградеше моето говорење, тие веднаш знаеја: ‘Еј, ова мора да е нешто!’. Една вечер прашав еден таков запишувач: ‘Да не зборувам пребрзо за Вас? Ме следите ли – или треба јас да ве следам Вас, сега?’ (mitkommen, на германски, покрај буквалното значење – да следиш, да одиш со некого/по некого, има и значење: да бидеш одведен во полиција; стр.62).
Повеќето од зборовните игри, алузии и двосмислености кои Финк ги наведува во својата автобиографија, е неможно да се преведат на друг јазик. Неговите исмевања беа суптилни и екстремно оштроумни. Долго време властите не можеа да го теретат за вицевите и исмевањата на Хитлер, нацистите и политичките профитери. Но, кога легалните законски мерки не можеа да функционираат, нацистите применуваа други методи. „Еден ден – кога снимав филм во УФА студијата во Бабелсберг – двајца господа се појавија на местото на снимањето, и се легитимираа како припадници на Гестапо. Беа доволно љубезни да почекаат да завршам со снимањето на сцената, и дури беше очигледно дека уживаат во неа. Кога слегов до нив и кога ги прашав дали можам да им понудам превоз со мојот мал Фиат, предложија јас да се повозам со нив. И така се најдов себеси како ме возат во голем црн Мерцедес кон штабот на Гестапо. Таму, офицерите беа доста учтиви, ме прашаа за моите генералии, мојата биографија, и ми поставија неколку прашања. По час и половина, веќе мислев дека сето тоа е готово и дека ќе можам да си одам и овојпат, но тие и понатаму продолжуваа со испрашувањето. Времето за моето појавување во кабарето се наближуваше; и, јас сакав да си одам, сугерирајќи им дека и утре можеме да завршиме со сето ова. Тогаш никако не можев да знам дека кабарето веќе беше затворено. Конечно, одговорниот офицер излезе на виделина со вистината. Најучтиво, и дури по малку усрамено, ме информира дека мора да ме уапси. Ме однесоа во другото крило на зградата каде што беше сместен затворот. Кога влегов, еден огромен есесовец ми се наднесе: ‘Носиш некакво оружје?’ – ме запраша – ‘Зошто? Ќе ми треба овде? – одговорив…“ (стр.69).
Луцидите на Финк не поминуваа баш најдобро во затворот и тој набргу се најде во концентрационен логор. Таму, тој се запозна со Карл Фон Осјецки, добитникот на Нобеловата награда за мир во 1935. Од својата претсмртна постела, новинарот-пацифист коментирал, полушеговито: „Кој би помислил дека јас и ти некогаш ќе се најдеме во ист камп?“. Финк имаше среќа да ги избегне измачувањата што го убија Осјецки набргу потоа. Но, во своевиден ингениозен манир, командантот на логорот го измачуваше Финк на друг начин. Му беше наредено да изведува една од своите пародии на театарот Хабима, која во 1928 година предизвика доста мешаница во еврејските кругови. Но Финк тоа го одби со образложение дека не се сеќава на текстот, и дека е можно да се сети повторно на него кога Eвреите нема повеќе да бидат прогонувани и убивани. Во Витсантид мораше да изведува некои скечеви за да го подигне духот на луѓето во кампот. „Другари,“ – почна – „Бев замолен да ве развеселам малку. Мојот хумор ќе ни помогне во тоа. Бесилката и хуморот никогаш не биле поблиски отколку овде и сега. Ако погледнете наоколу, ќе забележите дека екстериерот додава на инспирација: бодликава жица под висок напон, со тензија исто толку висока како и вашите очекувања. Па потоа чуварите со автомати таму горе. Што се нивните куршуми наспрема нашите вицеви? Ако бевме во Берлин сега, ќе бевме уплашени. Да, секогаш кога ќе излезев на бина во моето мало кабаре, бев уплашен дека набргу ќе ме испратат во концентрационен логор. Но сега повеќе не се плашам, бидејќи веќе сум таму!“ (стр.71-72). Претставата беше голем успех кај затворениците, но командантот не беше баш најсреќен: „Направи добра работа. Но зошто не изведе некои од вицевите што те донесоа тука?“. Финк се заколна дека никогаш не ја преминал границата повеќе отколку што тоа го правеше и овде. „Како да не“ – командантот се изнасмеа, и широкоградо заигра со неговиот камшик по грбот на Финк.
