Во потрага по идентитетот

/, Литература, Блесок бр. 124/Во потрага по идентитетот

Во потрага по идентитетот

Македонската книжевна публика треба постојано да се задоволува со нови авторски ракописи што го освежуваат богатиот и обемен опус на современите македонски писатели. Затоа сметам дека е повеќе од потребно тоа што се објави романот Чиј беше Јон? на писателот, драмски автор, актер и професор на Факултетот за драмски уметности – Рефет Абази. Напишан и објавен на албански јазик во 2006 година, овој роман ја дочека и својата објава на македонски јазик. Чиј беше Јон? е една длабоко човечка приказна, фокусирана наративно во јадрото на еден млад човек што го сложува својот живот пред нашите очи. Откривајќи ги попатно сите свои елементарни и онтолошки недоумици, авторот нѐ води меѓу реалното и имагинарното и создава пред нас еден сопствен микрокосмос кој постојано нѐ тера да го препрочитуваме.

Од првото поглавје, насловено со истиот наслов како и романот, ние го запознаваме Јон низ очите на сезнајниот наратор. Тоа е момче на седум години во допир со светот околу себе, на кое низ една дождлива, сликовита приказна, во која доминантниот настан, громот што ќе помине низ него, ќе му биде предочена моќта за согледување на светот што не го знае, но што ќе го запознае подоцна. Светот што можеби не постои, фиктивен, надреален, а сепак толку видлив и моќен. Од позиција на читател фасцинира начинот на кој Абази влегува во светот на едно седумгодишно дете, проектирајќи го сето некажано низ вербалните партитури кои освојуваат со својата едноставност.

Главното прашање загатнато во насловот, на идентитетот, на личниот идентитет, на сопственото постоење ќе се постави како координатна оска на оваа книга. Од втората приказна за кучето Баљуа и посветеноста на детето, како низ нежна, внимателно исткаена ткаенина, се провлекуваат приказните на таткото на Јон, кои со секое следно поглавје нѐ воведуваат во растењето на Јон, неговата младост, првите вљубувања, па сѐ до сериозниот период на неговиот живот. Романот завршува со еден моќен разговор на таткото и ќерката и идејата од животниот пат на нејзиниот дедо, таткото на Јон, да се направи и филмска приказна. Така прецизно, внимателно, речиси ненаметливо, раскажувачот нѐ носи во животот на Јон, неговото семејство и сите важни настани, кои од романот прават суптилна биографија поврзана со сопственото себетрагање.

Класичната нарација не го попречува современото писмо. Всушност, само докажува дека едноставната, наративна, логична мисла и тоа како ѝ е потребна на книжевноста за да може да ги раскаже сите приказни за кои е подготвена. Затоа сметам дека е исклучително важно што се објави романот Чиј беше Јон? на Рефет Абази, кој во своето долгогодишно творештво и како актер и како писател и како драмски автор, а пред сѐ, како професор, се обидува да ни ги пренесе интимните, човечките, секојдневните приказни, да нѐ постави пред човекот и сите негови недоумици, да ја забележи секоја неспокојна црта на сопственото себеоткривање, а притоа тоа да е пренесено на еден магичен, едноставно близок начин, што секој читател ќе го препознае како свој.

АвторАна Стојаноска
ПреводМилан Дамјаноски
2019-04-16T10:34:56+00:00 март 30th, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 124|Tags: , |