Двајца во Еден

Двајца во Еден

Прва слика
Втора слика

(Самрак на румениот хоризонт. До клупата доаѓа Нела. Гледа дека нема никого, а потоа се врти наоколу, барајќи го со поглед. Од другата страна, сиот возбуден, влетува Тото)

ТОТО: Нела, Јулија сè уште не се врати дома!
НЕЛА: (Со очигледно олеснување) Тото, се плашев дека нема да те најдам.
ТОТО: (Сè уште возбуден, се џари на сите страни) Не можев да не дојдам. Онаа мала несреќа ќе нè збудали сите дома. (Кон Нела) Мама зема ап-апчиња за смирување. Притисокот ѝ е пораснат, по цел ден вика, моите пријатели ја смируваат, а сите заедно ја бараме Јулија.
НЕЛА: Па, како да ти помогнам Тото. Ајде, ајде да ја бараме двајцата. Еве можеме да почнеме од тука…
ТОТО: (Нервозно врти со главата) Не-не можам веќе. Капнат сум од барање.
(Клапнува на клупата)
НЕЛА: Жива вода си.
(Вади шамиче од џебот и го брише)
ТОТО: (Се загледува во неа, пријатно му е) Умрев. Е-еј, дај малку и тука на вра-вратот!
НЕЛА: (Додека ревносно го брише и на вратот) Тото, сигурен ли си дека куч… Пудлата е тука.
ТОТО: Си-си… Сто посто.
НЕЛА: Од кај знаеш?
ТОТО: Пр-прво, секогаш бегала тука. Вто-второ, знам зошто избега.
НЕЛА: Зошто.
(Нешто дискретно ѝ покажува со глава. Таа гледа во него. Не го разбира.)
ТОТО: За се…
НЕЛА: За што?…
ТОТО: За секс!
НЕЛА:?! Сигурен ли си?
ТОТО: Су-ум ја фа-фатил на дело! (Ја гризе усната од непријатност и срам) Мама ни-ништо не знае.
(Таа го гледа со неверица)
ТОТО: Ќе-ќе ти кажам нешто, Нела. Са-само вети ми дека нема никому да кажеш.
НЕЛА: Ветувам, Тото.

ТОТО: (Со болка на лицето) Ју-ју-јулка е курва! Пудла про-оститутка. Дома немам мир од кучиња. Сите џукели доаѓаат и са-само ја бараат.
НЕЛА: Ајде, Тото, како може тоа.
ТОТО: Мо-може. Од раз-разочарување. Она п-орано си имаше еден за ста-стално. Додуше ме-мешанец, полусетер, но-но фин. Не можам да р-речам… Ама ја на-напушти! По цел ден ц-цвилеше дома. А, е-еден ден, во нај-најголемото разочарување …
НЕЛА: (Го гледа не трепнувајќи)
ТОТО: … ѝ се ка-ачи шко-шкотскиот овчар од комшијата. Овчар, замисли, Не-нела… Ма-ама беше очајна. Цее-ел ден ги грееше-еше ноотите. Како да знаеше што нè чека со тоа малечко ку-ку-ку… проститу-утчке. (Скршено) Од тогаш се пушти во про-промет.
(Нела не зборува. Само седнува на клупата.)
(Сонцето заоѓа. Сцената тоне во полутемница)
НЕЛА: Никогаш нема да се врати.
ТОТО: Се-секогаш се враќа… Ми-мислам и пак си оди. Ку-ку-курва малечка.
НЕЛА: Немој така, Тото. Не сакам грди зборови.
ТОТО: Ни-ни јас, Нела.
НЕЛА: Вие живеете сами Тото.
ТОТО: Са-сами, ама со многу лу-луѓе.
НЕЛА: Како тоа?
ТОТО: Мај-мајка ми дава ча-часови по клавир. Сле-слепа е и по цел ден седи дома. Беше професорка по му-музика. С-сега е во пен-пензија.
НЕЛА: Ти свириш на клавир, Тото?
ТОТО: На ла-лаута.
НЕЛА: Лаута. Тоа е многу стар инструмент.
ТОТО: Ос-остаток од прет-претходниот живот!
НЕЛА: (Се насмевнува и топло го погледнува) Нема претходен живот Тото. Ни нареден, само овој. Сношти ти ми го спаси животот.
ТОТО: (Самоуверено ниша со главата) Не јас, Не-нела. Тебе ти беше така пи-пишано.
НЕЛА: Не верувам во такви работи, Тото. Ние си ги пишуваме нашите животи. Како драматурзите своите пиеси. (Наеднаш се присетува) Види што направив за тебе.
(Од ташната вади кукла, двојник на Тото).
ТОТО: (Воодушевено) Ее-еј, па ова сум ја-јас!
НЕЛА: Нека ти држи среќа Тото. (Станува) Поинаку не можев да ти се заблагодарам. Сети се понекогаш на мене. Збогум, Тото.
ТОТО: (Скокнува, силно возбуден) Че-Че… кај-кај одиш, Нела!
НЕЛА: Дома. Да се обидам нешто да сторам од себе. Не сакам и ноќите да ме пречекуваат на оваа клупа. Знаеш Тото, можеби ќе почнам да работам. Сакам да направам една претстава. Можеби е така како што ми рече. Можеби навистина нештата ни се однапред запишани.
ТОТО: О-одлично, Нела, са-само напред.
(Таа го покрива лицето со дланките и почнува силно да плаче. Тото го остава својот двојник на клупата и ѝ притрчува)
ТОТО: Ш-што е пак сега!
НЕЛА: (Низ плач) Многу сум несреќна, Тото!
(Полека, нежно ја прегрнува; таа му се препушта, останувајќи така)

