ПИСМА ОД ЈУГ – СЕНКАТА НА СМОКВИНИОТ ЛИСТ

/, Литература, Блесок бр. 129/ПИСМА ОД ЈУГ – СЕНКАТА НА СМОКВИНИОТ ЛИСТ

ПИСМА ОД ЈУГ – СЕНКАТА НА СМОКВИНИОТ ЛИСТ

Се враќам во својата авлија во еден од најтажните денови во мојот живот. Прозорецот од мојата детска соба гледаше во градината. Во ќошето растеше таа волшебна, огромна смоква. За време на сончевите денови нејзината сенка од листовите го покриваше просторот во кој го поминував времето најмногу фантазирајќи додека пред мене имаше некој отворен учебник. Беше толку смирувачки да се следи театарот од сенки што ќе почнеше со некое ветренце што ги движеше лисјата и сенките од нив. Сенките се простираа по подот, паѓаа врз ѕидовите, движејќи се на ветрот се претвораа во лавовска глава, насмевка на кловн или автомобил. Кога ќе го слушнев шушкањето на листовите, сенките одеднаш стануваа разбранувано море. Сè стануваше солено. А потоа ветрето ќе го снемаше и сенките ќе станеа тоа што всушност и се – душата на смоквата. Значи, тоа што нè опкружува не ни дава само слатки и мирисни плодови. Сето околу нас ни ја дава и својата душа, понекогаш разиграна, во танц со ветрот. Ама ние сме луѓе и не забележуваме такви работи. Секогаш, демек, имаме попаметна работа. Некаде сме забрзани не обрнувајќи внимание на својата или сенката на другите луѓе.

Целиот свет секојдневно неповратно се менува. Жално е што човечката деструкција ги менува сите мени. Мојот град е сè уште во добар дел разрушен. Тоа рушење се случи во име на некаква наводна промена. Светот се урнува за на урнатините да израсне некој нов свет. Така велат. Некаде на човечката душа, на неговата сенка, тие и таквите промени оставаат лузни. Но уверен сум дека во утробата еднакво го потресува таа мала, на поголемиот дел од човештвото, невидлива гилотина. Смоквата од мојата авлија остана да постои во моите и спомените на моите соседи исто како што се случи и со моето детство. Безгрижноста со години се собирала во грч, а веќе го нема ни театарот на смоквата со сенките да ме однесе во моментите на потполно спокојство. Сенките се всушност душата на сештото. Сончевата светлост како рендгенски зраци поминува низ нештото и онаа темна снимка на работите што ги гледаме се всушност снимката на душата. Затоа веројатно кога зборуваме за светот на сенките се мисли на она необјасниво и непознато, она од што се плашиме, она што е надвор од замислената стварност.

Зазорува. Пролетниот дожд прекина пред неколку минути и сега можам да ги слушнам птиците како се договараат за одење на некој пазар. Над градот небото полека се разбиструва и моите мисли, ако погледнам низ прозорецот пред кој растат дрвјата, ја повлекува играта на придушените сенки. Ја нема сенката од лисјата на смоквата. Кога ќе погледнам кон градот, гледам само јасни визури на зградите. Свет како исечен од хартија. Ако погледнам кон ѕидот, ја гледам разбушавената сенка од главата. Изгледа некако вознемирено, исто како што се чувствувам кога ќе се присетам на старата смоква.

Превод од хрватски: Калина Буневска-Исаковска

АвторМарко Томаш
ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводЗорица Теофилова
2019-12-27T12:00:04+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 129|