Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

/, Литература, Блесок бр. 123/Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Кога Горан Стефановски се појавил на македонската книжевна и театарска сцена во 1974 год. со драмскиот текст „Јане Задрогаз“ и со своите дваесет и три години успеал да презентира драмско дело достојно за почит, македонските критичари во ова дело за жал не успеале да ги препознаат карактеристиките на новиот европски книжевен и културен правец, постмодернизмот. Првосоздаденото дело на Стефановски дури во деведесеттите години на дваесеттиот век добива соодветни и издржани критики. Дотогаш критичарите го коментираат „Јане Задрогаз“ со суперлативи, но теорискиот алат кој го поседуваат е недоволно прецизен за да изврши издржана и објективна анализа на истиот. Драмата „Јане Задрогаз“ добива највисоки оцени, но само поради нејзината содржина, користењето на фолклорот како предлошка, како и поради користењето на народниот јазик.

Почитуваниот академик Георги Старделов во книгата „Портрети и профили“ објавена во 1987 год. сместува еден есеј за Горан Стефановски насловен како „Горан Стефановски (1952) или Vita triumphatrix“. Во него Старделов не се впушта во интерпретација на драмското творештво на Горан Стефановски, туку го глорифицира Стефановски како личност од секојдневниот живот, поаѓајќи од неговото образование, неговото театарско семејство, неговата начитаност. Старделов барајќи централна, односно средишна идеја во драмското творештво на Стефановски, доаѓа до заклучок дека таа е сушноста на насилството во човековата историја. Големината на Стефановски ја наоѓа во умешноста насилството да го открие во специфичен македонски контекст. Насилството во „Јане Задрогаз“, смета Старделов, е дадено на митски план, а во „Диво месо“ на социјален план. Понатаму тврди дека во драмите на Горан Стефановски се проникнуваат историјата и поезијата, егзистенцијалното и поетското, топиското и утопиското. Старделов поентира дека во драмите на Стефановски се открива човекот во денешниот кошмарен свет и тој кошмарен свет во човекот. Нашиот заклучок е дека Старделов ги загатнува, но не ги дооформува прецизно согледбите за големината и важноста на Горан Стефановски во македонската драматургија. Сметаме дека недореченостите во овој текст се должат на непознавањето на теориските поими потребни за интерпретација на едно книжевно дело.

Еден научен труд со наслов кој ветува „Историја и поетика на македонската драма“, а потпишан од Христо Георгиевски е објавен во 1996 година. Во овој обемен труд кој веројатно иницијално бил замислен како некој вид пресек на целокупната современа македонска драматургија, иако се потрошени многу страници за опис на ликовите и раскажување на сижето на речиси сите драми објавени до таа година, сепак не се донесени теориски дефиниции на развојните фази на македонската драма. Алатките со кои оперира Георгиевски се позајмени од сите други науки освен од теоријата на книжевноста, па оттаму постојат многу недоследности во терминологијата и мешање на поими од други општествени науки. Иако стартува многу амбициозно, Христо Георгиевски не успева да се справи со обемниот драмски опус, ниту да го периодизира или типологизира.

Конкретно за опусот на Стефановски, тој многу повеќе низ драмите ја наоѓа и реконструира личната филозофија на Горан Стефановски кон светот и животот т.е. објаснува што сакал да постигне авторот со приказната и ликовите. За илустрација – откако за „Јане Задрогаз “ констатира дека е ритуална драма тој тврди: „Стефановски тргнал од традицијата, во неа поместува виталистички и обновителски дух, животот го слика во неговата сложеност и неповторливост, го потенцира историскиот и егзистенцијалниот трагизам не во неговата фактографичност, туку како универзална категорија која зрачи со поетски еквиваленти“ (1996:148).

Христо Георгиевски во оваа книга му посветува педесетина страници на драмскиот опус на Горан Стефановски и низ нив прави обид за детекција на вредностите на секоја драма поединечно, но за жал не успева во својот амбициозен потфат. Христо Георгиевски во својата книга „Историја и поетика на македонската драма“ интерпретирајќи ги од тематски аспект драмските остварувања на Стефановски, констатира дека во првата фаза Стефановски е модерен реалист, додека во втората започнува да создава постмодернистички драми („Хај Фај“, „Дупло Дно“, „Црна Дупка“), без да ги даде компаративно разликите од едниот и другиот корпус драми или теориската основа за овие свои тврдења.

АвторАлександра Димитрова
ПреводМилан Дамјаноски
2019-01-15T10:19:41+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 123|Tags: |