Неколку месеци подоцна неочекувано беше пуштен. Една негова пријателка од Прускиот државен театар се зазела за него кај Геринг, кој често ги суспендираше наредбите на Гебелс, за да ја докаже својата супериорност во нивната борба за премоќ. Финк беше отстранет од секаква професионална активност, и беше принуден да ја продаде својата куќа за да преживее. Специјален суд се обидуваше, ретроспективно, да ја оправда причината за неговото испраќање во концентрационен логор. Но, не можеше да се воспостави цврст доказ за неговата вина. А и тоа беше годината на одржувањето на Олимписките игри во Германија, кога таа сакаше да демонстрира отвореност и либералност пред странските гости – на Финк му беше дозволено дури и да му се врати на кабарето. Неговиот коментар за псевдо-толеранцијата беше горчлив: „Вчера, моето кабаре беше затворено. Денес сме повторно отворени“. Прими неколку предупредувања и прекори од Гебелсовата служба, но за одредено време тој можеше да продолжи со својата комичарска рутина. „Луѓето од цензорската служба беа бесни на мене, бидејќи не можеа да ме фатат во своите канџи. На мојот мал олимписки скеч беше гледано со големо неодобрување и незадоволство во нацистичките кругови, а Министерството за пропаганда го следеше со сомневање секој мој потег во таа игра на руски рулет. Во таа игра на зборови ја задржав ‘банката’ во мои раце, играјќи со моите карти многу внимателно, а истовремено наддавајќи се со најголемиот влог.“ (стр.76-77).
Интервјуто што тој го даде за весникот Berliner Tageblatt на прашањето „Дали имаме хумор?“ (а одговорот на Финк беше: „Се разбира! Токму поставувањето на тоа прашање, го докажува тоа!“), доведе до забрана на весникот. Следно беше затворањето на кабарето. Причина: „Сцената каде морав да се наведнам ниско за да поминам низ ниската врата, беше пропратена со мојот коментар ‘Сега морав да се наведнам толку ниско, а сепак за малку ќе се судрев со ограничувањата поставени одозгора.’. А кога најпосле завршив со моите говорења, погледнав на сатот и се извинив: ‘Се извинувам што зборував преку моето време [über meine Zeit]. Подобро да престанам. Не сакам да зборувам за моите времиња [über meine Zeit].“. Набргу потоа, Финк беше исфрлен од Актерската Гилда (Еснаф), а без синдикална книшка, на ниеден театар не му беше дозволено да понуди работа. Забраната дојде во времето кога Гебелс, за весникот Völksche Beobachter, изјави: „Вчера, се најдовме себеси принудени да преземеме серија мерки што се однесуваат на политичкиот хумор. Се разбира, германскиот народ поседува хумор, но дури и тој си има свои граници!“.
Кога изби војната, Финк се најде во униформа на Вермахтот, играјќи ја улогата на интелектуалецот Швејк во истурена операциона единица. По ослободувањето од нацистичката власт, тој основа две кабареа во Штутгарт и Хамбург, направи неколку соло турнеи, за потоа да се повлече од кабаретската сцена, бидејќи веќе немаше ефективна платформа за политичка сатира: „Проблемот е што повеќе никој не те сфаќа сериозно. Сите се смеат, дури и тие на кого се однесуваат твоите сатири.“. Тој остана популарен телевизиски хуморист, одвреме-навреме очешувајќи се со цензура кога ќе правеше соло шоу, но сè на сè, продуцирајќи, во основа, хуманистичко-хумористични скечеви од „радикалниот центар“, како што тој ги викаше…
Умре на 30ти јули 1978 во Минхен.

Превод од англиски: Петар Волнаровски

АвторГинтер Берхаус
2018-08-21T17:22:06+00:00 март 1st, 2000|Categories: Осврти, Блесок бр. 13, Театар/Филм|