(Месечината ја менува светлината, одново сè е обоено во нестварен сребрен сјај)

ТОТО: Нормално, Нели. Ти се бориш да излезеш од кругот, а тоа ти дава сила. Треба да излезеш од черупката. И куклата на гасеницата пати додека не се претвори во пеперуга. Треба самата да ја испилиш сопствената среќа, Нели.
НЕЛА: Колку чудно зборуваш, Тото.
ТОТО: Сите чудно зборуваме Нели. Затоа повеќето не се разбираат меѓу себе.

(Се стемнува, како нивната прегратка да трае долго. На небото, над клупата се појавува жолтата полумесечина. Нивните силуети се во нејзиниот полукруг)

НЕЛА: Тото, јас сè те разбирам.
ТОТО: И јас те разбирам, Нели.
НЕЛА: За да дојдеш до среќата треба, значи, да патиш…
ТОТО: Нормално. Сè е круг. Чакра. Во претходниот живот ти си била среќна. Си слушнала за метемпсихоза, реинкарнација и палингенезија?
НЕЛА: Што е тоа, Тото?
ТОТО: Бесмртност, Нели. Секој од нас еднаш веќе се родил и пак одново ќе се роди. Сите ние имаме и претходни животи. Порано ти си била среќна и пак ќе бидеш среќна.
НЕЛА: Во идниот живот?
ТОТО: Може и во овој, тоа никој не го знае. Сè е еден круг. Еднаш си горе, потоа долу… Само што никој не знае што е горе, а што долу.
НЕЛА: Сега сум долу. Сигурно не сум горе.
ТОТО: Тоа е тркало, Нели. Сè е едно исто. Во вртењето се губи значењето. Од несреќата може да излезе најголемата среќа. Чакрата непрекинато се движи.
НЕЛА: (Се насмевнува) Можеш ли да ми кажеш што сум била во тој живот?
ТОТО: (Со впечатлива убедливост) Принцеза, убавица, па кралица.
НЕЛА: (Се насмевнува, ѝ годи) А, ти?
ТОТО: Јас? (Се замислува) Кловн или лудак, сè уште не можам да одредам. Можеби и едното и другото, треба да видам. Во секој случај осаменик. Затоа сега имам толку пријатели. Така ми било пишано.
НЕЛА: Да видиш? Каде да видиш?
ТОТО: Во месечината, Нела. На полна месечината, можеш да си го видиш претходниот лик. Како на волшебно огледало.
НЕЛА: Кога е полна месечина.
ТОТО: Утре.
НЕЛИ: (Воздивнува) Ете, и оваа ноќ ја дочекав во парков. Уморна сум Тото.
ТОТО: Тоа е од месечинава. Ти реков, утре ќе биде полна месечина. А тоа страшно заморува. Оди сега Нели, одмори се. Сонувај убави сништа. Овој е и онака грд.
(Нели заминува. Тото се загледува по неа)
ТОТО: Што ли си била во претходниот живот? Кукла, малечка моја. И ти отсекогаш си била обична кукла на конец.
(Го вади јажето од џебот. Го префрла преку сијалицата. Ја зема јамката в рака. Ја гледа. Ја става околу вратот, а потоа јажето го врзува и околу рака. Потоа почнува да го влече неговиот крај со другата рака – ритмично мрдајќи ја главата и врзаната рака. Како кукла на конец. Еден-два-три, еден-два-три… Еден зрак паѓа врз неговата кукла-двојник што има израз на – крик)

(Затемнување)

избрани осврти за „Двајца во еден“

2018-08-21T17:22:07+00:00 јануари 1st, 2000|Categories: Текст, Блесок бр. 12, Театар/Филм|